Повеќе земји од ЕУ неодамна повторно воведоа „привремени контроли“ на своите граници, што доведе до прашања дали се распаѓа фундаменталната основа на Европската Унија
Од Португалија до Полска, Шенгенскиот договор на ЕУ треба да дозволи слободно движење на луѓето низ поголемиот дел од континентална Европа без ниту една гранична проверка. Но многу земји од ЕУ неодамна повторно воведоа „привремени контроли“, што доведе до прашања дали се распаѓа фундаменталната основа на Европската Унија.
Смислен во 1980-тите, Шенгенскиот договор ги укина повеќето гранични проверки меѓу повеќето земји членки на ЕУ (Велика Британија и Ирска никогаш не се потпишаа), плус неколку други, како Норвешка. Како што се прошири Европската Унија, шенген им дозволи на повеќето патници да патуваат неконтролирано. Но критичарите долго време изразуваа загриженост за таков отворен систем.
Терористичките напади, со осомничени што бегаат во странство, но во рамките на шенген-зоната, неоткриените и зголемени миграции, ги истакнаа нејзините слабости.
Но токму пандемијата на ковид-19 откри колку системот станал политички кревок. За неколку недели, во март 2020 година, повеќе земји членки ги затворија границите со своите соседи и за некое време престанаа да соработуваат ефективно меѓу себе.
Тоа беше најобемното повторно воведување гранични проверки во ЕУ во последните децении. И тоа доведе до стравувања во Брисел дека е направен преседан. Иако границите на крајот повторно беа отворени, оттогаш барањата на критичарите стануваат сѐ погласни и ад хок граничните ограничувања станаа почести.
Според Шенгенскиот договор, дозволени се привремено затворање и проверки на самото место.
Европската комисија води дневник за тоа каде и зошто се во сила ограничувањата. Овие ограничувања „мора да се применат (само) како последна мерка, во исклучителни ситуации“.
Шведска, Германија, Австрија, Словенија, Италија, Норвешка, Данска и Франција во моментов тврдат дека се во исклучителни околности. Наведените причини се различни. Меѓу другото, Шведска го обвинува нападот на Хамас во Израел за зголемување на „ризикот од сериозно насилство“, Германија вели дека тоа е неопходно во лицето на „нередовната миграција и шверцот на мигранти“, додека Франција го користи изговорот за Летните олимписки игри, иако натпреварувањето заврши пред повеќе од еден месец.
И иако може да има реални причини и реални закани, главниот двигател е политиката.
Одлуката на Германија од минатиот месец повторно да ги воведе проверките на сите свои граници предизвика особена загриженост. Германската влада соопшти дека реагирала откако барател на азил избодел до смрт три лица во градот Солинген. Левичарската коалиција е под притисок и покрај најавата за построги миграциски политики и „привремените“ гранични проверки, сепак претрпе серија непријатни резултати на регионалните избори во септември. Екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија беше прва во две источногермански покраини.
Соочени со стравувањата дека шенген се распаѓа, европратениците пред Европскиот парламент ја нападнаа комесарката за внатрешни работи во заминување, Илва Јохансон.
Германската европратеничка од социјалдемократите, Биргит Сипел, очигледно спротивставувајќи се на позицијата на својата влада, го критикуваше повторното воведување на граничните контроли како „ризик не само за економијата, за работните места туку и за европската кохезија“.
– Германскиот министер ме увери дека ќе направат сè за да го минимизира влијанието врз прекуграничниот сообраќај и да избегне постојани проверки колку што е можно повеќе – инсистираше Јохансон.
Но нема знаци дека германските мерки наскоро ќе завршат.
А во Франција, новата десничарска влада навести дека и таа се залага за построги контроли. Крајната десница, „држејќи ги нозете на премиерот Мишел Барние до огнот“ го капитализира моментот.
– Ова е крајот на еден мит: Европа без граници – порача лидерот на Националниот митинг, европратеникот Жордан Бардела.
Дополнително на стравувањата дека шенген тивко се деконструира беше изборот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за следен комесар за внатрешни работи и миграција да биде Австриец. Австриската влада сега рутински го пренасочува целиот сообраќај од автопатот за да помине покрај група полицајци собрани на паркинг на границата. Претежно возилата брзо преминуваат.
– Шенген-зоната без граници гарантира слободно движење на повеќе од 425 милиони граѓани на ЕУ, заедно со државјани што не се членки на ЕУ, што живеат во ЕУ или ја посетуваат ЕУ како туристи, размена на студенти или за деловни цели – објави Европската комисија на својата веб-страница..
Сè повеќе, тоа едноставно не е случај.