Европските пчелари бараат итен акциски план на ЕУ за да се спаси секторот поради падот на производството и порастот на евтиниот увозен мед
Производителите на мед во ЕУ, заедно со земјоделското здружение „Копа-Когека“, неодамна упатија барање до Брисел за итно решавање на „критичната и крајно нестабилна“ состојба на пазарот на мед во Европа. Секторот се мачи откако производството се намали во 2019 година, а цената на медот не се зголеми соодветно, додека падот на производството беше компензиран со зголемување на евтиниот увоз.
Во моментот, ЕУ не произведува доволно мед за да ги задоволи сопствените потреби и увезува околу 40 отсто од медот од трети земји. Европските производители се борат со зголемувањето на евтиниот увоз, особено од Кина, со кој европските производители не можат да се натпреваруваат. Од 2013 година, ЕУ во просек увезува по 80.000 тони мед годишно од Кина, како и илјадници тони од Украина и од Мексико. Просечната цена на кинескиот мед беше 1,24 евро за килограм во 2019 година, а просечните трошоци за производство во ЕУ беа 3,9 евра за килограм во 2018 година. Дополнително, цените на медот во главните увозни земји продолжуваат да се намалуваат.
– Разликата во цените може да се објасни само со зголеменото додавање на шеќерен сируп, кој е поевтин за производство и тешко може да се открие при граничните контроли во Европа, а методите на производство на мед во Кина по дефиниција не одговараат на европските стандарди – се вели во извештај на земјоделското здружение „Копа-Когека“.
Според Етиен Брунео, претседател на здружението, ако состојбата на пазарот не се подобри, европските пчелари кои остваруваат значителен дел од своите приходи од пчеларството нема да можат да издржат, што, пак, значи закана за над десет милиони кошници во цела ЕУ. Тој додава дека пчеларството и услугите на запрашување што тоа ги нуди, заедно со запрашувачите во дивиот свет, се неопходни за европското земјоделство и хортикултура, како и за биолошката разновидност. Затоа, оваа состојба претставува закана и за другите сектори.
Медот во моментот е регулиран во ЕУ со Директивата за мед, но барањата за декларирање на потеклото на медот се екстремно ниски. На пример, на етикетите на теглите со мед може да прочитате „мешавина на мед од ЕУ“, „мешавина на мед надвор од ЕУ“ или „мешавина на мед од ЕУ и надвор од ЕУ“. Акцискиот план, меѓу другото, ја повикува ЕУ да гарантира дека секој мед увезен од трети земји е во согласност со дефиницијата на ЕУ за мед, особено за медот од Кина, потоа ЕУ да го направи задолжително етикетирањето на потеклото на мешан мед на европско ниво, како и да бара да се наведат процентите на мешан мед. „Копа-Когека“ бара и да се создаде европска референтна лабораторија за мед, во тесна соработка со Заедничкиот центар за истражување, како и со Европската опсерваторија за пазарот на мед.
На советот на министри за земјоделство во ЕУ во јануари, група од 16 земји-членки објави заедничка декларација во која се повикува Европската комисија да ја ажурира Директивата за мед, за таа да пропише појасно означување на потеклото на мешавините на мед.
– Земјата на потекло на производот мора да биде наведена, како и соодносот на европски мед и на медот од други извори – нагласи унгарскиот министер за земјоделство.
Заедничката декларација ја потпишаа Бугарија, Чешка, Кипар, Естонија, Франција, Грција, Унгарија, Италија, Летонија, Литванија, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија и Шпанија.