Фото: ЕПА

Се чини дека новиот американски претседател и состојбата на бојното поле го престројуваат украинскиот претседател Володимир Зеленски кон преговарачка маса, откако тој долго време инсистираше да практикува ултрамилитаристички методи

Додека украинските сили се борат да ја запрат руската армија на бојното поле, а новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп се обидува да посредува за мировен договор, украинскиот претседател Володимир Зеленски во последните недели сигнализира поголема подготвеност за преговори за ставање крај на војната – што е голема промена за украинскиот лидер, кој долго време ветува дека ќе се бори со воени сили во сите можни облици и форми.
Пораките на Зеленски беа претпазливи; тој не кажа експлицитно дека Киев ќе се согласи на отстапки, територијални или други, дури и кога руската армија е присутна на повеќе од 20 отсто од Украина и веројатно ќе ја задржи контролата врз таа територија по каков било прекин на огнот. Но откако претходно изјави дека преговорите би можеле да започнат само откако Москва ќе ги повлече сите свои војници, Зеленски сега ја нагласува потребата за долгорочна безбедност, наместо за итно враќање во претходната состојба, пред судирот.
Промената на реториката на Зеленски, нешто што го забележаа украинските и западните официјални лица, веројатно може да им се припише на влошената ситуација на фронтот и на идната американска администрација, која ја доведе во прашање понатамошната безбедносна поддршка за Киев. Украинските власти во текот на првата година од војната ја истакнаа важноста за враќање на целата територија на Украина, вклучувајќи ги Крим и другите области со кои Русија практично владее од 2014 година како услов за каков било договор.
Меѓутоа, на неодамнешните состаноци со Трамп и европските лидери, Зеленски повеќе се фокусираше на она што тој го нарече „траен мир“ за Украина. Главен приоритет е да се обезбедат покана за НАТО и други безбедносни гаранции, како што е можното присуство на западни мировници, за да се спречат идни руски напади.
Официјални лица и аналитичари рекоа дека промената на тонот на Зеленски веројатно е обид да биде во поголема мера во согласност со намерата на Трамп за запирање на конфликтот. Но украинскиот лидер исто така се обидува да се погрижи неговата земја да не излезе од конфликтот со празни раце.
– Администрацијата на Зеленски „разбира дека работите ќе се променат“ за време на мандатот на Трамп. Мислам дека ова го ослободува Зеленски од неговата затворена позиција според која ќе се борат сѐ додека не бидат вратени границите од 1991 година, без разлика на сѐ. Тој сега може да каже „па, би сакал да го сторам тоа“, но Трамп дојде и работите се сменија – рече Мајкл Мекфол, поранешен американски амбасадор во Русија, кој е копретседавач со Меѓународната работна група за руски санкции, заедно со украинските власти.
Во неодамнешно интервју за „Скај њуз“ Зеленски рече дека „жешката фаза“ на војната може да заврши доколку Украина добие членство во НАТО. Земјиштето што руските сили го контролираат подоцна би можело да биде вратено „на дипломатски начин“, истакна украинскиот претседател. Коментарите го обележија неговото највпечатливо признание досега, дека Киев ќе размисли барем привремено да отстапи територија.
Но дипломати од НАТО кажаа дека поканата за западниот воен блок останува далечна перспектива поради сомнежите и политичката несигурност во земјите членки на НАТО што се сојузнички со Украина, вклучувајќи ги и Соединетите Американски Држави и Германија, како и поради приговори од другите членки, како што е Унгарија, која е пријателски настроена кон Кремљ. Висок дипломат од НАТО истакна дека Зеленски не може да отстапи од барањето за западни безбедносни гаранции и покрај неподготвеноста меѓу клучните сојузници.

– Од украинска перспектива сосема е логично да се поттикне прашањето бидејќи, се разбира, ако сте Украинец, единствената безбедносна гаранција на која навистина ѝ придавате вредност е членството во НАТО. Тој затоа ќе направи сѐ за да го истурка тоа и не можам да го обвинам поради тоа – рече дипломатот, кој како и другите цитирани во овој напис, зборуваше под услов да остане анонимен, за да разговара за чувствителната безбедносна тематика.
На крајот на краиштата, многумина се сомневаат дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да преговара додека неговите трупи постигнуваат придобивки на линијата на фронтот. Некои функционери шпекулираат дека Зеленски мудро се штити и се надева дека неговиот став ќе ја одоброволи Белата куќа на Трамп и ќе ја остави отворена за обезбедување поголема поддршка за одбраната на Украина доколку Путин ги одбие разговорите.
– Се ставам во негова кожа, а што друго треба да прави? Дали тој треба да им каже на Трамп и Америка дека не ни треба нивната помош и дека ќе постапуваме на наш начин? Мислам дека тој совршено се справува со ситуацијата – изјави висок украински функционер.
Европските сојузници на Киев исто така се справуваат со променливата реалност и се обидуваат да го обликуваат исходот. Тие се обидоа да ја зголемат поддршката за Украина, сметајќи дека враќањето на Трамп може да значи намалено американско финансирање и дека позицијата на Киев за преговори во овој момент е премногу слаба.
И креаторите на политиката низ Европа разговараат за дополнително зголемување на трошоците за сопствената одбрана, бидејќи генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, предупреди дека сојузниците мора „да се префрлат на воен начин на размислување“ и да трошат многу повеќе за одбраната, за да останат подготвени за спротивставување на какви било закани во наредните години.
– Првиот чекор што треба да го направиме е Зеленски да може да преговара од позиција на моќ. И во моментов линијата на фронтот се движи кон запад, а не кон исток. Не му требаат повеќе планови, му треба муниција – им рече Руте на новинарите минатата недела.
Рускиот претседател Путин во меѓувреме остана на својата максималистичка позиција: ефективна украинска капитулација. Во јуни тој ги кажа своите услови за мировни преговори, барајќи од Украина да ѝ предаде на Москва постојан суверенитет над четирите региони за кои Русија кажа дека ги припоила во 2022 година – Донецк, Луганск, Запорожје и Херсон, како и Крим. Тоа би вклучувало Киев да ѝ предаде дополнителни територии на Русија, бидејќи руските сили не ги контролираат целосно тие региони.
Путин инсистираше Украина трајно да се откаже од членството во НАТО. На маратонската прес-конференција тој се осврна и на барањата на Русија во разговорите меѓу двете страни во Истанбул за време на првите месеци од војната, кога беше повикано на значително намалување на големината на украинската војска.
Акцентот на Зеленски на безбедносните гаранции произлегува од длабоката недоверба и загриженоста дека ако борбите престанат сега, Русија би можела повторно да изврши инвазија за неколку години, како што направи во 2022 година, осум години по анексијата на Крим. Прекинот на огнот без долгорочна цел ќе ѝ даде можност на Русија да ги обнови своите редови и резерви на оружје, изјавија украинските власти.
Бидејќи членството во НАТО се чини малку веројатно, европските сојузници понудија алтернативни решенија, како што се мировни сили, за кои Зеленски беше отворен. Но украинските власти тврдат дека тоа не е прифатлива утешна награда, бидејќи не добиле членство во НАТО.
Зеленски по разговорите во Брисел минатата недела рече дека европските гаранции нема да бидат доволни без „заедничка одлука“ и без улогата на САД.
– За нас е многу важно да имаме согласност од двете страни: од САД и од Европејците – рече украинскиот претседател.
Украина веќе потпиша безбедносни договори со поединечни земји, но аналитичарите и официјалните лица признаа дека сојузите можеби нема да се почитуваат во иднина.
– Тие не се обврзувачки и не се договори. Тоа е загрижувачки – истакна Мекфол.
Висок украински функционер рече дека „почнуваат да веруваат“ оти војната навистина би можела да заврши следната година, бидејќи разговорите за мировен договор се засилија по изборот на Трамп.
– Но доколку не се случеа ненадејните јавни разговори за мировно решение, не би верувал дека сме блиску до преговори – заклучи украинскиот претставник.