Анализа на хуманитарната организација „Оксфам“ открива дека богатите нации, кои претставуваат само 13 отсто од светската популација, веќе купиле 51 отсто од дозите од водечките кандидати за вакцини против ковид-19. На глобално ниво, се договорени зделки за вкупно 5,3 милијарди дози вакцини, кои моментално се во последната фаза на клинички испитувања, од кои во моментов има пет. Повеќето од нив, 2,7 милијарди дози, се наменети за земји како што се САД, Британија, Австралија и Јапонија.
Како што илустрира и самиот графикон, „Оксфам“ очекува дека и во крајно неверојатно сценарио да успеат сите пет потенцијални вакцини, 61 процент од светското население нема да има пристап до вакцина најмалку до 2022 година. Многу е веројатно дека некои од овие експерименти нема да бидат успешни, со што бројот на луѓе без пристап до вакцина би бил уште поголем.
Цел на критики се и цените по кои се продаваат овие дози. Истражувањето на „Оксфам“ покажа дека опциите за целокупно снабдување со една од вакцините им се продадени на „богатите нации“ по цена од 35 американски долари по доза, ставајќи ја заштитата надвор од дофат на многу луѓе што живеат во сиромаштија.
Ана Мериот, советничка за здравствена политика во „Оксфам“, посочува дека овие бројки откриваат како се штитат фармацевтските монополи на штета на здравјето на луѓето и глобалната економија. Додека земјите како Велика Британија се разбирливо загрижени за обезбедување доволно дози, додека не ги оспорат монополите, овие зделки ќе остават многу посиромашни нации без пристап до вакцина.
Што е најважно, вели Мериот, ние никогаш нема да можеме да произведеме вакцина во потребното количество додека корпорациите не го споделат своето знаење ослободено од патенти. Според неа, потребна ни е „народна вакцина“, а не „вакцина за профит“.