Фото: Пиксабеј

Новите статистички податоци, наводно, покажуваат ниски барања за азил во Германија по ковид-19. Но дали податоците даваат целосна слика за раселувањето во странство?

Сè помалку луѓе бараат азил во Германија, според извештаите во националните медиуми, но експертите велат дека податоците треба да се толкуваат со претпазливост. За време на викендот, германскиот весник „Велт ам зонтаг“ објави сè уште необјавени податоци што покажуваат дека Франција примила најмногу барања за азил во ЕУ – 40.871 – пред Шпанија (39.318) и Германија (37.387) во првите три месеци од 2025 година. Иако тие податоци не се потврдени од Агенцијата на ЕУ за азил (ЕУАА), опаѓање на барањата во Германија е евидентно во неодамнешните извештаи, објавени од блокот и Федералната канцеларија за миграција и бегалци (БАМФ) во земјата. Оваа недела, БАМФ објави 10.647 апликации поднесени во Германија за март, што е најниско за секој месец од почетокот на пандемијата на ковид-19.

Бројките покажуваат надолен тренд

Германија долго време беше најголем примател на баратели на азил во ЕУ и останува така, според најновата годишна анализа на блокот, иако барањата се намалени за една третина во 2024 година во споредба со 2023 година. Низ ЕУ, повеќе од еден милион апликации беа примени во 2024 година, што е намалување за 11 отсто на годишно ниво. Ова вклучува постојан надолен тренд на апликациите од октомври, главно поради помалку апликации од сириски, авганистански и турски државјани.
Во соопштението, ЕУАА за ДВ изјави дека е „запозната за извештајот во ’Велт ам зонтаг‘. Бидејќи Агенцијата не коментира за неовластени обелоденувања, ние не можеме да ги коментираме или да ги потврдиме податоците што се објавени во германските медиуми“.
Луѓето може да бидат принудени да ја напуштат својата земја на потекло и да бараат азил од многу причини, вклучувајќи политичка нестабилност, конфликт, закани за физичката безбедност, прогон и климатски промени.
– Не е избор да се стане бегалец или барател на азил – вели Сара Волф, професорка по миграција и азилантска политика на Универзитетот „Лајден“ во Холандија.
Вообичаено, барателите на азил имаат многу малку информации за потенцијалните дестинации кога бегаат и обично ќе се обидат да најдат безбедно засолниште во земјите во близината на нивната точка на потекло.
– Значи, Европа не е нужно првата дестинација бидејќи е тешко да се стигне таму – рече Волф.
Присуството на познати културни заедници – дијаспората – често е едно од најважните размислувања при поднесување барање за азил. Студија од 2024 година од Универзитетот „Саутемптон“, Велика Британија, ги идентификуваше „социјалните мрежи“ како најсилниот фактор за привлекување на оние што бараат азил. И додека официјалните бројки покажуваат дека во Европа се поднесуваат помалку барања за азил за првпат, тие не даваат целосен увид во тоа што е сложено прашање.

Тренд на опаѓање? Бројките не се целосна слика

Подобрените околности во местата што биле историски извори на барања за азил може да бидат едно објаснување за нивниот намален број, но има и други.
– Тоа е, навистина, резултат на повеќе фактори – рече Волф. Земете го Авганистан, од каде што апликациите во ЕУ значително се намалија во 2024 година.
„Не дека не сакаат да дојдат и да поднесат барање за азил, туку не можат повеќе да бегаат од земјата. Станува сè потешко“.
Заостанатите работи или ограничувањата за обработка на апликации или одлучување, исто така, може да влијаат на статистиката и да ги прикријат причините за ненадејно опаѓање на податоците.
Сирија историски зазема најголем дел од барањата за азил во Германија, а тие се намалија во последните месеци. Во исто време, соборувањето на режимот на Асад доведе до тоа германската влада да ги паузира апликациите од сириските државјани. Значи, не е јасно дали потенцијално постабилна политичка ситуација е тоа што помалку Сиријци ја напуштаат својата земја или дали германската политика ги одвраќа апликантите.
– Влијанието на промената на режимот врз бројот на Сиријци што пристигнуваат во Германија можеби нема да биде целосно разбирливо во обем и во длабочина додека не почекаме уште малку – изјави за ДВ Алберто-Хорст Нидхард, шеф на европската програма за различност и миграција во Центарот за европска политика.
Нидхард рече дека пријавените податоци подобро се гледаат во смисла на долгорочни трендови, наместо пад од месец на месец.
– Видовме подеми и падови во изминатите години што налагаат одредена претпазливост, особено кога станува збор за статистиката за азил – рече Нидхард.

Освен што е скап, процесот на барање азил бара и време

Неодамнешниот пад на барањата за азил во поединечни земји, или во регионален блок како ЕУ, не значи дека помалку луѓе бараат азил. Промените на локалната политика, заканите за депортација, граничните контроли или јавното непријателство кон бегалците во земјата на потенцијална дестинација може да ги обесхрабрат луѓето, особено оние раселени поради насилство и прогон, да бараат азил.
– Тие мора да поминат низ многу различни ситуации, вклучително и некои опасни, да инвестираат значителни суми пари и потоа, исто така, да се движат низ различните видови правни сложености за да стигнат до нивните дестинации – рече Нидхард.
Освен што е скап, процесот на барање азил бара и време. На крајот на краиштата, податоците за азилот треба да се земат предвид во историски услови и како дел од долгорочните трендови, рече Нидхард.
– Во историска смисла и во однос на вкупниот број на населението, тие генерално се конзистентни со бројките што ги видовме во минатото. Освен ако нема некои навистина вознемирувачки настани како пандемијата, на пример, не мислам дека ќе видиме дополнително значително намалување на бројот на барања за азил. Исто така, важно е да се избегне очекувањето во јавноста дека нерегуларната миграција може да се сведе на нула или дека намалувањето на барањата за азил е показател за тоа колку е безбеден нашиот свет – рече тој.