Еврокомесарот за буџет, Јоханес Хан, поседува 2.200 акции во најголемиот австриски снабдувач на електрична енергија „Вербанд АГ“, додека компанијата активно лобира кај него за политики што ѝ одат во прилог. Хан ги има овие акции од 2014 година, кога првпат стана еврокомесар за проширување во времето на Жан-Клод Јункер. Нивната вредност оттогаш тројно се зголеми, од 32.813 евра во 2014 година на 113.190 евра на крајот од 2019 година.
Во јануари, неговиот шеф на кабинетот се сретна со претставници на „Вербанд АГ“, набргу откако Европската комисија го обелодени т.н. зелен договор. „Вербанд АГ“ потроши до 400.000 евра за лобирање во Брисел и доби грант за истражување од два милиони евра од Европската комисија. Неговиот интерес вклучува закони за енергетскиот сектор и за финансискиот пазар. Неколку дена подоцна неговиот кабинет се состана со Меѓународната асоцијација на производители на нафта и гас, а потоа и со „Евроагас“. Двете групи во минатото се обидуваа да ги ублажат климатските политики.
Хан во истиот период ја удвои вредноста на своите акции во австриската фирма за недвижнини „ЦA Имобилиен анлаген“. Тој е поврзан и со неколку други компании, во кои има директен финансиски интерес.
Прашана дали Хан ги продал своите акции по преземањето на новата функција во декември, портпаролката на Европската комисија даде нејасен одговор.
– Можам да ви кажам дека парламентарниот процес, што доведе до назначување на оваа комисија и што вклучува анализа на етичките правила во однос на секој поединечен комесар, внимателно ја разгледа нивната состојба – изјави таа.
Европратеници побараа од Европската комисија да ги објави ажурираните декларации за финансиските интереси на сите еврокомесари. Европратеникот Даниел Фрунд, кој претходно работел во Транспаренси интернешнел, ја обвини Европската комисија дека ги прекршува сопствените правила, според кои институцијата треба да ги ажурира податоците секоја година на 1 јануари.
– Ова е особено проблематично, бидејќи за време на сослушувањата на комесарот беа дадени ветувања, како на пример продажба на акциите во компаниите. Тоа мора брзо да се коригира – нагласи Фрунд.
Тој посочи оти кандидатите за еврокомесари Елиса Фереира и Стела Киријакидес добија зелено светло од Комитетот за правни работи на Европскиот парламент да продолжат со сослушувањата дури откако изјавија дека ги продале своите акции и дека тоа е побарано и од Хан.
Комисијата, пак, тврди дека не сторила ништо лошо и најавува оти месецов ќе ги објави ажурираните податоци за имотите и интересите на комесарите.
Инаку, Хан не е единствениот комесар со акции во големи корпорации. На пример, италијанскиот еврокомесар за економија Паоло Џентилони поседува акции во „Амазон“, „Кампари“, „Експедија“ и во други компании.