Нападите врз Бајден и Кина не се единствениот начин за победа на претстојните претседателски избори годинава
Рејтингот на претседателот Доналд Трамп почна полека да опаѓа. Според анкетата на „Галуп“, неговата поддршка изнесува 43 отсто, а незадоволството изнесува 54 отсто. Додека поранешниот потпретседател Џо Бајден седи затворен во својот подрум во Делавер, што може да направи Трамп за да си ја подобри сликата. Еден дел од неговата администрација очигледно заклучи дека треба да ја насочи кампањата кон остри критики за ставовите на Бајден за Кина наместо да ги велича своите постигнувања. Наместо да се претстави како воен претседател, како што претходно посочи, „Вашингтон пост“ пренесе дека Белата куќа тежнее кон стратегија со фокус на претходни изјави на Бајден за Кина и на врските на неговиот син Хантер Бајден со тамошни компании. Според нив, таа треба да му донесе победа на Трамп во ноември.
Од друга страна, високата советничка во Белата куќа, Келијан Конвеј, и претседателката на Републиканскиот национален комитет, Рона Мекданиел, сметаат дека кампањата треба да се насочи на способноста на Трамп за економско закрепнување. Конвеј објаснува дека „рекламната кампања треба да го прикаже врховниот командант и воен претседател како потпишува две илјади милијарди долари финансиска помош за Американците, го распоредува воениот болнички брод ’УСНС Комфорт‘, соработува со демократските гувернери и лидери од Г7, како говори рамо до рамо со д-р Фочи и д-р Биркс и како го мобилизира приватниот сектор“.
Таа е во право зашто на Трамп му е долг патот до победата, а истурање на бесот врз Кина и Бајден не му оди во корист. Постојат поголеми проблеми од нив. Рекламата што беше објавена претходната недела на која Бајден беше заедно со гувернерот на Вашингтон, Гери Лок, веднаш предизвика контроверзии околу наводен расизам. Новите реклами не се доволно моќни. Најобичниот проблем е што и самиот Трамп е ранлив на овој фронт. На 23 февруари, тој изјави дека кинескиот претседател Си Џинпинг „напорно работел и бил многу успешен“. На 27 март на Твитер објави дека „Кина минала низ тежок период и дека има силно познавање за вирусот. Двете држави оствариле тесна соработка што било за почит“. Исто така тој ја пофали Кина за „транспарентноста“ за коронавирусот.
Кампањата на Бајден вложи милиони во реклами со изјавите на Трамп.
Трамп има вакви изјави затоа што знае колку е важна трговијата со Кина и не може тукутака да ги прекине врските со неа. Неговиот став кон Кина е променлив, затоа што, како што истакна на скорашна прес-конференција, „има трговски договор со неа од кој треба да се слеат 250 милијарди долари во САД“ и притоа додаде дека „сака да има добри односи со државата“.
– САД треба да го засилат влијанието преку долгорочни партнерства со сојузниците. Америка треба да го зачува, обнови и прошири меѓународниот трговски систем со отвореност, правила и фер решенија на споровите.
Американците треба да ја претстават земјата надвор како промотори на принципи и трговија, но да покажат почит кон другите народи. САД треба да соработуваат со Кина поради заедничката корист и да ги намалат разликите што треба да се направи во поголема рамка во интерес на двете земји – порача претходно Роберт Зелик за „Нешенел интерест“.
Наместо да бара странски виновници, Трамп треба да ја заживее американската економија. Треба да се залага за новиот закон за итно финансирање мали претпријатија вреден 400 милијарди долари, кој Конгресот треба да го одобри.
Трамп треба да го поддржува секретарот за финансии Стив Мнучин, затоа што му е најсилен адут во Конгресот. Покрај тоа, претседателот треба да се залага за помасовно тестирање. Републиканските и демократските гувернери сè почесто се натпреваруваат со Трамп околу одговорноста за зголемување на тестирањето. Додека не се спроведе масовно тестирање и не се следат контактите, Американците нема да се чувствуваат безбедно за да се движат без разлика колку пати ќе ги увери Трамп.
Додека Трамп се подготвува за изборите, треба да прифати дека до одредена мера Бајден не ни мора да биде активен во кампањата. За него речиси е идеално да седи дома и да не прави вербални грешки. Трамп ќе биде оценет според тоа како лично ќе се покаже. Засега 22 милиони Американци се невработени. Не постои вакцина против коронавирусот. Пандемијата се шири и во руралните области. Време е Трамп да ја покаже уметноста на договорот и да ја заживее економијата или да замине во историјата како новиот Херберт Хувер.