Костумите што ги одржуваат во живот астронаутите на НАСА во вселената се создадени од талентиран тим на вешти шивачки
Научник. Инженер. Астронаут. Овие кариери најчесто се поврзуваат со вселената. Но постои уште една активност, многу постара од историјата на човечкиот лет во вселената, која е еднакво важна за денешните мисии – скромниот занает на шиење.
Кога Џин Вилсон имаше седум години, нејзината мајка ја научи да шие. На деветгодишна возраст Вилсон дизајнирала и правела облека за своите кукли. Десет години подоцна, во 1969 година, таа беше една од неколкуте шивачки во компанијата „ИЛЦ Довер“, кои ги направија вселенските костуми на Нил Амстронг и на Баз Олдрин за слетувањето на „Аполо 11“ на Месечината.
– Сестра ми работеше во компанија наречена „Плетекс“, која во тоа време беше поврзана со „ИЛЦ Довер. Таа правеше градници и појаси – раскажува Вилсон.
Цврстиот и флексибилен материјал дизајниран за женска долна облека се покажа како идеален и за вселенската облека. Сестрата на Вилсон ѝ кажала за можноста да работи на вселенски одела за новите астронаути на мисиите „Аполо“.
– Само што наполнив 19 години. Бев многу млада и бев многу возбудена – вели таа.
Вилсон дала отказ во компанијата каде што шиела патни торби.
– Тоа беше брзо производство. Кога дојдов да работам во „ИЛЦ Довер“ и да шијам одела за космонаутите од „Аполо“, сѐ беше толку бавно. Секој шев мораше да се провери заради важноста на она што го правевме – вели таа.
Обуката вклучувала читање и разбирање планови и модели, соработка со инженери и прецизно шиење со новодизајнирани конци и разни деликатни повеќеслојни материјали.
– Дури и да имаше 21 слој, дебелината беше многу мала. Би помислиле дека ткаенината не чинеше многу, можеби пет или шест долари за еден метар. Но, не. Таа чинеше речиси 3.000 долари и буквално беше затворена во сеф – раскажува таа.
Готовите костуми биле носени во локална болница во Довер, Делавер.
– Мораа да им направат по две рендген-снимки за да бидат сигурни дека не останале игли или нешто друго во костумите. Имаше ноќи кога одевме дома и се прашувавме дали сме оставиле игли во костумите. Понекогаш не спиевме и плачевме. Знам дека јас плачев – вели таа.
Тимот бил составен само од жени. Вилсон работела на торзото, рацете и нозете на костумите, а ги шиела и имињата на астронаутите. Други шивачки се специјализирале само на чизмите или, како Џоан Томпсон, на безброј ракавици што биле потребни за обуките за слетување на Месечината. Астронаутите доаѓале во Делавер да ги пробаат костумите. Тие често потпишувале фотографии за шивачките и ја фалеле нивната работа.
– Секој астронаут имаше калапи направени од неговите раце. На дланката имаше долги ленти што минуваа низ прстите и имаше отвор за палецот и мораше да се шие околу него – вели таа.
Ракавиците биле составени од повеќе делови и набори за да може космонаутот да ја истегне раката.
Томпсон исто така научила да шие како дете. Таа ја оставила работата во фабрика за облека за да се приклучи на „ИЛЦ Довер“, каде што останала 38 години. Томпсон, која сега има 82 години, се присеќава на постојаните тестирања за издржливоста на костумите.
– Моравме да направиме различни примероци и тие ги испраќаа во лабораторија каде што ги тестираа сѐ додека не се искинат. Ги правевме по цел ден и знаевме дека ќе бидат уништени. Но знаевме дека од нив зависи животот на луѓето, па затоа само продолжувавме да работиме – вели таа.
Во 1973 година, една година откако завршија мисиите „Аполо“, вештините на една шивачка помогнаа да се спаси првата американска вселенска станица „Скајлаб“. Набргу по лансирањето, заштитниот слој неочекувано се искина. Екипажот не можеше да се качи бидејќи температурите внатре беа опасно високи. Беше потребна итна замена на топлотниот штит и Ајлин Бејкер беше ангажирана од подизведувачот на НАСА, „Џенерал електрик“, да помогне во напорите.
– Тоа беше материјал од многу тенки слоеви на алуминиум и ламиниран најлон. Едната страна беше светло портокалова, а другата сребрена. Тие го нарекоа чадор, бидејќи личеше на чадор – вели синот на Ајлин, Херб Бејкер, кој 42 години работел во НАСА.
Заменетиот топлински штит функционираше. Неверојатната фотографија со Ајлин пред машина за шиење, опкружена со обемниот материјал што го држат неколку луѓе, е закачена на ѕидовите на вселенскиот центар на НАСА. Во него работеле и Херб и неговата мајка Ајлин, која починала во 2004 година.
Материјалите за заштита од топлина продолжија да се произведуваат со развојот на вселенскиот шатл. Џин Рајт му се придружи на подизведувачот на НАСА, Обединетата вселенска алијанса, за да шие термални ќебиња за шатлот.
– Рачно шиевме многу повеќе отколку што мислат луѓето. Правевме и термички бариери. Ни требаа четири дена за да ги направиме рачно. Тие се користеа само за три лета, па затоа постојано ги правевме – вели Рајт.
Шатлот се пензионираше во 2011 година, а вселенскиот костум на Нил Амстронг сега е во музеј. Но „ИЛЦ Довер“ продолжува да користи шивачки за да ги прави вселенските костуми, а во тимот сега има и еден маж.
– Основната премиса на вселенска облека не е променета. Во суштина, се користат истите и на Меѓународната вселенска станица, со некои измени. Тие се од клучно значење за животот на космонаутите. Ако астронаутот излезе и направи вселенски лет и неговиот костум не функционира како што треба, тогаш ние сме одговорни за него. Костумите треба да издржат шест до седум часа вселенски лет – вели историчарот на „ИЛЦ Довер“, Бил Ареј.
Шиењето продолжува да напредува и во други области на вселенската индустрија. Летало на Европската вселенска агенција во моментот е на пат кон Меркур, а во него се наоѓа и производот на Ивон Мајер. Специјалистката за производство и интеграција на компанијата РУАГ во Австрија ја почнала својата кариера во една модна школа.
– Никогаш не ме интересираше облеката. Интересно ми беше да произведувам нешто потехнички напредно и затоа да шијам изолации за вселенски летала – вели Мајер.
Работата на Мајер помага во заштитата на инструментите на вселенското летало од температури до 450 Целзиусови степени.
– Користиме големи машини за шиење и ако има непристапни места, тогаш шиеме рачно. Истото го правиме и ако материјалот е премногу дебел – вели таа.
Шивачките конечно го добиваат потребното признание за исклучителниот придонес во развојот на вселенската индустрија.