Компанијата „Фејсбук“, која во моментот е под истрага за прекршување на антимонополските закони во САД, би можела да биде принудена да се откаже од своите планови за понатамошно интегрирање на социјалните медиуми, апликации и платформи, вклучувајќи ги и Фејсбук, Инстаграм, Ватсап и Месинџер. Американските власти размислуваат да побараат забрана за плановите на компанијата уште повеќе да ги поврзе своите услуги, делумно зашто тоа би ја отежнувала поделбата на „Фејсбук“ при евентуална строга антимонополска пресуда, објави весникот „Волстрит џурнал“.
Најголемата компанија за социјални медиуми во светот првпат во март ги објави плановите за понатамошно интегрирање на своите платформи, велејќи дека луѓето треба да можат да користат која било од нејзините апликации за да комуницираат со своите пријатели и дека тие треба да можат да го прават тоа лесно и безбедно.
Американските власти се загрижени дека интегрирањето на „Фејсбук“ може да ѝ наштети на конкурентската средина. Бидејќи „Фејсбук“ речиси сигурно ќе го ограничи интегрирањето на сопствените услуги, тоа уште повеќе ќе го сврти пазарот во негова полза. Во својот најнов извештај за заработката, „Фејсбук“ соопшти дека 2,2 милијарди луѓе во светот секој ден користат барем една од неговите платформи.
Дури и неговата најмала платформа во однос на месечните активни корисници, Инстаграм, има над една милијарда корисници, што е повеќе од бројот на корисници на неговите американски конкуренти, Твитер, Пинтерест и Снепчет, земени заедно.