По терористичките напади од 11 септември, Џо Бајден ја прифати идејата американските сили да ја остават државата во подобра состојба отколку што ја најдоа, но сега тоа ќе го стори без да биде сигурен во намерата, пишува Мајкл Херш за „Форин полиси“
Дали САД ја постигнаа целта со повлекувањето од една од нивните најдолги странски војни
Американскиот претседател Џо Бајден некогаш беше силно посветен да му помогне на Авганистан да застане на нозе, а на почетокот мислеше дека и поранешниот претседател Џорџ Буш Помладиот го посакува истото тоа. Талибанците се вдадоа во бегство под силниот налет на американското бомбардирање, а кратката војна позната како операција „Трајна слобода“ требаше начелно да трае само еден месец. Предметот на дискусија беше што ќе се случува со Авганистан по крајот на војната. Бајден го поддржа Буш, кој инсистираше дека нема да се повтори 1989 година, кога САД заборавија на Ирак како искористен партал откако долги години ги поддржуваа муџахедините во нивната успешна војна против Советскиот Сојуз, што го отвори патот кон талибанското владеење.
Емотивната поврзаност со Авганистан
Бајден ја прифати идејата дека САД сепак треба да го задржат присуството во Авганистан. На почетокот на 2000-тите години, Бајден се обидел да го убеди тогашниот американски секретар за одбрана Доналд Рамсфелд да стори повеќе за да го приближи Авганистан кон модерниот свет, но Рамсфелд инсистирал на „мало американско присуство“ и повремени воздушни противтерористички напади и ги игнорирал аргументите за зголемување на помошта. Бајден сметал дека кога веќе се врши воена интервенција во една држава, тогаш таа требало да се остави во подобра состојба од претходно. Но како што Вашингтон почнал повеќе да се насочува кон Ирак, а самиот Бајден стана еден од оние што дадоа зелено светло за војната, состојбата во Авганистан се влоши. Талибанците се вратија и го формираа лидерскиот совет во Пакистан, а до 2004 година, кога повторно почнаа да се бунтуваат, САД веќе целосно беа зафатени во сопствената војна во Ирак. Денес состојбата е надвор од контрола. Финансирани од продажбата на опиум и пакистанските разузнавачки агенции, се верува дека Талибанците имаат влијание или контролираат најмалку половина од државата. Тие слободно можат да извршат напади, дури и на главниот град Кабул, особено затоа што милитантната група длабоко се инфилтрира во деморализираната авганистанска војска.
Не се става крај на војна со повлекување
Сега разочараниот Бајден зазеде сосема поинаков став, кој многу потсетува на оној на Буш и Рамсфелд од тоа време.
Никој нема претстава што ќе се случи барем со делумно враќање на талибанската власт, иако Бајден го испрати американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Авганистан само еден ден откако вети дека САД ќе ја „поддржуваат и во иднина“ избраната авганистанска влада. Први на удар може да се најдат жените и девојчињата на кои Талибанците им забрануваат да одат на училиште и да се појавуваат во јавност. Некои внатрешни лица од Пентагон и разузнавачката заедница стравуваат дека прерано е прогласен успех, а пребрзото повлекување на војската може да го изложи Бајден на критики какви што претрпе поранешниот претседател Барак Обама кога ги повлече силите од Ирак во 2011 година, по совет на Бајден, за само кратко потоа Исламската држава да го исполни вакуумот на моќ.
Скапа инвестиција
Со текот на времето, Бајден почна да сфаќа дека поради ендемичната корупција, САД фрлија милијарди долари и загубија речиси 2.500 Американци покрај повеќе од 20.000 ранети во нација што беше неповратно заостаната и нефункционална, со која управуваат водачи со средновековни и фундаменталистички сфаќања. Универзитетот „Браун“ во своето истражување за трошоците од војната откри дека таа ги чинела САД 2,26 илјади милијарди долари од почетокот на инвазијата на 7 октомври 2001 година.
Претседателот исто така почна да се сомнева во бескрајните аргументи на Пентагон за да се чека на соодветните „услови“ пред да започне повлекувањето на војската. Како што самиот посочи во неговиот скорашен говор, тој веќе со години ги слуша истите дебати, а истакна дека во 2014 година, НАТО официјално соопштил декларација во која се потврдува дека авганистанските безбедносни сили ќе ја преземат одговорноста за Авганистан до крајот на таа година. Но тоа не се случи, а американските специјални операции и силите на Алијансата, иако начелно требаше да ги „советуваат“ авганистанските сили, сепак на крајот самите водеа во борбата.
Откако стана претседател, Бајден бргу ги сигнализира своите намери кога го задржа Залмај Халилзад, пратеникот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Лани Халилзад преговараше за контроверзен договор со Талибанците, според кој американските трупи ќе заминат до 1 мај во замена за Талибанците да ја отфрлат Ал каеда и да влезат во мировни разговори со авганистанска делегација. Талибанците во голема мера не успеаја да ги исполнат овие ветувања, иако Бајден вели дека повлекувањето на САД ќе започне на 1 мај во секој случај. Соопштението на Бајден со кое најави повлекување на САД исто така може да го забрза крајот на „вечните војни“ против другите терористички групи во светот, како Исламската држава, ако не се смета дека тие претставуваат стратегиска закана за САД.