Голем дел од државите низ светот сега целосно или делумно користат кинеска технологија за надзор заснована на вештачка интелигенција, вклучувајќи ја технологијата за препознавање лица, се вели во извештајот на за меѓународен мир „Карнеги“.
Многу земји користат и кинеска технологија и американска технологија за набљудување, меѓу нив и самите САД и Кина, но и Индија, Австралија, Бразил и неколку европски земји. Многу земји во Латинска Америка, Југоисточна Азија, Африка и Блискиот Исток се потпираат само на кинеската технологија откако учествуваат во иницијативата „Појас и пат“, како и Јапонија, единствената развиена земја што го стори тоа.
Кина, освен што масовно ја користи технологијата за надзор и препознавање лица, таа исто така е и голем производител и извозник. Земјата масовно ја користи технологијата за надзор заснована на вештачка интелигенција и нејзиниот таканаречен систем на социјално кредитирање предизвика контроверзии во светот. За увозниците на кинеска технологија за набљудување, сепак, најголема загриженост претставува можноста кинеските бизниси да не се независни од кинеската влада, односно да постои можност за неовластен упад во нивните апликации.
Според истиот извештај, „Хуавеи“, компанија што е забранета од повеќе земји поради слични стравови во врска со 5Г-технологијата, исто така, обезбедува технологија за надзор заснована на вештачка интелигенција за 50 земји во светот. Американските компании „Ај-би-ем“, „Палантир“ и „Циско“ снабдуваат единаесет, девет, односно шест земји.
Наспроти критиките дека набљудувањето ги прекршува човековите права и слободи, либералните демократии во најголема мера ја користат технологијата. Според податоците, 51 отсто од либералните држави користат некаков вид надзор заснован на вештачка интелигенција, наспроти 37 отсто од затворените автократски држави, 41 од изборните автократски држави и 41 отсто од нелибералните демократии.