Додека САД тактизираат во воведувањето нова стратегија за заштита на дигиталните податоци, ривалските сили како Русија и Кина веќе го зграпчија денот, велат Ерик Розенбах и Кетрин Манстед од „Форин аферс“
Како да се победи во битката за заштита на податоците во пандемија
Во последниве години, голем број ривалски влади започнаа сериозно да водат сметка за заштита на податоците. Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот лидер Си Џинпинг сметаат дека 21 век им припаѓа на нациите што ги контролираат комуникациските платформи, независните медиуми и доминираат во развојот на технологии, како што е вештачката интелигенција. САД допрва треба да се покажат во оваа сфера. Приоритетот на американските сајбер-стратегии е одбрана на физичката инфраструктура, како рутерите, серверите, компјутерите и паметните телефони, но постојано ги потценуваат економското и политичкото значење на информациите што минуваат во таа инфраструктура. Американскиот приватен сектор, кој ретко дејствува во американски национален интерес, е главно одговорен за заштита на платформите за податоци и информации. Меѓутоа, може да биде тешко да се изготват регулативи и национални безбедносни политики за податоци и технологија што не се во судир со демократските и капиталистичките вредности. Национална стратегија за информации може да звучи или да стане орвеловска без вистинско политичко раководство. Но за да напредуваат во 21 век, демократиите сега мораат да ги ставаат информациите во центарот на внатрешната, безбедносната и надворешната политика.
Инциденти со собирање податоци
Руското мешање во американските избори може да се смета за најпознат случај кога една држава користи чувствителни политички и социјални информации за да нападне друга, но во никој случај тоа не е единствениот пример. Во 2014 година, кинески хакери украдоа лични информации на над 22 милиони Американци што имаат безбедносни дозволи. Тој упад во мрежите не само што ја покажа ранливоста на американските владини системи кон непријателските актери туку и на Кина ѝ овозможи огромен извор на податоци.
Американските безбедносни власти веруваат дека од Кина потекнува упадот во податоците што ја потресе агенцијата за кредитни извештаи „Еквифакс“ во 2017 година, во кој хакери ги украдоа финансиските и личните информации на приближно 147 милиони Американци. Со тие украдени информации од САД, Кина може да ги дополни празнините во сопствените бази на податоци. Иако потрошувачите им обезбедуваат многу податоци на кинеските гиганти во е-трговијата, кинеските фирми во финансискиот и во здравствениот сектор се мала капка во океанот во споредба со нивните американски еквиваленти. Операцијата „Еквифакс“ им обезбеди на Кинезите детални, организирани информации за речиси половина од американското население. Уредните, лесно пребарливи податоци, колку и да се преземени, се од клучно значење за компаниите што работат на усовршување на апликациите со вештачка интелигенција за воена и за комерцијална употреба. Пекинг особено сака да доминира во сферата на вештачката интелигенција до 2030 година. Доктрината на Си за цивилно-воена фузија ги поттикнува истражувачките напори на приватните корпорации, воено-индустриската база и разузнавачките агенции на народноослободителната армија. Од друга страна, Кина сака да дојде до податоците на други земји, а во меѓувреме да го ограничи надворешниот пристап до своите. За таа цел, Кина, Индија, Русија и други држави воведоа силни закони за локализирање на податоците за да ги спречат компаниите да споделуваат одредени видови информации преку границите.
Информациите се најскапоцениот ресурс за една држава
Во приватниот сектор, пристапот до податоци има тенденција да креира подоблесен круг, според кој, поголемата достапност до податоците им овозможува на компаниите да градат подобри апликации што им носат поголем профит и им дозволува да собираат и да инкасираат уште повеќе податоци. Ваквата динамика објаснува зошто информациските гиганти како „Алибаба“, „Амазон“, „Фејсбук“, „Гугл“ и „Тенсент“ се монополи. САД треба да се подготват ако ривалските држави ги зголемат сајбер-нападите врз базите на податоци на водечките компании. На пример, ако Кина сака да го поддржи својот државен фаворит за да стане доминантен играч на одреден пазар, тогаш дури и минимален сајбер-напад може да предизвика сериозна штета по ривалската фирма. Дури и пред една погодена фирма да открие ваков напад, таа може да се соочи со голем број економски, правни и репутациски проблеми, да загуби клиенти и пристап до синџирите на испорака.
Системите за машинско учење што се потпираат на податоци сега помагаат во донесувањето одлуки во многу области на приватниот и јавниот сектор. Нападот врз интегритетот на податоците дури и не треба да биде успешен за да биде катастрофален. Перцепцијата дека постои надворешен увид во податоците на организацијата и се нарушени нејзините процеси на донесување одлуки, може да ја намали јавната доверба во компанијата, во државната агенција, па дури и во демократски процес.
Откако беше воведен интернет во Кина во 1990-тите години, таа го разви најсофистицираниот светски систем на мрежна контрола, цензура и пропаганда и воведе големи ограничувања на пристапот до пазарот за странски медиуми и технолошки компании. Русија ја следи практиката на Кина, а во еден свој поамбициозен потфат, Москва планира да тестира постапка што целосно ќе ги исклучи руските корисници на интернет од глобалниот интернет. Дури и Министерството за одбрана на Велика Британија предупреди дека демократиите можеби треба да се повлечат од заложбата за отворен интернет и да размислат за „национални или регионални сајбер-граници“. Ваквите потези ќе уназадат децении на економски либерализам, ќе ја поделат релативната отвореност на тековните протоци на информации и ќе предизвикаат сомнеж и непријателство. Освен ако САД не успеат да воведат поинаков курс, светот може да тргне токму по овој пат.
Реалниот план на САД
САД мора да усвојат национална стратегија за информации во чиј фокус ќе бидат податоците. Досега неуспешно се покажа централниот пристап кон мрежите на националната безбедност. Постои само мала веројатност за катастрофален напад врз инфраструктурните мрежи, но токму таа можност ги одврати лидерите од одбрана на најскапоцениот ресурс на државата, а тоа се информациите.
Неодамнешните чекори за заострување на законите за странски инвестиции се охрабрувачки. Оваа година, Комитетот за странски инвестиции во САД ги принуди кинеските инвеститори да се повлечат од стартапите за здравствена заштита, кои се богати со податоци, како и од една позната апликација за состаноци. Новите регулативи наскоро ќе ја заострат контролата на странските инвестиции во високотехнолошки фирми, кои поседуваат многу чувствителни податоци. Сепак, Конгресот треба да го дополни зголемениот надзор на странските инвестиции со повеќе средства за поддршка на компании и истражувачки институции што развиваат вештачка интелигенција. Владата особено треба да помогне во зајакнувањето на технолошките компании чии иновации немаат непосредни комерцијални апликации, но можат да ги поддржат американската национална безбедност или економските интереси на подолг рок. Овие мерки ќе бидат дополнително засилени со национален режим за заштита на податоците. Многу демократии, а особено САД, се борат со комплексната мрежа на државни и специфични индустриски барања за заштита на податоците и приватноста. Владините агенции мораат да ја зајакнат координацијата со приватниот сектор, кој е во првите редови на конкуренцијата и конфликтите во 21 век. Разузнавачката заедница треба да споделува процени на заканите со високотехнолошките компании, платформите на социјалните медиуми и субјектите што чуваат голем број чувствителни податоци. Во исто време, Конгресот мора да ги изгласа и долгоочекуваните закони. Откако ќе ја зајакнат својата одбрана, САД треба да ги разоткријат злонамерните тактики и сомнителните планови на своите противници. Во исто време, демократиите ќе мора да дадат соодветен одговор во информацискиот натпревар. Тие мора да ги зголемат капацитетите на нивните економии за производство, подобрување и заштита на податоците, истовремено избегнувајќи ги искушенијата на протекционизмот и монополизмот.