Почнувајќи од сајбер, па сѐ до копнените воени решенија, факт е дека Израел и понатаму е лидер во областа на воената технологија на иднината. Во секој случај, израелските воени решенија се дел од поголема одбранбена стратегија што ги поврзува со Вашингтон и вклучува клучни партнери и сојузници во Азија, како што се Австралија и Индија, пишува за „Нешнел интерест“ Сет Францман
Какви софистицирани оружја се продаваат на светскиот пазар
Во пресрет на војната во Газа, израелскиот министер за одбрана Бени Ганц полета за Соединетите Американски Држави. Беше 2 јуни и Ганц замина додека беше во подготовка новата коалициска влада, чија цел е да го симне од власт премиерот Бенјамин Нетанјаху. Хаосот во Ерусалим и потенцијалната промена на министри беше помалку важна од „потпирањето“ на израелските резерви на одбранбениот противракетен систем „Железна купола“, неопходен за соочување со ракетите на Хамас, Хезболах и други групи поддржани од Иран. Ганц отиде во САД да побара итно воено финансирање во висина до 1 милијарда долари.
Во меѓувреме, израелските одбранбени компании се свртеа кон исток за нови можности. Овие две прашања се поврзани, зашто иако Израел има најдобра одбранбена технологија во светот, вклучувајќи ја и „Железна купола“, врските на земјата со САД и американските компании се од исто суштинско значење како и нејзината константна улога во вклучувањето во одбранбените безбедносни односи што се протегаат од Индија до Австралија.
На 24 мај, израелското министерство за одбрана објави дека „обемот на израелските одбранбени договори за извоз во 2020 година достигна 8,3 милијарди долари“. Ова е втората најобемна продажба што Израел досега ја имал. Министерството истакна дека тоа укажува на пораст од 15 отсто потпишани договори, споредено со минатата година.
Израелските индустрии, како големите така и малите, докажаа дека се меѓу водечките светски компании по квалитет и по технолошки напредок дури и во време на едногодишна глобална криза.
– Во текот на изминатава година, интензивно работевме на продлабочување на владините договори и соработка со нашите партнери во светот, а така ќе продолжиме и понатаму. Израел има нови пазари и суштински важни можности за развој, што ќе инјектира милијарди во локалната економија, ќе отвори нови работни места и ќе придонесе за израелската безбедност – рече Ганц.
Азија и Пацификот во фокусот на Тел Авив
Во текот на 2020 година, Дирекцијата за меѓународна одбранбена соработка, како дел од израелското министерство за одбрана, ѝ помагаше и ја поддржуваше националната одбранбена индустрија со потпишување десетици значајни договори со своите партнери, објави министерството. Околу 44 отсто од извозот отпаѓа на Азија и на Пацификот. Израел е светски лидер во сферата на радари и електронско војување, исто како и во авиониката, оптиката и беспилотните летала. Овде е вклучена и употребата на вештачка интелигенција на голем број платформи и возачки надзор со помош на автоматско препознавање на целите.
– Зголемениот извоз во одбраната во самиот ек на светската пандемија претставува значајно достигнување – изјави бригадирниот генерал и шеф на СИБАТ, Јаир Кулас. Тоа е заслуга, пред сѐ, на одличната израелска одбранбена индустрија и на нејзината експертиза, резултат на нејзиното детално разбирање на воените потреби на израелските вооружени сили.
Во пресрет на оваа објава на министерството, компанијата „Израел ероспејс индастрис“ соопшти дека го потврдува својот интерес за соработка со Австралиската ракетна корпорација НИОА, со цел да ја реализира визијата на австралиската влада за развој на независни одбранбени капацитети. ИАИ е една од трите големи одбранбени компании, која е експерт за беспилотни летала и авионика. Таа е сопственик и на „Елта“, која го произведува противракетниот систем „Железна купола“.
Електрооптиката, радарите и ВИ
Роберт Ниоа, извршен директор на НИОА и на австралиската ракетна корпорација, изјави дека ИАИ е од клучно значење за успехот на независната иницијатива за оружје наведувано од далечина на Комонвелтот.
– Ја поздравуваме секоја можност за увоз на водечки технологии во Австралија, со цел подобрување на способностите на австралиските одбранбени сили – рече Ниоа.
– ИАИ носи најсовремени можности, технолошка совршеност, знаење и докажано борбено искуство, акумулирано во текот на многу години. Среќни сме што ќе ги здружиме силите со НИОА во процесот на воспоставување независни австралиски одбранбени способности – рече Боаз Леви, извршен директор на ИАИ. Исто така, кон крајот на мај ИАИ организираше брифинг во врска со нејзиниот влез во Австралија. Одед Шешински, директор на „ИАИ Австралија“ зборуваше заедно со Цвика Јарон од татковинскиот оддел на ИАИ. Тие изјавија дека компанијата сака да ја продлабочи својата соработка со австралиските компании. Речено е дека ИАИ има што да понуди, затоа што има насобрано големо искуство во набавката на системи што се релевантни за израелските вооружени сили и другите армии. На пример, употреба на сензори и технологии за наоѓање непријатели вметнати во урбани средини. Повеќето од овој вид технологии се однесуваат на антитерористичкото воено поле или на асиметричните војни против групи како Хезболах или ИСИС.
Во ова е вклучен и сѐ почесто спомнуваниот „мултидимензионален пристап“ кон војната, кој во себе вклучува многу повеќе автономни системи. Ова значи дека војските сега многу повеќе се потпираат на електрооптика, радари и вештачка интелигенција, што помага во идентификација и класификација на цели, намалувајќи го така обемот на работа кај луѓето.
Главната цел, велат од ИАИ, е да се обезбедат вистинските информации за оние што носат одлуки и да се избегне појавата на „пријателски оган“. Тоа значи да се зачува елементот на изненадување и заштита на единиците, како оние на воените инженери. Тоа исто така значи и зголемување на степенот на преживување и способност за маневрирање на силите. ИАИ учествува во низа нови технологии, како што е програмата Кармел за идни оклопни борбени возила. Кармел-возилото може да биде со или без екипаж.
Ваквиот вид возила има потреба од нови сензори за да се спротивстават на комплексни закани, од кои една се беспилотните летала. Тоа значи додавање на контрабеспилотни ракетни решенија, артилерија и минофрлачка технологија на возилата, како и нивно „спарување“ со беспилотни летала. Австралија изрази голем интерес за здружени решенија, како што е набавката на мултинаменското беспилотно летало „Лојален помошник“, дизајнирано од страна на „Боинг“, кое е приспособено да изведува автономни мисии со помош на вештачка интелигенција.
Заштитата од дронови примарна за сите
Во исто време ИАИ нагласи дека поседува голем број успешни системи, како на пример „Дроун гард“, кој штити од закани со борбени дронови. Овие летала се многу важни, бидејќи дури и Хамас во Газа сега користи беспилотни летала по примерот на иранскиот Абабил. За време на неодамнешната војна, „Железната купола“ сруши најмалку еден од нив. Исто така, ИАИ работи на ласерски решенија и теренска роботика, вклучувајќи и на автономниот булдожер „Д9“ заедно со други роботи, како „Елта ЕЛА-6601 Рекс“. Во скоро време возилата без екипаж ќе лансираат сопствени беспилотни летала, што значи дека единиците ќе можат да работат на терен со голем број автономни решенија. Само како пример – овие системи ќе поседуваат оптика и пиштол со калибар од 7,62 милиметри.
Во меѓувреме, ИАИ продолжува со азиска продажба на своите поголеми беспилотни летала „херон“, нагласувајќи ја нивната врвна воена опрема, во која спаѓаат противрадарскиот дрон „харпи“ и самонаведувачката оптичка муниција. Тоа значи дека овие системи се способни да ловат непријателски воздушни системи и тенкови. Додека помалите беспилотни летала со боева муниција „ротем“ имаат опсег од околу 10 километри. Во текот на дискусиите за влез во Австралија, ИАИ исто така најави продажба вредна 200 милиони долари на својот „херон“ во анонимна азиска држава. Имено, израелските компании често не ги обелоденуваат имињата на државите што купуваат воена опрема од нив. „Елбит системс“, уште една голема израелска компанија за производство на одбранбена опрема, објави дека направила зделка во вредност од 80 милиони долари со продажба на својот мултиспектарски електрооптички систем „спектро ХР“, кој е управуван од вештачка интелигенција.
– Користејќи вештачка интелигенција, „спектро ХР“ изведува повеќенаменски видео надзор и следење, прикажување подвижни цели и нивно континуирано скенирање. Истовремено, системот црпи оперативни сознанија и ја намалува можноста за човечка грешка – изјавија од компанијата.
Во третата по големина израелска компанија од ваков тип, „Рафаел напредни одбранбени системи“ исто така имаше напредок во однос на одлуката да се пријави заедно со партнерите за учество во иницијативата за воспоставување израелски оперативен технолошки сајбер-конзорциум. Компанијата нагласи дека оваа иницијатива е во соработка со израелската државна сајбер-дирекција. Сево ова е многу важно, бидејќи постојано во светот се појавуваат нови закани за кои државите мораат да имаат софистицирана одбрана. Затоа почнувајќи од сајбер, па сѐ до копнените воени решенија, факт е дека Израел и понатаму е лидер во областа на воената технологија на иднината. Во секој случај, израелските воени решенија се дел од поголема одбранбена стратегија што ги поврзува со Вашингтон и вклучува клучни партнери и сојузници во Азија, како што се Австралија и Индија.