Иран најави прва заедничка воена вежба со светските сили Русија и Кина и порача дека иранските бродови наскоро ќе пловат во Атлантикот кон САД.
Адмиралот и заменик-началник за координација на иранската армија Хабиболах Сајари, за новинската агенција Тасним, изјави дека воените бродови на Исламската Република нема да ја почитуваат „линијата од 12.000 милји“, нацртана од „хегемонистичките сили“, и ќе пловат по Атлантски Океан. Тој рече дека иранските бродови претходно го правеле тоа кружејќи околу Африка, но дека морнарицата сега има намера „уште еднаш да го покаже своето присуство во Атлантски Океан и слободно да плови колку што ѝ дозволуваат меѓународните поморски закони“. Сајари рече дека не може да даде конкретен датум за таквиот потег на морнарицата, но откри кога ќе се случи друга голема операција, заедничките воено-поморски вежби со Русија и со Кина. Маневрите се закажани за 27 декември, а Сајари откри нови детали за нив.
– Појдовна точка на вежбата, која се одржува со учество на поморските сили на Исламска Република Иран и на руската и на кинеската морнарица, е третата поморска област во Конарак – посочи тој, алудирајќи на југоисточното пристаниште, каде што западните сили сигурно ќе го следат обидот на Техеран да ги привлече двете големи источни сили Кина и Русија, наспроти испреплетените геополитички ривалства.
Иран ги засилува своите поморски активности откако САД се обидоа да го изолираат економски и политички преку санкциите воведени по ланското повлекување на претседателот на САД, Доналд Трамп, од мултилатералниот нуклеарен договор. Другите потписнички на договорот – Кина, ЕУ, Франција, Германија и Русија – продолжија да го поддржуваат договорот, но Европа се мачеше да ги одржи своите ветувања поради американскиот притисок, што го поттикна Иран да ги намали своите обврски кон договорот.
Во меѓувреме, тензиите се заострија околу виталните трговски маршрути, бидејќи Вашингтон го обвини Техеран дека го попречува протокот на нафта во Персискиот Залив, со напади врз танкери и врз саудиските нафтени капацитети. Иранските власти ги негираа таквите обвинувања, но во јули запленија танкер што пловеше под знамето на САД, и тоа само неколку недели откако еден ирански супертанкер беше запрен од Гибралтар, кој е под управа на Британија, поради сомнение дека се обидел да испорача нафта во Сирија, која е забранета дестинација со санкциите на ЕУ.
Тој ирански брод, кој заедно со бродот на САД што оттогаш беше ослободен, го направи истото патување од 12.000 наутички милји околу Африка, за кое Сајари зборуваше во најавите за иранските операции во Атлантски Океан. Техеран тогаш ја обвини Британија за „пиратство“, зашто го попречувала иранскиот брод да транзитирал низ меѓународни трговски маршрути.
Сајари заговара испраќање ирански воени бродови кон Западот уште од 2014 година, кога на претходната функција како поморски командант најави распоредување на иранска флота во Атлантски Океан. Ваквите најави ги повтори и неговиот наследник, актуелниот командант на морнарицата, адмиралот Хусеин Ханзади, како и други членови на иранското воено-политичко раководство, кои зборуваа за испраќање ирански бродови за да ги зајакнат односите со Венецуела. Социјалистичката влада на земјата од Латинска Америка доби поддршка од земји како Иран, Русија и Кина, додека САД и нивните сојузници го признаа лидерот на опозицијата Хуан Гваидо за „привремен претседател“ на Венецуела.
Техеран, исто така, се обидува да ги зајакне дипломатските врски во регионот, додека се зголемуваат тензиите на Блискиот Исток. Како одговор на американската иницијатива за формирање меѓународен поморски безбедносен конструкт, кој засега ги вклучува Австралија, Бахреин, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Британија, Иран ги покани соседните арапски држави во т.н. коалиција „Надеж“ за одржување на мирот во Ормутскиот Теснец. Иницијативата доби поддршка од Русија и од Кина, но допрва треба да биде официјално одобрена од која било друга сила или, пак, од предложениот безбедносен концепт на Москва за Персискиот Залив, во кој би биле вклучени регионални држави заедно со глобални сили како САД, Кина, ЕУ и Индија.
Москва и Пекинг ги отежнуваат обидите на Вашингтон да го блокира Техеран, па администрацијата на Трамп уште повеќе ги засили напорите за попречување на обидите на Иран слободно да транспортира стоки. Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, неодамна најави санкции против најголемата иранска компанија за бродски транспорт, за која тој тврди дека се занимава со ширење оружје за масовно уништување. На друга прес-конференција, американскиот секретар за одбрана Марк Еспер изјави дека САД со формирањето поморска коалиција и со распоредувањето дополнителни сили во Саудиска Арабија „испраќаат јасна порака до Иран дека меѓународната заедница нема да ги толерира неговите злонамерни активности“. Тој рече дека целта на Пентагон е да ги здружи сојузниците околу целта за одржување на регионалната стабилност и предупреди дека Иран не треба да ја смета воздржаноста на САД за нивна неподготвеност да одговорат со одлучувачка воена сила доколку Техеран случајно реши да ги нападне американските сили или интереси.