Сојузите на Блискиот Исток се менуваат, но ЕУ бавно реагира на новите дипломатски промени и ризикува да стане неважна во регионот, смета Џонатан Спајер, директор на Центарот за известување и анализа на Блискиот Исток
Потпишувањето на договорите за „целосно нормализирање“ на дипломатските, економските и сите други односи меѓу Израел, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин во Белата куќа во голема мера ја формализира актуелната реалност во регионот. Овие земји споделуваат заеднички перспективи и заеднички интереси за клучните стратегиски прашања со кои се соочува регионот на Блискиот Исток. Зад сцената, тие соработуваат веќе подолго време.
Релевантните докази во врска со ова се оспорувањето на регионалните амбиции на Иран (главната грижа на Израел од безбедносен аспект), турската регионална експанзија под знамето на сунитскиот политички ислам и неговата инкарнација во Муслиманското братство (посебен фокус за Емиратите) и импликациите од овие појави, заедно со намаленото влијание на САД на Блискиот Исток, како и растечкото влијание на Кинезите во регионот.
Групата држави усогласени по овие прашања не се ограничени на Израел, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Бахреин. Египет, Саудиска Арабија, Јордан и Мароко споделуваат слични грижи. Тоа е актуелната стратегиска слика на Блискиот Исток, која претставува натпревар помеѓу овој прозападен сојуз, од кој Америка бара да се зајакне и да се изгради, и спротивставените блокови на Иран и Турција, со нивните соработници и клиенти.
Десет години по избувнувањето на Арапската пролет, големи делови од арапскиот свет сѐ уште се расцепкани, со делумно воспоставена власт. Јемен, Либија, Ирак, Сирија и Либан денес се повеќе географски простори отколку држави во целосна смисла на зборот. Присуството на ирански и турски сојузници може да се забележи низ сите овие нации. Во овие погодени простори, во Средоземно Море и во Персискиот Залив, допрва ќе се разгорува конкуренцијата меѓу ривалските сојузи.
Во главните градови на Европа, сè уште има само ограничено разбирање за оваа нова слика. Како резултат на тоа, европските земји сè повеќе се ирелевантни или невидливи во дипломатијата на Блискиот Исток. Сè уште доминантните перспективи во Европа припаѓаат во голема мера на ерата што сега згаснува: наводната централна позиција на израелско-палестинскиот конфликт кон стабилноста на Блискиот Исток, желбата да се врати иранскиот нуклеарен договор, општата подготвеност за формални и мултилатерални договори. Од друга страна, регионот се залага за премолчена, прагматична и билатерална соработка.
Како резултат на тоа, земјите од ЕУ не играа никаква улога во појавата и кристализацијата на премолчениот сојуз на прозападни земји од кои Израел и ОАЕ се дел. Овој сојуз се појави преку билатерални врски, но со тивко охрабрување и подучување од САД.
Слично на тоа, американската политика на максимален притисок врз Иран, силно поддржана од прозападни држави во регионот, им се спротивставува на позициите на клучните европски земји. Тие се залагаат за враќање во иранскиот нуклеарен договор. Со тоа, повторно, Европа нема да ги унапреди своите интереси, туку својата лага.
За прашањето на турската агресија во Источен Медитеран, Франција и Грција играат витална улога. Засега нема обединет европски став. Италија, една од другите водечки сили на ЕУ, се наоѓа на спротивната страна од Франција, останувајќи усогласена со Турција. Очигледно останува стравот од употребата на сириските мигранти од страна на претседателот Реџеп Таип Ердоган како средство за заплашување.
Денес ОАЕ е усогласена со Египет и генералот Халифа Хафтар во Либија, наспроти владата на Фејаз Сараџ во Триполи, поддржана од Турција. ОАЕ, поддржана од Саудиска Арабија, се обидува да создаде мрежа на сојузи за да ги оспори и врати назад турските амбиции на истокот на Медитеранот.
Односите на Израел со Турција формално остануваат, но длабоко замрзнати, без знаци на подобрување (иако трговијата останува да се движи по иста патека). Турција во моментот е домаќин на канцеларија на Хамас во Истанбул. Неодамна беше откриено дека Турците почнале да им нудат државјанство на оперативците на Хамас што живеат во Турција.
Како што се вжештува натпреварот со Турците во источниот дел од Средоземно Море, Емиратите го доживуваат Израел како природен партнер во таа арена. Како одговор на турското испраќање брод придружуван од воени бродови во спорна област на 10 август, Израел првпат даде јасна изјава за поддршка на Грција.
Во соопштението, издадено од израелското министерство за надворешни работи, се тврди: „Израел следи внимателно како што расте напнатоста на истокот на Средоземно Море. Израел ги изразува својата целосна поддршка и солидарност со Грција“. Премиерот Бенјамин Нетанјаху подоцна ја потврди оваа позиција.
Значи, новиот сојуз што сака да ја ограничи Турција на истокот на Средоземно Море ги вклучува Египет, ОАЕ, Израел, Грција, Франција и Кипар. Треба да има обединет европски одговор на овој предизвик, кој се случува на самиот праг на Европа. Таков одговор допрва треба да се појави.
Ситуацијата во Источен Медитеран се карактеризира со отсуство на САД. Навистина, основата на целата стратегиска слика во регионот е реалноста на повлекувањето на САД. Претпазливоста на САД кон Блискиот Исток, итните внатрешни прашања, појавата на енергетска независност и растечкиот предизвик на Кина водат кон фокус што се оддалечува од Блискиот Исток. Ова ги приближува сојузниците на САД по билатерални линии.
Тука има место за европско влијание и за голема европска улога. Но тоа зависи од подготвеноста на Европа да се запознае со новите, длабоко променети стратегиски реалности во регионот. Тоа сè уште не се случило и треба да се случи наскоро.