Фото: ЕПА

По победата на германските избори, конзервативниот лидер мора да маневрира во нова ера без Вашингтон како близок сојузник

Фридрих Мерц ќе стане „најамериканскиот канцелар“ на Германија. Никогаш во историјата шефот на германската влада немал поголем афинитет кон Соединетите Американски Држави. Мерц, според сопствената евиденција, досега отпатувал во САД повеќе од 100 пати и го смета поранешниот американски претседател Роналд Реган за еден од неговите политички идоли.
На Мерц, чиј конзервативен сојуз победи на националните избори со 29 отсто од гласовите, според раните проекции, особено му се допаѓа една регановска шега што го резимира скептицизмот (во американски стил) на германскиот лидер за државна интервенција: „Деветте најстрашни зборови во англискиот јазик се: ’јас сум од владата и тука сум за да помогнам‘ (I’m from the government, and I’m here to help)“.
Но, исто како што Мерц е на чекор до преземање на власта во Германија, неговата мила Америка се претвори од незаменлив, во не толку искрен пријател, со кого постојат одредени несогласувања. Мерц и другите европски мејнстрим-лидери сè повеќе ги гледаат САД не како пример, туку како уште една сила што ќе ги нагризе нивните и онака кршливи демократии.
– Ова е навистина промена на една ера – рече Мерц на Минхенската безбедносна конференција, откако американскиот потпретседател Џеј Ди Венс одржа говор во кој ги окарактеризира европските центристички партии, не Русија или Кина, како најголема закана за европската безбедност.
– Ако сега не го слушнеме повикот за будење, можеби е предоцна за целата Европска Унија – додаде Мерц.
Појавувањето на Венс во Минхен веројатно ќе влезе во европската историја како епохална промена, исто толку значајна како и говорот на Владимир Путин во 2007 година на истата конференција, кога рускиот претседател практично му објави војна на либералниот поредок предводен од САД. Сега, самата администрација на САД е таа што му врти грб на тој консензус.
Германските лидери, вклучувајќи го и Мерц, беа особено бавни во прифаќањето на новата реалност, изјавувајќи до неодамна дека трансатлантската алијанса ќе опстои и покрај јасните сигнали од администрацијата на Трамп дека ќе ја прекине воената помош за Украина, ќе ја доведе во прашање посветеноста на САД да ја бранат Европа и ќе ги зајакне силите на десницата, пријателски настроени кон Кремљ.
За осведочениот трансатлантичар Мерц, тешко дека би можело да има погрубо будење. Прашањето што ќе го дефинира неговиот мандат ќе биде дали тој може да ги води Германија и Европа во одбраната на распаднатиот либерален поредок без САД – или, како што предложи Мерц во Минхен, веќе е речиси предоцна.

Подем, пад и повторен подем на Мерц

Мерц не ја замислуваше така својата долгоочекувана победа. Роден една деценија по крајот на Втората светска војна во Зауерланд, рурален, планински регион во Западна Германија, Мерц, според него самиот, бил далеку од спектакуларен студент и склон кон дисциплински проблеми. И покрај бунтовничкиот период, тој беше под влијание на длабоко вградената конзервативна култура на областа и се приклучи на централнодесничарската Христијанско-демократска унија додека сè уште беше во средно училиште. Откако отслужил краток период во војската, Мерц отишол на универзитет во Бон, тогаш главниот град на Западна Германија, каде што студирал право.
Мерц стана конзервативен член на Европскиот парламент во 1989-та, годината кога падна Берлинскиот ѕид. Пет години подоцна тој беше избран во германскиот Бундестаг, каде што разви блиски односи со Волфганг Шојбле, цврстиот човек на ЦДУ и силен застапник за интеграција во Европската Унија. Под менторство на Шојбле, Мерц се издигна и се сметаше за веројатен избор за кандидат за канцелар. Меѓутоа, неговиот подем заврши во 2002 година, кога ја загуби борбата за власт со повеќе центристичката Ангела Меркел.
Не гледајќи никаква улога за себе во ЦДУ под Меркел, Мерц се повлече во заднина и среде светската финансиска криза од 2008 година објави текст за слободните пазари со наслов „Осмели се за поголем капитализам“. Една година подоцна, тој го напушти Бундестагот за да работи како корпоративен адвокат, истовремено преземајќи го кормилото на Атлантик-Брике, лоби што се залага за трансатлантските врски.
Додека беше со Атлантик-Брике, Мерц се залагаше за трговски договор помеѓу ЕУ и САД – Трансатлантско, трговско и инвестициско партнерство или ТТИП – и создаде поблиски врски со САД, вмрежувајќи се со американски политичари и корпоративни лидери. Едно од неговите омилени места во САД, како што му рекол на биографот Волкер Ресинг, е претседателската библиотека „Роналд Реган“ во Сими Вали, САД, каде што е погребан поранешниот претседател.
Во текот на една деценија во приватниот сектор, Мерц седеше во низа корпоративни одбори, вклучувајќи и во четиригодишниот ангажман кај американската „Блекрок“, период што тој го смета за еден од најсреќните во неговиот живот, според биографот Ресинг. Мерц вели дека овој пат му обезбедил драгоцено искуство надвор од политиката, но неговите критичари го обвинуваат дека едноставно ги користел своите политички врски за да лобира за моќни интереси, со што во тој процес станал милионер.
Кога Меркел се повлече од функцијата лидер на ЦДУ во 2018 година, Мерц виде можност да се врати во политиката. Центризмот на Меркел и дарежливата бегалска политика, смета Мерц, го отворија десното крило на ЦДУ и дозволија подем на десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД). Мерц се обиде да поништи голем дел од наследството на Меркел и имаше цел да ја повлече ЦДУ остро надесно. Партијата, која бара реинвенција по 16 години во ерата на Меркел и изборниот пораз од Социјалдемократската партија (СПД) на Олаф Шолц во 2021 година, го избра за претседател на почетокот на 2022 година при неговиот трет обид за стапување на функцијата.
– Длабоко сум трогнат – рече Мерц по гласањето, воздржувајќи ги солзите.

Преземач на ризик или популист?

Иако Мерц и неговите конзервативци излегоа како победници на изборите, истражувањата покажуваат дека тој не е особено популарен во јавноста. Во земја што останува длабоко скептична кон финансиската индустрија, на богатството и на времето на Мерц поминато во американската инвестициска компанија „Блекрок“, често се гледа со сомнеж. Не помага тоа што Мерц рутински лета низ земјата со својот двомоторен авион, што лично го пилотира, исполнувајќи го својот животен сон, со добивање пилотска дозвола во неговите 50-ти години.
– Фридрих Мерц навистина не е многу сакан, но е почитуван – изјави поранешниот висок функционер на ЦДУ и европски комесар, Гинтер Отингер, за „Политико“, кон крајот на минатата година.
Сепак, Мерц, исто така, има репутација дека е импулсивен, со тенка кожа и склон кон популизам, особено кога станува збор за миграцијата. Неговите бранители велат дека тој е преземач на ризик – особина што ја стекнал во текот на годините поминати во приватниот сектор – и некој што не бега од остри дебати.
Мерц презеде еден од своите најголеми ризици непосредно пред изборите. По серијата напади за кои беа обвинети барателите на азил во месеците пред гласањето, Мерц забележа дека неговите конзервативци постојано паѓаат во анкетите додека АфД се искачува. Мерц во јануари одлучил дека е време за драстична промена, откако Авганистанец со нож нападна група деца од предучилишна возраст во парк во Баварија, убивајќи едно дете и маж што се обидел да ги заштити децата.
Во потегот за кршење на табуата што го ослабна повоениот „заштитен ѕид“ на Германија околу екстремната десница, тој и неговите конзервативци се усогласија со АфД во обид да добијат строги мерки за имиграција преку парламентот – вклучувајќи и предлог за одбивање на барателите на азил на границата.
Како одговор на прифаќањето на поддршката на АфД од Мерц, десетици илјади револтирани демонстранти излегоа во градовите низ целата земја.
– На Мерц повеќе не може да му се верува – рече Шолц, чија централнолевичарска СПД беше трета на изборите во неделата. Роберт Хабек, кандидатот за канцелар на зелените, го нарече потегот на Мерц „дисквалификација“ за канцеларската функција.
Но гласачите, кои во голема мера ја поддржуваа неговата цврста миграциска политика, на крајот не се согласија, со што го издигнаа Мерц на власт.

Разочаран трансатлантичар

Германските конзервативци долго време се надеваа дека строгата политика на Мерц за границите, деловното потекло и блискоста со САД ќе го доближи до Доналд Трамп.
– Мерц е еден од Германците што е најдобро поврзан во САД – рече Томас Силберхорн, конзервативен пратеник специјализиран за трансатлантските врски.
Мерц, исто така, вети дека ќе направи договори со Трамп. Во интервју минатиот месец тој посочи дека Германија би можела да му се допадне на Трамп со купување американски борбени авиони Ф-35 и зголемување на трошоците за одбрана за постојано да ја стави Германија над целта на НАТО за вложувања од два отсто од бруто-домашниот производ. И покрај љубовта на американскиот претседател кон тарифите, Мерц исто така се обидуваше да ги врати преговорите за ТТИП, кои пропаднаа за време на првата администрација на Трамп.
Меѓутоа, до неодамна, пристапот на Мерц за соочување со администрацијата на Трамп главно се состоеше од негирање на огромниот предизвик. Само еден ден пред говорот на Венс во Минхен, Атлантик-Брике, трансатлантската лоби-група што Мерц порано ја предводеше, објави еден од неговите есеи за трансатлантските односи.
– Нашиот сојуз со Америка беше, е и ќе остане од огромно значење за безбедноста, слободата и просперитетот во Европа – напиша Мерц. Со Трамп, продолжи тој, „трансатлантските односи повторно ќе се променат, а сепак ќе продолжиме да споделуваме заеднички вредности, интереси и заедничко ветување за заштита во НАТО“.
Неколку дена подоцна, тонот на Мерц драстично се промени бидејќи тој предупреди на трансатлантска руптура.
– Разликите меѓу САД и Европа добиваат сосема нов квалитет. Сега веќе не е само за одбраната; туку се работи за нашето основно разбирање на демократијата и отвореното општество – напиша тој во белешката до своите поддржувачи по говорот на Венс. Мерц го спореди моментот со отпочнувањето на војната во Украина во 2022 година, кога, како што рече, „се разбудивме од нашите соништа и моравме да научиме да разбереме дека нашиот свет повеќе не е онаков каков што требаше да биде“.
Германските и европските лидери беа уште позагрижени кога Трамп, неколку дена подоцна, ја обвини Украина за започнување на војната, а потоа го нарече украинскиот претседател Володимир Зеленски „диктатор“.
По изјавите на Трамп, Мерц ги предупреди приврзаниците на митинг во сојузната држава Хесен дека „автократското однесување на врвот на државата“ во САД може да трае долго време.
– Нашиот одговор може да биде само дека конечно мора да станеме издржливи, способни за одбрана и способни да застанеме на свои нозе во Европа – додаде тој.
Во интервјуто следниот ден, Мерц предупреди дека Европа треба да се подготви за можноста Трамп да стави крај на заштитата на НАТО и навести голема стратегиска промена, велејќи дека Германија треба да разговара за можноста за „нуклеарно споделување или барем нуклеарна безбедност“ со европските нуклеарни сили, Обединетото Кралство и Франција. Германските конзервативци претходно се залагаа за одржување силни врски со САД поради повиците од Париз да се негува европска „стратегиска автономија“.
Реторичката промена на Мерц покажа колку тој сега е вознемирен од администрацијата на Трамп. Прашањето е дали идниот германски канцелар ќе успее да ја одведе ЕУ – и самата соочувајќи се со подемот на десничарските партии пријателски настроени кон Русија – во фундаментално нова насока.
Тој изрази подготвеност да зацрта нов курс, но патот напред останува матен.
– Во оваа Европа, Германија мора да игра водечка улога. Мораме да ја преземеме оваа одговорност. Јас, на прво место, сум решен да го сторам тоа – рече Мерц на митингот во Хесен.