Вредноста на санкциите кон С. Кореја не е во нивното наметнување, туку во нивниот успех во ублажувањето на однесувањето на целната земја, вели Даниел Л. Дејвис за „Нешенел интерест“
Јужнокорејскиот претседател Мун Јае-ин го обнови својот повик за формално завршување на Корејската војна, а Северна Кореја бара висока цена за тоа. Ова се двете суштински вистини што администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден треба да ги има на ум. Главните цели на надворешната и воената политика на Вашингтон во однос на Северна Кореја мора да бидат спречување непотребна војна и максимално искористување на капацитетот на Америка за напредок во индопацифичкиот регион. САД вреди да работат кон постигнување на далечната цел за Корејскиот Полуостров да биде без нуклеарно оружје, но тоа не е краен предуслов. Блиската соработка со Јужна Кореја и дипломатскиот ангажман со Северна Кореја може да бидат од корист.
Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун верува дека поседувањето веродостојна нуклеарна одбрана е неопходно за да се спречат САД од напад или инвазија на неговата држава.
Постојат неколку начини како Бајден може да ги унапреди американските интереси во дипломатската сфера. Прво, тој мора да ги искористи експертизата и поттикот на Мун и да поддржи некои негови клучни иницијативи. Но Мун верува дека дури и симболичниот крај на војната ќе отвори дополнителни можности за понатамошно намалување на тензиите и културно и економско поврзување на двете Кореи, што е во американски интерес. Второ, Бајден би можел да преземе иницијатива да се вклучи во директни разговори меѓу Вашингтон и Пјонгјанг. Во септември, севернокорејски владини претставници јавно соопштија дека се отворени за дискусија со администрацијата на Бајден.
Вредноста на санкциите не е во нивното наметнување, туку во нивниот успех во ублажувањето на однесувањето на целната земја, кое може да се промени само со волја за нивно укинување. Администрацијата на Бајден ќе остане во позиција на сила во однос на Северна Кореја во какви било преговори, бидејќи таа секогаш може да ги напушти кога Пјонгјанг ќе постави неразумни барања. Не е потребен договор за да се одржи безбедноста на земјата и да се зачуваат економските можности на САД, туку само треба да се избегне непотребна војна. Ким во блиска иднина нема да се откаже лесно од единствената одбрана од САД, но ќе биде трајно спречен да преземе некаква акција. Тоа им оди во прилог на Бајден и на Мун за да ја искористат ваквата позиција и да бараат дипломатска вклученост.