Германските односи со Русија се влошија по труењето на опозицискиот лидер Алексеј Навални и храброто убиство на чеченскиот азилант во Берлин. На моменти, Москва беше збунета од германските ставови, истакнува Кристијан Еш од „Шпигел“
Руско-германските односи повторно се на ниско ниво
Лани Германија и Русија имаа добар почеток уште во средината на јануари, кога Ангела Меркел пристигна во Москва да одржи состанок со Владимир Путин. На германската канцеларка ѝ беше потребна помошта на Москва, затоа што само на тој начин можеше да го одржи големиот самит за Либија, на кој Германија сакаше да се прикаже во светло на арбитер на мирот. Атмосферата на состанокот беше изненадувачки пријатна и релаксирана и не се спомена фактот што Москва и Берлин претходно протераа дипломати од нивните држави. Не се споменаа ниту германските сомнежи дека руските агенции го организирале убиството на чеченскиот азилант Зелимхан Хангошвили во летото 2019 година во Берлин, што можеше да ја наруши соработката меѓу двете земји. Посетата на Меркел во Москва послужи како вистински пример за традиционалната германска политика кон Русија. Парадоксалниот принцип на таа политика е дека односите може да бидат добри и лоши истовремено, сè додека личното не се меша со деловното.
Лично потценување
Една година подоцна, тој состанок изгледа како да се случил пред цела вечност, со оглед на тоа што германско-руските односи повторно се сведоа на многу ниско ниво. Односите го допреа дното на 2 септември, кога Меркел пред медиумите потврди дека рускиот опозициски лидер Алексеј Навални бил отруен со хемискиот нервен агенс „новичок“. Таа порача дека некој сакал да го „замолчи“ Навални и редно било Русите да дадат објаснување. Ваквата реакција ја збуни руската страна, затоа што дејствуваше како некој одеднаш на копче да ја променил германската политика кон Русија. Безбедносниот експерт Дмитриј Тренин ова го оцени како „пресвртница“ и додаде дека наместо Германија да игра улога на толкувач на руската политика на Западот, таа одлучила „да заземе ист став кон Русија како и другите земји од Западна Европа“. Според него, Путин сигурно се почувствувал како Меркел да му „забила нож во грб“.
Но во Москва многумина се збунети како, од сите нешта, труењето на руски државјанин во Сибир доведе до промена во германската политика, случај што германската влада доброволно го внесе во државата кога настојуваше Навални да биде пренесен на лекување во берлинската универзитетска болница „Шарите“.
Московските набљудувачи беа изненадени кога германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас исто така навести реперкусии од проектот за гасоводот „Северен тек 2“, кој се гради од Русија до Германија. Но многумина таму се прашуваат каква поврзаност има долгорочниот проект вреден милијарди евра со судбината на еден руски опозиционер? Зошто Германија ја ескалира состојбата и ги жртвуваше своите интереси?
Рускиот одговор може да се забележи во обраќањата на министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, кој во изминатиот период беше многу директен и остар. Во европската политика министрите за надворешни работи ретко коментираат за своите колеги на начин на кој неодамна Лавров го критикуваше Мас за време на состанокот на Комитетот на министри на европскиот совет, велејќи дека „неговиот тон бил неприфатлив, непристоен и недипломатски“.
– Европската Унија се откажа од своето право да стане еден од центрите во мултиполарниот светски поредок. Со целосната ориентација на Германија кон САД во однос на многу скорашни прашања, ни покажува какви се желбите на Берлин додека истовремено таа сака да го зачува целосното лидерство во Унијата – соопшти Лавров за улогата на Германија во светот на годишниот состанок на рускиот Совет за меѓународни прашања, кој се одржа на 8 декември.
Со други зборови, Москва им се потчинува на САД. Во очите на Москва, токму тоа го покажуваат случајот со Навални и особено заканата од „Северниот тек 2“, затоа што Вашингтон веќе некое време посакува изградбата да престане. Тренин оценува дека „отсега Кремљ ќе смета дека Германија е под контрола на САД“.
Непријателство меѓу Русија и Германија
Кремљ сепак смета на една друга поочигледна причина за ваквите политики на Германија. Според Фјодор Лукјанов, главниот уредник во магазинот „Русија во глобалните односи“, сегашното непријателство меѓу Русија и Германија се должи на европското обединување, а одлучувачкиот настан беше брегзит, а не случајот со Навални. Тој вели дека по излезот на Велика Британија од ЕУ, Германија морала да ја преземе одговорноста за Европа. Во тој контекст стана јасно дека Русија повеќе не е толку важна. Врската со Русија има многу добри и лоши аспекти, но тие не се никако поврзани со главната идеја, а тоа е градење или усовршување на нова ЕУ. Едноставно, Русија повеќе не е приоритет за Германија, како што истакнува Лукјанов. Затоа сега во Москва се работи како да се одговори на понижувањето од Берлин.
– За агресивните политичари во Кремљ и во разузнавачките служби, дипломатијата е застарена алатка. Тие сметаат дека на Русија ѝ е објавена војна, па затоа треба да им се стави крај на постојаните оправдувања. Еден од нив дури смета дека треба да изврши напад на територија на Европа – вели рускиот политиколог Татјана Становаја.
Ова може да го објасни чудниот состанок на кој Лавров зборуваше со претставници на десничарската популистичка партија Алтернатива за Германија (АФД) на 8 декември, веднаш по неговото обраќање во рускиот Совет за меѓународни прашања. На крајот на краиштата, дали ќе се подобрат руско-германските односи во целост зависи од Путин.
Андреј Кортунов, директорот на московската експертска група на Рускиот совет за меѓународни прашања, тврди дека „има само еден играч во ова поле што одлучува за текот на настаните“. Путин и натаму ќе има посебна врска со Германија, бидејќи е единствената држава што одлично ја познава или барем така смета од неговото тамошно искуство како агент на КГБ во Дрезден. Тој досега се изрази на многу умерен начин. На форумот „Валдај“, во кој членуваат високи руски функционери, тој во октомври зборувал за подемот на Германија во „велесила“ и за случајот со Навални секогаш ги обвинувал американските разузнавачки служби наместо германските.
Пристап на трпеливост
Чекорите на Берлин во однос на „Северен тек 2“ ќе бидат индикатор за Москва колкава независност ќе покаже Германија. Во секој случај, Кремљ најверојатно ќе ги намали надежите за проектот. Има и многу причини за несогласувања покрај изградбата на гасоводот. Некои од нив се како Москва се справи со протестите против диктаторот Александар Лукашенко во Белорусија, очекувањето на судската пресуда за случајот со убиството на Хангошвили во март, бавното спроведување на Минскиот договор во источна Украина, справувањето со руските хакерски напади и руските акции во Сирија.
Кортунов смета дека „во рамките на политичката елита во Германија се случува генерациска промена, а политичарите што доаѓаат сега на сцената повеќе не веруваат дека Германија нешто ѝ должи на Русија. За нив далечна историја е светската војна, па дури и обединувањето на двете Германии. Руско-германското помирување на односите што се случи по војната ќе продолжи и натаму да се губи од сеќавањата на граѓаните. Москва прво мора да има јасна претстава за степенот до кој Европа и САД повторно политички ќе се помират и кои сили ќе одлучуваат во Германија кога Меркел ќе се повлече. Затоа Кортунов нагласува дека сега треба да се примени пристапот на трпеливост.