Во 2013 година беше воспоставен првиот „Институт Конфуциј“

Откако Кина и Македонија воспоставија дипломатски односи пред нешто повеќе од три децении, двете земји изградија блиски односи во сферата на културата и односите народ со народ. Тоа беше реализирано преку богат спектар на активности на соработка, особено на полето на културата, уметноста, локалната самоуправа, образованието, цивилниот сектор, туризмот и сл. Овие зачестени и продлабочени размени не само што изградија мост на разбирање и пријателство меѓу двата народа туку практично докажаа дека земји со очигледно голема разлика во големината можат да соработуваат на хармоничен начин и во заемен интерес, а со тоа и да постават модел за меѓународна културна размена во современиот свет.
Иако илјадници километри далеку една од друга, двете нации споделуваат и слични народни изреки, кои ја нагласуваат почитта кон културното разбирање и пријателство. Во Кина се вели „кога срцата ќе се поврзат, и пријателствата траат подолго“. Во Македонија е позната изреката „добриот пријател е некогаш подобар и од брат“. Гледано во ретроспектива, културните интеракции се водени конзистентно од принципите на заемен респект и учење едни од други. Со други зборови, двете страни дејствуваат како еднакви партнери вклучени во еден отворен и инклузивен однос. Кина најде заинтересирана публика во Македонија, додека македонската култура сè повеќе се афирмира во Кина – реципроцитетот на културната размена создава услови за заедничко и ново ниво на креативност и конструктивност, сето тоа врзано во непрекинат круг. Овој двостран модел е спротивност на едностраните наративи, така што секоја култура ги задржува својата независност, иницијативност и еднаков глас во дијалогот.
Разбирањето на тоа како се постигнува интеркултурен дијалог и покрај разликите е единствен начин на негување на поврзаноста на големите и малите нации (комуникации народ со народ). Нашата анализа ги истражува практичните темели, кои се поставени по пат на јазичното образование и уметничката размена, благодарение на институтите „Конфуциј“ и меѓууниверзитетската соработка. Целта е да се илустрира начинот на кој се постигнуваат двонасочна соработка и културна резонанса врз основа на заедничка основа и почитување на разликите.
Јазикот е почетната точка за комуникацијата меѓу срцата и умовите. Изучувањето на кинескиот јазик во Македонија започна во 2002 година. Во 2013 година беше воспоставен првиот институт „Конфуциј“, на чие отворање присуствуваше и тогашниот претседател на Републиката, Ѓорге Иванов, што на настанот му даде и политичка тежина. Оттогаш, институтот нуди часови по кинески јазик и организира активности како што се Денови на кинеската култура, фестивали на културата на чајот, приеми по повод Лунарната нова година итн. Секој од овие настани им помогна на мнозина во земјата да го продлабочат своето познавање на кинеската култура. Само неколку години подоцна се случи „треска“ за изучување на кинескиот јазик. Бројот за заинтересирани студенти се зголеми за пет пати. Изучувањето на јазикот беше почетната основа за натамошното културно разбирање меѓу двете земји, а групите млади што научија кинески или македонски станаа гласници на пријателството.
Имено, Пекиншкиот универзитет за странски јазици ја отвори првата програма за изучување на македонскиот јазик на додипломско ниво во 2015 година, со што на младите во Кина им се отвори можноста да научат многу за јазикот и културата на Македонија. Така, младите од двете нации добија можност „да се запознаат со зборовите, но и да ги разберат срцето и умот на другиот“, така создавајќи услови за уривање на бариерите и продлабочување на заемното разбирање.
Слично, уметничката размена стана значаен мост за кинеско-македонската културна интеракција. Во текот на годините, двете страни зачестено организираа литературни средби и уметнички перформанси, кои дадоа богат плод. Во 2010 година, Амбасадата на НР Кина и македонските власти го основаа Кинескиот културен центар во Националната библиотека во Скопје. Тој обезбеди кинески публикации, магазини и аудиовизуелни материјали, а стана и место на одржување разни културни активности. Во 2011 година, Пекинг беше домаќин на Денот на македонската култура, во кој посебно место имаше Изложбата на македонското фолклорно творештво, на која беа прикажани фотографии и рачни изработки од познатата уметница Гордана Вренцоска. На настанот присуствуваа кинескиот заменик-министер за култура и македонскиот министер за култура, кои забележаа дека изложбата претставуваше значаен прозорец за запознавање со македонската култура за кинеската публика, како и мост на пријателство меѓу двете земји. Всушност, тоа беше првиот голем дебитантски настап за современата македонска уметност на голема сцена среде Кина, што отвори ново поглавје во соработката. Во годините што следуваа, сè поголем број македонски уметници настапуваа во Кина. Така, на пример, во декември 2019 година, уметникот Синиша Кашавелски имаше соло-изложба на слики, што беше прв настан од таков вид во историјата на двете земји.
Исто така, кинеската уметност секојдневно си создаваше простор за афирмација во македонската јавност. Последните неколку години институтот „Конфуциј“ организираше неколку изложби и предавања. На пример, кон крајот на 2024 година, се одржа ликовна изложба придружена со предавања во Скопје, но и во уште други два града, така отворајќи нови можности за будење на културниот дијалог. Преку можноста да им се восхитува на ексклузивните кинески цртежи со мастило и да слуша за разликите меѓу кинеската и западната уметност, кај публиката се разбуди подлабока почит за суштината на кинеското сликарство. Може да се каже дека одговорот од публиката беше навистина ентузијастичен. Ова всушност беше првпат, со помош на институтот, кинеската уметност да се прикаже во повеќе македонски градови, односно да се доближи до локалните заедници.
Освен тоа, интеракциите во разните уметнички перформанси се во постојан пораст. По повод Кинеската нова година во 2015 година, уметничка трупа од Нанчан, од провинција Џиангси, за првпат настапи на сцената на Македонскиот народен театар, претставувајќи песни, танци и оперски изведби пред преполната сала. Публиката беше восхитена од убавината и привлечноста на кинеската култура. Таквите живописни уметнички размени им овозможија двете страни да воспостават емотивна врска што ги надминува јазичните бариери. Додека наставата по јазик создава основа за рационално разбирање, уметничките размени ги допираат срцата на луѓето на подлабок и впечатлив начин, зближувајќи ги на психолошко ниво. Поттикнати од двојната сила на јазикот и уметноста, културната размена меѓу Кина и Македонија изгради цврста практична основа, создавајќи услови за подлабоко цивилизациско меѓусебно учење и зближување.

Образовни мостови: институтите „Конфуциј“ и универзитетските партнерства

Образовната соработка ja претставува најдинамичната и најзначајна алка во културната кинеско-македонска размена. Институтот „Конфуциј“ е плод токму на таквата соработка, односно на партнерството меѓу Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Југозападниот универзитет за финансии и економија во Ченгду. Од своето основање, овој институт (единствен во Македонија) не само што почна да нуди курсеви по кинески јазик за студентите туку навлезе и во основните и средните училишта во повеќе локални заедници. Во првата година од неговата работа беа запишани само 60 курсисти; до 2023 година бројот на лицата што учат кинески јазик скокна на 1.500. Тоа зборува за силниот интерес за кинескиот јазик, како и за неуморните напори на институтот. Преку организирање различни активности и натпревари – како што се саемот за Пролетниот фестивал (Кинеска нова година), приредби на кинески таленти и натпреварот „Кинески мост“ – институтот „Конфуциј“ стекна одличен углед и прерасна во впечатлив белег за меѓучовечката размена на двете земји. Македонската влада и универзитетските кругови исто така високо го ценат придонесот на институтот. На прославата на 10-годишнината од неговото основање, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. Никола Јанкуловски, го пофали институтот за неговиот значаен придонес во проширувањето на македонско-кинеската културно-образовна размена. Денес, институтот претставува врска што ги поврзува образованието и културата на двете земји, непрекинато создавајќи кадри – гласници на размената што ги разбираат и јазикот и културата на двете страни – и обезбедувајќи постојан поттик и интелектуална поддршка за културната резонанција меѓу двата народа.
Истовремено, пошироката соработка и размена меѓу кинеските и македонските универзитети се продлабочува сè повеќе. Во последниве години, Универзитетот во Скопје потпиша договори за размена на студенти, академски истражувања и заеднички проекти со повеќе кинески високообразовни институции – вклучувајќи го и Југозападниот универзитет за финансии и економија – што дополнително ја зајакна билатералната соработка во областа на високото образование. Како што веќе напомнавме, во 2019 година, Пекиншкиот универзитет за странски јазици отвори прва додипломска програма по македонски јазик; македонската страна испрати искусни предавачи, кои им го отворија прозорецот на кинеските студенти кон балканската култура. Покрај тоа, Кина секоја година прима студенти од Северна Македонија на студии. Од крајот на 1990-тите години наваму, бројот на стипендии од кинеска страна е во постојан раст: во периодот 2015–2023 година, 40 македонски студенти завршиле магистерски или докторски студии во Кина во специјалности како кинески јазик, традиционална кинеска медицина итн. По враќањето дома, тие прераснуваат во клучна сила за унапредување на билатералната размена. Во сферата на научноистражувачката соработка, Кинеската академија на науките заедно со македонските универзитети реализира заеднички истражувања во областа на иновациите и управувањето со технологијата. Во 2019 година, кинеската провинција Гансу во соработка со македонските власти основаше Центар за размена во областа на науката и културата во Скопје. Тој стана нова платформа за академска и техничка соработка меѓу двете страни. Дополнително, во 2016 година Универзитетот „Гоце Делчев“ (Штип) го основаше првиот Центар за традиционална кинеска медицина во Европа. Така, Македонија стана пионер во развојот на традиционалната кинеска медицина на Балканот. Овие разновидни форми на универзитетска соработка не само што поттикнаа размена на знаење и кадри туку во голема мера ги унапредија и меѓусебното разбирање и резонанцијата меѓу народите на двете земји во сè пошироки области.

Институтот „Конфуциј“ организира изложби и академски предавања

Клучните вредности: културен диверзитет и еднакво партнерство

Причината поради која културната размена меѓу Кина и Северна Македонија се продлабочува во континуитет лежи во фактот што двете земји се придржуваат до основните начела на културната разновидност и почитување на субјективитетот на другиот. Ова вредносно јадро не само што нуди насоки за надминување на пречките и постигнување резонанција меѓу двете страни туку е и во висок степен усогласено со доминантните ставови на меѓународната заедница кога станува збор за цивилизациските односи. За теориската основа на културната разновидност одамна е постигнат глобален консензус. Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО) во 2001 година ја усвои Универзалната декларација за културна разновидност. Во неа јасно се нагласува дека културната разновидност е заедничко наследство на човештвото и дека нејзината важност е „неопходна исто како што биолошката разновидност е неопходна за природата“. Секоја цивилизација има своја уникатна вредност, а човечката цивилизација е богата и шаренолика благодарение на разликите. Во тој контекст, Кина постојано се спротивставува на хегемонијата, која би дозволила една цивилизација да ги истисне другите, и се залага различните цивилизации рамноправно да соживуваат и заемно да се збогатуваат. Само кога двете страни длабоко ја сфаќаат важноста на културната разновидност, тие можат да се однесуваат рамноправно во меѓусебните односи, т.е. со заемна почит и учење. И двете страни сметаат дека не постојат подобри или полоши, туку само дека постојат различни култури. Ваквиот отворен став ја постави основата за избегнување погрешни толкувања и недоразбирања.
Треба да се спомене дека постојат и тези спротивни на идејата за цивилизациско заемно учење. Во 1993 година, професорот од „Харвард“, Самјуел Хантингтон, ја изнесе славната теза за „судирот на цивилизациите“, тврдејќи дека во светот по Студената војна „главниот извор на конфликти ќе биде културата“ и дека судирите меѓу различни цивилизации ќе доминираат во меѓународната политика. Низ оваа призма, цивилизациските разлики се гледаат како непомирливи спротивности. Оттука, не зачудува што оваа теза предизвика претпазливост и преиспитување во меѓународната академска и друга јавност. Мнозина остро ја критикуваа оваа теорија. Наспроти неа постои пристапот на дијалог меѓу цивилизациите што го промовираат Обединетите нации: идејата дека преку културната размена се унапредува разбирањето, а преку дијалог и соработка се надминуваат поделбите и конфликтите. Таквото сфаќање сè повеќе се вкоренува во глобалната свест. Ние во целост го поддржуваме овој пристап и подвлекуваме дека сите земји треба заеднички да промовираат цивилизациска еднаквост, заемно учење, дијалог и инклузивност, отфрлајќи каква било теснограда реторика што проповеда цивилизациска конфронтација или надмоќ. Очигледно е дека на концептуално ниво, глобалниот консензус за мирољубив развој се темели на почитување на културната разновидност и истрајување во дијалогот и заемното учење, а не на пропагирање на таканаречениот судир на цивилизациите.
Водени од овие начела, Кина и Северна Македонија отсекогаш се третираат една со друга како рамноправни субјекти во размената, настојувајќи да постигнат резонанција во рамките на различноста. Ваквата практика на „заемна субјективност“ значи дека секоја страна ја смета другата за рамноправен учесник во дијалогот, без надмено наметнување или пасивно прифаќање. Историското искуство покажува дека доколку едната страна е слепо самоуверена и ја игнорира цивилизацијата на другата, во комуникацијата неизбежно ќе се појават недоразбирања и предрасуди. Фактот што културната размена меѓу Кина и Северна Македонија речиси и да нема триења се должи на тоа што двете страни го отфрлија нееднаквиот пристап: Кина, во односите со Северна Македонија, ги почитува стремежите на другата страна и не се меша во нејзините внатрешни работи; Северна Македонија ги почитува кинескиот развоен пат и културните традиции, создавајќи атмосфера на заемна почит и рамноправна доверба. Кога македонските граѓани учат кинески и се запознаваат со кинеските обичаи, тие не стравуваат дека нивниот сопствен културен идентитет ќе биде поткопан, затоа што знаат дека кинеската страна ја почитува уникатноста на македонската култура и охрабрува двонасочно учење. Слично, кинеската јавност со отвореност ужива во македонската уметност и раскажувања, гледајќи ги како можност за збогатување на сопствениот видокруг. Двете страни се гледаат меѓусебно како рамноправни културни субјекти и го почитуваат правото на самостоен избор на другата страна. Ваквата практика на заемна субјективност направи културната размена да стане навистина двонасочна интеракција, наместо еднострано наметнување или угодување. Во тој процес, двете страни пронајдоа заедничка вредносна основа за резонанција: концептот на „цивилизациска размена и заемно учење“ што го промовира Кина нагласува надминување на поделбите преку дијалог, надминување на конфликтот преку заемно учење и надминување на ароганцијата преку инклузивност; Северна Македонија, пак, како мултикултурна држава, има длабоко искуство со културната инклузивност и соживот. Двете земји во размените се придржуваат до еднаквоста и заемното учење, што не доведува до губење на идентитетот на која било страна, туку напротив, поттикнува уште посилна културна самосвест и самодоверба. Кога македонските традиционални танци, музика и гастрономија се презентираат во Кина, кинеската публика – уживајќи во егзотичниот шарм – во нив препознава слични елементи од сопствената култура и почнува уште повеќе да ги цени своите традиции; обратно, кога кинеската калиграфија, боречките вештини и традиционалната медицина влегуваат во македонските заедници, покрај возбуда и љубопитност тие поттикнуваат македонските пријатели повторно да размислат за местото на својата култура во светската цивилизација и подобро да ја сфатат важноста од зачувување на сопствениот културен идентитет. Очигледно е дека, под водство на принципите на културната разновидност и заемната субјективност, кинеско-македонската културна размена постојано се движи по вистинскиот колосек. Така, „теоријата за судирот на цивилизациите“ се побива сама од себе, а двете земји заеднички ја засвирија „мелодијата на цивилизациската хармонија“. Гледајќи кон иднината, со овие начела како придружници и чувари, културна размена ќе продолжи да се продлабочува, а нејзиното вредносно јадро ќе станува сè попривлечно. Овој конкретен пример ѝ нуди инспирација и на меѓународната заедница за градење цивилизациски односи: само со заемна почит и рамноправна размена може да се постигне вистинска интеркултурна резонанција.

Се организираат сеопфатни активности за промоција на македонската култура во Кина

Двонасочната размена и локалното учество – патеки до заедничка резонанција во практиката

За создавање на меѓукултурната резонанција е потребно водство од пошироки концепти на макрониво, но и поддршка од конкретни практики на микрониво. Во кинеско-македонската културна размена, „двонасочната размена“ и „локалното учество“ ги претставуваат двете клучни патеки. Таканаречената двонасочна размена подразбира дека културната интеракција не се сведува на тезата „јас кажувам, ти слушаш“, туку дека културите на двете страни се среќаваат, судираат и меѓусебно се прелеваат во процесот на заемна размена. Само преку навистина заемна комуникација и создавање интерактивен круг може да се роди културна резонанција. Локалното учество, пак, бара размената да навлезе длабоко во основното ткиво и секојдневието на другата заедница, претворајќи ги луѓето од пасивни набљудувачи во активни учесници, за културната интеракција цврсто да се вкорени меѓу широките народни слоеви. Во последните години, токму по овие две патеки Кина и Северна Македонија постојано трагаат и напредуваат.
Ширењето на македонската култура во Кина постојано го зголемува своето влијание, т.е. преку разни канали го демонстрира својот историски и културен шарм. На пример, во 2019 година, Скопје беше домаќин на Министерскиот форум за културна соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа, а последниве години активно учествува и во настани како „Културна сезона Кина–ЦИЕ“ и „Меѓународно уметничко биенале“. Македонските фолклорни групи настапија на Кинеско-европскиот културен фестивал, при што нивната разиграна кореографија предизвика бурен аплауз. Македонските уметнички филмови повеќепати се прикажувани во Кина, со што се продлабочи разбирањето на кинеските филмофили за балканскиот дух и пејзажи. Особено вреди да се истакне дека во последниве години македонските власти организираа серија сеопфатни активности за промоција на македонската култура во Кина. Во октомври 2024 година, македонската амбасада во Пекинг организираше форум под наслов „Економска, трговска и културна размена со Северна Македонија“. Претседателот Стево Пендаровски и други високи претставници преку видеопораки ѝ ја претставија Северна Македонија на кинеската публика, а македонскиот амбасадор одржа поздравен говор, изразувајќи надеж за продлабочување на културната соработка меѓу двете земји. Форумот вклучи презентација на македонскиот фолклор, изложба на фотографии и дегустација на традиционални јадења, привлекувајќи многубројни кинески гости. Овој вид промоција, инициран од македонска страна и насочен кон кинеската јавност, означува ново достигнување во двонасочната интеракција: културната размена повеќе не е само едностран „извоз“ од кинеска страна, туку и Северна Македонија исто така активно „излегува надвор“ за да се претстави себеси.
Во исто време, ширењето на кинеската култура навлегува сè подлабоко во македонското општество. Освен активностите на институтот „Конфуциј“, кинеската амбасада и различните друштва за пријателство низ земјата организираа голем број културни манифестации блиски до обичниот народ. Во 2019 година, Националната опера на Кина одржа концерт насловен „Кинеска и светска класика“, на кој присуствуваа кинескиот амбасадор во Северна Македонија, Жанг Ѕуо, како и амбасадори на повеќе други земји. Во септември 2022 година, во градот Штип, Друштвото за македонско-кинеско пријателство организираше тематска уметничка изложба по повод кинескиот национален празник, на која беа изложени слики и фотографии со кинески мотиви. На отворањето присуствуваа штипскиот градоначалник, претседателот на друштвото и кинескиот амбасадор. Настанот привлече голем интерес и овозможи пејзажите на Кина и нејзините развојни достигнувања да навлезат во видокругот на македонската јавност. Кинеската културна размена повеќе не се ограничува само на главниот град, туку навлегува и во внатрешноста. Во март 2024 година, Струга беше домаќин на настан под мотото „Хармонија во различноста“, што вклучи церемонија за започнување програма за соработка меѓу библиотеки и дегустација на кинески и македонски кулинарски специјалитети. Повеќе од 150 локални наставници, ученици и граѓани учествуваа со голем ентузијазам. Во својот говор, кинескиот амбасадор ги употреби симболите на поезијата, книгата и храната, изразувајќи надеж дека двата народа ќе „склопуваат пријателства преку поезијата, ќе градат мостови преку книгите и ќе се поврзуваат преку храната“. Локалните организатори, пак, изразија надеж дека ќе се продлабочи запознавањето на стружани со кинеската култура. Настанот помина во исклучително живa атмосфера; многумина млади за првпат вкусија кинеска храна и прелистаа книги на кинески јазик, непосредно доживувајќи го шармот на кинеската култура. Еден студент со воодушевување забележа: „Порано Кина ми беше многу далечна, но денес, буквално е на мојот праг, јас ‘ја видов’ Кина“. Тоа е токму ефектот што го донесе комбинацијата на двонасочна размена и локално учество.
Второ, исклучително важни се и локализацијата на механизмите за размена и учеството на јавноста. Институтот „Конфуциј“ проактивно воспостави партнерства со локалните самоуправи низ земјата. Во 2023 година се потпишаа меморандуми за соработка со општините Охрид, Вевчани, Ресен, Карпош и други, за спроведување настава по кинески јазик и културни активности во тие средини, при што локалните власти обезбедуваат простор и ресурси за поддршка. Тоа значи дека курсевите по кинески јазик и култура ќе навлезат во училиштата и културните центри во сè повеќе места, опфаќајќи уште поширок круг на луѓе. Паралелно, Северна Македонија, преку својата амбасада и конзулатите во Кина, ги охрабрува македонските државјани, како и кинеската дијаспора, за заедничко учество во културните интеракции. На настани како „Недела на македонската кујна“ и туристички промоции одржани во Пекинг, Шангај и други градови, често можеше да се забележат македонски студенти и вработени, кои со воодушевување им ги претставуваа на кинеските пријатели обичаите и убавините на својата татковина. Кога културната размена се проширува од иницијатива доминирана од официјални институции во заедничка активност на институциите и граѓаните, и од привилегија на големите градови во појава што цвета и во помалите средини, тогаш меѓукултурната резонанција добива посилна општествена основа и пошироко влијание. Во исто време, и одделни поединци посветени на двонасочната размена одиграа улога на мостови. Македонскиот синолог Игор Радев преведе на македонски јазик голем број кинески класични дела и активно ја претставува македонската култура во Кина, при што е нарекуван амбасадор на културната размена меѓу двата народа.
Накратко, денешните успеси на кинеско-македонската културна размена се неразделно поврзани со истрајноста во двонасочната интеракција и поттикнувањето на локалното учество. Двонасочната размена ги разби ограничувањата на еднонасочната комуникација и воспостави позитивен циклус на цивилизациски дијалог; локалното учество, пак, ја изнесе размената од рамките на елитата кон масите, пуштајќи корени меѓу обичните луѓе и создавајќи непресушна внатрешна енергија. Заложбите на повеќе нивоа – од влади, институции и поединци – исплетоа тродимензионална мрежа за меѓукултурна резонанција меѓу двете земји. Искуството на Кина и Северна Македонија покажува дека само со континуирано промовирање на двонасочната размена и широко вклучување на локалната заедница, принципот на цивилизациско заемно учење може навистина да се вкорени.

Преку фреквентна размена на студенти до подобро културно разбирање

Перспективи – изградба на заемно корисна културна платформа

Прво, она што е потребно е искористување на улогата на институтот „Конфуциј“ како мост меѓу народите, со постојано проширување на опфатот на наставата по кинески јазик, за да можат уште повеќе македонски граѓани да учат кинески или да се запознаат со кинеската култура. Преку создавање поголем број кадри, кои темелно ги владеат јазикот и културата на другата страна, институтот „Конфуциј“ ќе ја зацврсти својата улога на мост во меѓучовечката размена и ќе внесе постојан поттик во заемното разбирање меѓу народите на двете земји.
Второ, потребно е да се воспостави редовен билатерален механизам за културна размена. Двете страни би можеле да изготват нови среднорочни и долгорочни планови за меѓучовечка размена, редовно заеднички да организираат културни фестивали, уметнички изложби, филмски недели и сл., и да го истражат заедничкото основање на долгорочни платформи како што е билатерален центар за културна размена, со цел културната соработка да стане посистематска и редовна.
Трето, треба да се прошират областите на соработка и да се збогати содржината на размената. Освен традиционалните полиња на културна размена, треба да се отворат можности за партнерства во нови области како културните и креативни индустрии, образованието, туризмот, издаваштвото и др. Преку мерки како заедничко создавање уметнички дела, спроведување заеднички образовни проекти, креирање туристички маршрути со културна тематика, меѓусебен превод на врвни литературни и филмски дела и слично, може непрестајно да се зголемува и широчината и длабочината на културната резонанција.
Покрај тоа, треба посебно да се поттикне ентузијазмот и способностите за размена кај помладата генерација. Понатаму треба да се прошири обемот на владините стипендии и програми за младинска размена, охрабрувајќи повеќе млади да студираат во Кина и повеќе кинески млади луѓе да дојдат на студии во Северна Македонија, и преку активности како летни кампови за млади и студентски посети да се зајакне заемното разбирање и пријателство. Во ерата на социјалните медиуми, потребно е да се поддржат млади да студираат во Кина и повеќе кинески млади луѓе да дојдат на студии во Северна Македонија, и преку активности како летни кампови за млади и студентски посети да се зајакне заемното разбирање и пријателство. Во ерата на социјалните медиуми, потребно е да се поддржат младите од двете земји да ги искористат новите медиуми за да ги раскажуваат приказните за македонско-кинеското пријателство и да ги споделуваат своите искуства од размените, скратувајќи ја дистанцата меѓу срцата на луѓето. Активното учество на младата генерација ќе внесе нова енергија во кинеско-македонската културна размена.
На крајот, треба да се истрае на принципите на заемна корист и вин-вин исход, како и на отвореноста и инклузивноста, за да се обезбеди културната размена да им носи придобивки на народите на двете земји, притоа поздравувајќи учество од повеќе страни и избегнувајќи каква било затворена или исклучувачка тенденција. Во иднина би можело да се разгледа проширување на платформата за културна размена во регионална, мултилатерална мрежа – на пример, заеднички да се иницира одржување форум за дијалог меѓу цивилизациите за Балканот во Северна Македонија, на кој би се поканиле земјите од регионот да ги споделат искуствата од меѓукултурната соработка и да се дискутира за патиштата кон хармоничен соживот на повеќето цивилизации. Ова би ја зголемило улогата на Северна Македонија во меѓународната културна соработка и би го истакнало отворениот дух на Кина во промовирањето цивилизациско заемно учење. Денес, кога во некои делови на светот сè уште се проповеда „судир на цивилизациите“, заедничките напори на Кина и Северна Македонија за изградба на отворена платформа за културна размена несомнено претставуваат свеж здив – доказ дека земји со различна големина и поинаков систем можат целосно да ги надминат разликите и да водат рамноправен дијалог. Гледајќи напред, доколку двете страни продолжат да се поврзуваат со срце и да се спријателуваат преку култура, постојано унапредувајќи ги и вешто користејќи ги овие платформи за размена, сигурно е дека ќе успеат да изградат уште посолидна хуманитарна основа за следните 30 години од билатералните односи и да отворат уште посветла перспектива за соработка.

Заклучок

Искуството од културната размена меѓу Кина и Северна Македонија покажува дека надминувањето на јазичните, географските, па дури и општествено-политичките разлики и постигнувањето меѓукултурна резонанција не е недостижна цел. Повеќеслојната, широкопојасна и двонасочна размена ги приближи народите на двете земји, создавајќи резонанција во нивната внатрешност. Наставата по јазик, уметничките настапи, универзитетската соработка, народните интеракции и другите „парчиња од сложувалката“ хармонично се слеваат во величествена слика на цивилизациското заемно учење меѓу Кина и Северна Македонија. Во тој процес, двете страни се придржуваа до заемна почит и рамноправно учење една од друга, практикувајќи ги принципите на културната разновидност и цивилизациското заемно учење, со што се избегнаа предрасудите и замката на културната надмоќ, поставувајќи пример за пријателски односи меѓу голема и мала држава. Во иднина, перспективите за кинеско-македонската културна размена се светли: се појавуваат нови платформи, постојано се отвораат нови сфери, уште поголем број луѓе – особено млади – ќе учествуваат активно, станувајќи факелоносци на пријателството. Меѓукултурната резонанција е налик на композиција – потребно е двете страни заеднички да ја отсвират мелодијата и да си одговараат во хармонија. Доколку цврсто се држиме до оваа визија и истрајно работиме на нејзина реализација, песната на меѓусебното разбирање и пријателство ќе одекнува трајно над земјите на Кина и Северна Македонија, испишувајќи уште посјајни поглавја. Кога Кина и Северна Македонија се духовно поврзани во културно единство, нашето дрво на пријателството ќе пушти длабоки корени, ќе се разгранува во полн цвет и ќе остане вечно зелено. Нека двете земји рамо до рамо изградат уште посилни културни врски, постигнувајќи заемна корист и заедничка добивка, за светлината на меѓукултурната резонанција да ја осветли нашата заедничка светла иднина.

Автор: Лијао Веј Југозападен универзитет за финансии и економија, Кина
Институт „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје