Украина категорично одби да ги набави руските вакцини, за да не ѝ даде простор на Москва за можно безбедносно влијание додека Белорусија целосно се потпира на Русија, смета Сергеј Кузњецов од „Политико“
Европското соседство бојно поле за Русија и за Кина во доминацијата за вакцинирањето
Во Украина и во Белорусија вакцинацијата против коронавирусот не е само обично здравствено прашање. Двете држави станаа бојно поле со геополитички влогови, додека Русија и Кина ги промовираат своите вакцини во држави што не можат да си ги дозволат поскапите западни опции. Украина, која категорично одби да ја набави руската вакцина, за да не ѝ даде простор на Москва за можно безбедносно влијание, размислува да склучи договор за набавка со Кина. Од друга страна, соседна Белорусија целосно се потпира на руската вакцина.
На светско ниво, пласирањето на вакцините од овие две држави предизвика контроверзии, а ниту една од нив не е одобрена од американските или европските регулаторни тела. Но тоа не ги спречи да го понудат својот производ надвор од Западот. Руската вакцина „спутник 5“, која се соочи со производствени пречки меѓу другите тешкотии на почетокот, во последно време наидува на сè подобар прием. Покрај Белорусија, Унгарија и Србија се двете други европски држави што ги сигнализираа договорите за оваа вакцина. Јужна Америка е друг целен пазар за „спутник“. Аргентина потпиша договор за неколку милиони дози, а Бразил наводно сака да се зголеми производството, додека на Блискиот Исток, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) наводно веќе ја одобриле руската вакцина.
Водечката кинеска вакцина „коронавак“ беше развиена од страна на „Синовак“, компанијата со блиски врски до Владата. Покрај Украина, таа се поврзува дека склучила договори со Филипини и со Малезија, додека другата кинеска вакцина, развиена од државната компанија „Синофарм“, забележа интерес кај државите како Египет и Мароко. Минатиот петок Унгарија стана првата членка на Европската Унија (ЕУ) што ја одобри вакцината на „Синофарм“.
Коцкањето на Минск
Ако Русија може некаде да ја продава вакцината „спутник 5“, тоа е во соседна Белорусија. По бруталното задушување на опозицијата и одбивањето на западните држави да го признаат реизборот на авторитарниот претседател Александар Лукашенко шести пат по ред, Кремљ останува неговиот единствен сојузник во регионот. Неодамна Белорусија ја почна вакцинациската кампања, преку која во државата беше дистрибуирана првата рунда од 20.000 дози од вакцината „спутник“. Оваа пратка беше дел од договорот што Минск го склучи лани со Москва за над 170.000 дози, што е само мал дел за државата, која има 9,4 милиони жители. Минск планира да почне со производство на вакцината во сопствените капацитети до крајот на март. Кирил Дмитриев, шефот на Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ) и наедно надлежен за дистрибуција на „спутник 5“ во светот, јавно вети дека фабриката „значително ќе ја поедностави логистиката и ќе го забрза темпото на вакцинација“.
Но не се убедени во тоа сите во Белорусија. Иако белоруските власти планираат да вакцинираат до 1,2 милион граѓани до крајот на март и сакаат да ја остварат целта 60 отсто од населението да биде заштитено со вакцината, сепак критичарите велат дека тие прават голем ризик. Андреј Витушка, познат белоруски специјалист за интензивна нега, ги критикуваше „политичките причини“ што стојат зад одлуката на Минск за „користење само една вакцина, и тоа руската“.
– Ова не е добар чекор, но не затоа што нешто не е во ред со вакцината, туку затоа што потпирањето само на еден производител всушност ја одложува вакцинацијата во Белорусија – вели тој.
Како што додава Витушка, државата не располага со готови капацитети што можат да се користат за производство на руската вакцина. Рускиот фонд за директни инвестиции заедно со белоруската влада и со Министерството за здравство одби да даде коментар за „Политико“ во однос на дистрибуцијата на вакцините.
Пошироко кажано, зависноста само од руската вакцина исто така го поткопува домашниот политички углед на Лукашенко. Најголемите досегашни постизборни протести покажаа дека не само што многу Белоруси сакаат негова оставка, туку е зголемено и прозападното чувство. Авторитарниот лидер вети во декември дека ќе преговара за можна набавка на вакцини од пет или од шест производители, во зависност од „условите што би биле прифатливи“, и веројатно на тој начин ја призна потребата на државата за вакцини. Сепак, Минск не даде речиси никаква официјална информација за можните снабдувачи, со исклучок на тоа што медиумската служба на Лукашенко на 26 јануари издаде соопштение по неговиот разговор со кинескиот претседател Си Џинпинг дека Кина исто така размислува да ја снабди Белорусија со вакцини.
Во меѓувреме, коронавирусот зема голем данок. Официјалните податоци покажуваат дека во државата се регистрирани над 240.000 зарази со ковид-19 и 1.700 смртни случаи од почетокот на пандемијата. Локалните медицински лица и меѓународните организации на терен укажуваат дека бројките во реалноста се многу пострашни. Лани, кога статистичкиот извештај на тамошното претставништво на Обединетите нации (ОН) ја процени смртноста меѓу април и јуни, јавноста беше шокирана од резултатите, бидејќи беше забележан скок од 5.605 „дополнителни смртни случаи“ во споредба со истите три месеци во 2019 година. Во меѓувреме, ООН се чека да објави нови податоци, а владината агенција за статистика „Белстат“ го суспендира објавувањето на секакви смртни статистики од ланската пролет.
Кинеската стратегија на Киев
Владата во Украина планира да почне со вакцинација на средината на февруари, со тоа што во првата фаза ќе бидат опфатени здравствените работници, вработените во старските домови и војската распоредена во источниот регион Донбас, кој беше погоден во војната. Но Киев ја отфрли вакцината „спутник“ и вниманието го сврти кон „коронавак“.
Според министерот за здравство Максим Степанов, Украина, која има околу 42 милиони жители, ќе обезбеди 1,9 милион дози од кинеската вакцина. Државата исто така е заинтересирана за западните вакцини, така што во февруари се очекува да пристигнат 210.000 дози од вакцината на „Фајзер/Бионтек“ преку механизмот „Ковакс“, како што порача Степанов. Како што додаде тој, Владата исто така ги финализира преговорите со „други производители“,но одби да даде повеќе детали поради забраната за споделување информации од договорите.
Механизмот „Ковакс“ е само еден дел од пошироката вакцинациска стратегија на Киев, според која треба да се обезбедат осум милиони дози. Но Украина, како и многу други држави со ниски и средни приходи, може да остане со празни раце ако богатите држави не успеат да го дадат својот придонес во „Ковакс“, чија цел беше да обезбеди пристап до вакцини за посиромашните држави.
Ковакс“ не функционира на Балканот?
Павло Ковтоњук, раководител на одделот за економија на здравствена заштита на Економската школа во Киев и поранешен заменик-министер за здравство, предупредува дека „Ковакс“ не е „многу добра“ опција за Украина, бидејќи на тој начин државата ќе зависи од донаторите. Како што смета тој, оваа опција исто така нема да биде доволна за да се заштити населението и додава дека „не разбира кои вакцини ќе ги добијат и кога ќе пристигнат“. Ковтоњук нагласи дека неговата држава е „аутсајдер“ во споредба со вакцинациските кампањи што се спроведуваат во Европа.
– Не станува збор дека не можеме да ја започнеме вакцинациската кампања, туку постои недостиг од склучени договори со производители во споредба со други држави надвор од ЕУ, како Албанија, Србија и Црна Гора – вели тој.
Тој побара од Владата да ја преиспита вакцинациската стратегија затоа што „состојбата е многу сериозна“ и истата таа да биде „во чекор со Европа“, затоа што во спротивно таа ќе ја плати политичката цена и ќе се соочи со нагло ескалирање на здравствената криза.
Државата што досега има регистрирано речиси 1,2 милион заразени со коронавирус и над 22.000 смртни случаи, сака да ја заврши вакцинациската програма до почетокот на идната година. Степанов рече дека целта е да се заштити од 60 до 70 отсто од населението, но се сомнева дека може да се оствари таа замисла, дури и да има доволен број вакцини. Со оглед на силната недоверба во вакцините меѓу народот, тој смета дека околу 45 отсто од граѓаните би се согласиле да ја примат. Степанов истакна дека, сепак, и покрај сите предизвици за обезбедување на вакцините, „се отфрлаат“ секакви шанси за преговори со Русија.
– Ние можеме да му обезбедиме на украинскиот народ безбедни вакцини од други светски производители – тврди тој.
Од своја страна, Ковтоњук ја поддржува одлуката на украинското лидерство и истакнува дека недовербата меѓу Украинците за руската вакцина може да предизвика реален проблем во јавното здравство.
– Многу граѓани би одбиле да се вакцинираат, иако би било бесплатно. Во Украина многу добро знаеме што е хибридна војна. Секоја алатка ќе се користи за агресија и за манипулација. Не верувам дека руските вакцини ќе бидат само една обична деловна зделка – истакнува Степанов.