Претседателот на САД често го идентификуваат со антидемократските лидери. Повеќе експерти анализираат дали се оправдани таквите споредби
Со невидена брзина во изминатите недели, САД преминаа од соочување со лажна мигрантска инвазија, преку демократски бран на изборите, до напади на истите избори токму од претседателот. Потоа следуваше назначувањето на аматерски јавен обвинител, фијаското во Париз на одбележувањето на стогодишнината од Првата светска војна, a Белата куќа објави монтирана видеoснимка за да го оправда замолчувањето на еден новинар од Си-ен-ен. Од една страна, не е важно каква политичка идеологија има Доналд Трамп, каква етикета добива и како подоцна ќе ја нарекуваат историчарите. Според ставовите на филозофите, историчарите и на аналитичарите: историјата тече, а цела Америка весла. Можеме да дебатираме само ако и кога ќе заврши ова.
Но останува желбата да дознаеме во која насока се движи историјата, а според скорашните дебати, овие филозофи, историчари и аналитичари не се двоумат да употребат и најтешки зборови во политичкиот речник, зборови како фашизам и авторитаризам, можеби не секогаш како карактеризација на Трамп, туку во обид да го стават во таков контекст.
Природното прашање што многу набљудувачи го поставуваат за ерата на Трамп е дали последните грешки на претседателот, на пример како „апелот за нови избори“ по инаку совршено нормалното гласање, може да претставува препознатлив чекор преку една јасна граница на патот кон авторитаризмот и уништување на американската демократија.
Одговорот што се јавува во разговорите со експертите по историјата на фашизмот е дека реториката навистина е силна, особено на претседателот и не смее да се игнорира, но бидејќи авторитарниот стил на лидерство се потпира на стравот и заплашувањето, постои опасност од претерана реакција.
Неодамнешните обиди на Трамп да ги поткопа изборните резултати во Аризона и Флорида имаа две дела, според Рут Бен-Гиат, професорка по историја и експертка по фашизам на Универзитетот во Њујорк. Претседателот ја тестира неговата способност да ги поткопа резултатите од гласањето, но исто така направи „авторитарен обид за да ја разниша реалноста“.
– Диктаторот сака да ја изгубиме довербата во она што го гледаме, слушаме, читаме и набљудуваме за да бидеме позависни од него. Реалност е она што јас ќе кажам дека е. Така што многу е опасно она што тој го прави со најголемиот показател на демократијата, што всушност се слободните и фер избори – вели Бен-Гиат.
Во својата книга „Како функционира фашизмот: нашата и нивната политика“, Џејсон Стенли, професор по филозофија на универзитетот „Јејл“, опишува како фашистичките движења типично се потпираат на митот на руралната чистота за разлика од урбаниот неморал, поточно поделба, која сè повеќе се продлабочува во Америка на Трамп, како што добро покажаа конгресните избори, истакнува Стенли.
– Претседателот ги зајакнува страшните политики што ја создаваат поделбата меѓу руралната и урбаната средина во која целна група му се чесните гласачи во руралните области и притоа им предизвикува паника и стравови за непостојни закани. Ова е страшно, затоа што по тоа нема враќање назад. Тој само создава уште попосветени поддржувачи и им нуди еден вид егзистенцијален страв од другите – вели Стенли, истакнувајќи дека Трамп одеднаш престана да зборува за „инвазијата“ на мигрантскиот „карван“ кога завршија изборите.
Дејвид Најверт, известувач за Правниот центар за сиромаштија на Југот, чија најнова книга е за „подемот на радикалната десница во ерата на Трамп“, изјави дека авторитарните импулси на Трамп целосно се покажале на прес-конференцијата по изборите, на која новинарот на Си-ен-ен, Џим Акоста, му се спротивстави на претседателот за потоа да му биде одземена акредитацијата.
– Заштитниот знак на неговиот мандат беше да потврди дека неговата верзија на реалноста е единствената легитимна и дека сите други се „лажни“. Тој ја искористи поделбата за да ги привлече уште повеќе неговите поддржувачи – порача Најверт.
Тој истакнува дека Трамп практикува „намерен хаос и ги следи стапките на диктаторите од историјата, притоа користејќи ги превирањата за да создаде толкава неизвесност што неговите цврсти ставови на крајот ќе го дефинираат општиот консензус.
Долга е листата на неодамнешните удари на американската либерална демократија од страна на Трамп. Пред конгресните избори, тој одржа серија жестоки митинзи во кои сакаше да ја оцрни и онечовечи политичката опозиција користејќи искази како „радикалните демократи сакаат да ја втурнат нивната земја во застој, сиромаштија и хаос. Тие сакаат да наметнат социјализам во државата, да ја претворат во нова Венецуела, да се отворат границите за смртоносните дроги и насилните банди“.
Кога тие демократи го освоија мнозинството во Претставничкиот дом на Конгресот на САД, Трамп предупреди за „воинствен став“ ако има нова истрага против него, па потоа го смени јавниот обвинител Џеф Сешнс со поранешниот американски адвокат Мет Витакер, кој се фалеше за неговата партиска посветеност кон Трамп и неговото дело на кабелската телевизија, со надеж дека ќе добие работа во администрација.
На провокација на медиумите, Трамп тргна во напад велејќи ѝ на новинарката на Си-ен-ен, Аби Филипс, дека „прашањето ѝ било глупаво“ и потоа лично ја нападна дека поставувала „многу глупави прашања“. Ова се случи еден ден откако тој саркастично обвини уште еден афроамерикански новинар дека поставувал „расистички прашања“ на прес-конференција, на која тој направи цела драма навредувајќи ги сите новинари.
– Авторитарно ориентираните лидери сакаат да знаеме дека нивната моќ е незапирлива, дека до нив ништо не допира, дека се силни, ги застрашуваат луѓето и сакаат ние да се плашиме. Тие исто така сакаат да знаеме дека ќе триумфираат по секоја цена – порача Бен-Гиат.
Но таа додаде и дека бил видлив стресот на политичкиот имиџ на Трамп, особено по конгресните избори.
– Сите тие паѓаат на притисокот, затоа што овие т.н. „моќници“ всушност се многу слаби личности. На пример, тој секогаш им се заканува на медиумите, па им се заканува дека ќе им ги одземе акредитациите на новинарите, но го исполнува тоа и притоа тоа се покажа во последниот случај кога му ја одзеде акредитацијата на новинарот, кој најмногу му се спротивстави. Но фактот што овој пат отиде предалеку зборува за неговата психа – смета таа.
Стенли, чии родители пристигнале во САД како бегалци, неговата мајка од источна Полска, а татко му од Берлин, истакна дека „суштинската карактерна идеологија“ на Трамп се вклопува во фашистичкиот пример. Стенли истакнува дека „фашизмот се базира на лојалноста, лојалноста кон нацијата, кон пријателите и на моќта за разлика од вистината“.
Според Бен-Гиат, отфрлањето на резултатите на конгресните избори од страна на Трамп го предизвика најсилниот контрааргумент на неговото тврдење за неоспорната моќ. Таа вели дека „треба да се внимателни со овие показатели на диктатура што стануваат сè почести, но исто така не треба да се откажат од фактот и од верувањата дека се важни реакциите на народот, затоа што кога народот верува дека не вреди да се гласа, што токму Трамп сака суптилно, па дури и не толку суптилно да го постигне, тогаш сите се откажуваат. Диктаторите сакаат народот да биде безнадежен, да биде деполитизиран и да мисли дека нема ништо да постигне дури и да реагира“.
Се намалува поддршката за импичмент на Трамп
Демократите ја вратија контролата врз Претставничкиот дом на Конгресот на САД и се очекува да му го загорчат претседателскиот мандат на Доналд Трамп. Тие ќе имаат можност да иницираат истраги или дури и да почнат процес за импичмент на Трамп. Но шансите за успешен импичмент се мали бидејќи е потребна двотретинска поддршка од Сенатот, кој остана под контрола на републиканците. Ново истражување покажува оти мнозинството Американци сакаат Конгресот да го контролира Трамп, но малкумина се желни за промена во Белата куќа. Лани 41 отсто изјавиле оти би сакале Трамп да биде отстранет од претседателската функција, а поддршката за импичмент сега е намалена на 36 отсто. Намалувањето на интересот за импичмент е добра вест за Трамп, но истата анкета на Универзитетот во Монмаут покажува дека дури 60 отсто од Американците сакаат друг претседател во Белата куќа во 2020 година.