Унијата троши милијарди евра за изградба на бариери за да ги запре мигрантите да пристигнат на Стариот Континент, се наведува во ново истражување
Европа, која деновиве одбележува триесет години од падот на Берлинскиот ѕид, троши милијарди евра за изградба на нови бариери за да ги запре мигрантите и бегалците да пристигнат на Стариот Континент, се наведува во истражување насловено „Бизнисот од подигање ѕидови“.
– Европа одново станува позната по своите гранични ѕидови. Овој пат не ја дели толку идеологијата колку што ја дели перципираниот страв од бегалци и мигранти, едни од најранливите категории во светот – нагласува авторот на истражувањето, Марк Акерман.
Во извештајот се наведени повеќе интересни податоци за европските бариери. На пример, државите-членки на ЕУ од крајот на Студената војна на ѕидови и на огради потрошиле најмалку 900 милиони евра и подигнале бариери во вкупна должина од околу 1.000 километри.
На море патролирале на потег долг 4.500 километри. За тие цели државите потпишувале и низа лукративни договори, меѓу кои и со големи производители на оружје и воена опрема.
Државите-членки на ЕУ исто така потрошиле најмалку 676,4 милиони евра на поморски операции од 2006 до 2017 година, односно речиси една милијарда евра од 2000 година на т.н. европски виртуелен ѕид, поточно на мрежите за податоци и за надзор со кои се следи движењето на луѓето.
Многу од ѕидовите, кои се подигнати од Унгарија, Словенија и од повеќе други држави, никнале во 2015 година, односно по напливот на голем број бегалци и мигранти. Акерман смета дека токму тогаш и почнала паниката што довела до зголемување на опсесијата со безбедност и милитаризирање на границите, односно со подигање огради и ѕидови на Стариот Континент.
Според податоците, ЕУ продолжува да се движи во иста насока. Буџетот на ЕУ од 2021 до 2027 година предвидува значајни финансиски трошења за границите. За Интегрираниот фонд за управување со границите би требало да се издвојат околу осум милијарди евра, додека Фронтекс би добил 11,3 милијарди евра. Покрај тоа, најмалку 1,9 милијарда евра ќе се трошат на идентификациските бази на податоци и Евросур, европскиот систем за надзор на граници.
– ЕУ не е ниту тврдина, ниту е со отворени врати. Во изминатите години се обидувавме да ги направиме границите на ЕУ побезбедни и подобро да управуваме со нив. Целта на ЕУ не е да ја запре миграцијата, туку да спасува животи и да ги заштити мигрантите. Продолжуваме да нудиме безбедни и легални патишта за оние на кои им е потребна меѓународна заштита преку раселување. Од 2015 година, преку две успешни програми на ЕУ за раселување им помогнавме на над 63.000 најранливи лица да најдат засолниште во ЕУ – велат од Европската комисија.
Од друга страна, многу мигранти умираат на патот кон ЕУ. Медитеранот и понатаму е една од најсмртоносните мигрантски маршрути во светот. Од 2014 година во тие води умреле 19.000 луѓе, кои се обиделе да стигнат до Европа.
Од милитаризацијата на границите и од нивното зацврстување најголема корист имаат големите компании за производство на оружје и безбедносни системи. Меѓу нив се и францускиот производител на оружје и безбедносна опрема „Талес“ (компанијата произведува радари и сензори за бродовите на Фронтекс и развива надзорна инфраструктура за Евросур), италијанската компанија за производство на оружје „Леонардо“ (хеликоптери, дронови и надзорна технологија) или паневропскиот „Ербас“, кој е клучен за набавка на хеликоптери што се користат во патролите во копнените и во поморските мисии. Во однос на договорите, добро им оди и на израелските компании.
Кога станува збор за обезбедувањето жица, најсилен е шпанскиот производител „Јурипиан секјурити фенсинг“, чија жица, на пример, е употребена на границата меѓу Унгарија и Србија. Во извештајот се спомнати и компании од кои опрема купувала и Хрватска, како на пример словенечки „Дат-кон“, од кого Загреб набавил опрема за термален надзор.
Во извештајот се наведени и лобирачките способности на одбранбената индустрија. Многу од споменатите компании се вклучени во Европската организација за безбедност (ЕОС), најзначајната лоби-група за безбедност на границите. „Ербас“, „Леонардо“ и „Талес“ во периодот од 2014 до 2019 година во рамките на ЕОС одржале 226 состаноци со Европската комисија.
– Во однос на безбедноста на границите, овие компании биле многу успешни во креирањето на приказната дека миграцијата е безбедносен проблем на кој би требало да се гледа како закана и со кој државите во ЕУ би требало да се справат, но за тоа им се потребни услуги и опрема – посочува Акерман.
Споменатите компании не ги коментираат наводите од истражувањето.
Уште повеќе пари во иднина
900 милиони евра потрошиле државите на ЕУ на копнени ѕидови и огради од крајот на Студената војна
676,4 милиони евра се потрошени од 2006 до 2017 година на „поморски ѕид“
999,4 милиони евра се потрошени на европскиот „виртуелен ѕид“ од 2000 до 2009 година
8,02 милијарди евра ќе бидат издвоени за Фондот за управување со границите во периодот од 2021 до 2027 година
11,3 милијарди евра се очекува да добие Фронтекс