
- Додека Берлин повторно станува водечка воена сила во Европа, Париз и Варшава се соочуваат со огромна политичка промена
Европската Унија со децении работеше врз основа на неизговорено разбирање: Германија управуваше со парите, Франција управуваше со војската. Сега работите се менуваат. Додека Германија се стреми да стане доминантна воена сила во Европа, политичката рамнотежа се менува. Франција се бори да остане релевантна, додека во Полска вооружувањето на Германија ги разгорува старите духови и создава чувство дека сојузот Берлин-Варшава може да биде најефикасниот начин да се држи Русија настрана.
– Каде и да одам во светот, од Балтикот до Азија, луѓето бараат од Германија да преземе поголема одговорност. Очекувањето е дека Германија конечно ќе се истакне и ќе ја усогласи својата економска тежина со одбранбената моќ – рече Кристоф Шмид, германски социјалдемократски пратеник во одборот за одбрана на Бундестагот.
Германија со најголемата армија во Европа, опремена со најсовремени тенкови, ракети и авиони, е далеку од хаотичниот Бундесвер, исмејуван поради нискиот морал и застарената опрема. Таа воена моќ е поврзана со политичката и економската тежина, а Европа ќе мора да се приспособи на доминантна Германија.
До 2029 година се очекува Германија да троши 153 милијарди евра годишно за одбрана. Тоа е околу 3,5 проценти од БДП, најамбициозната воена експанзија на земјата од повторното обединување. Франција, за споредба, планира да достигне околу 80 милијарди евра до 2030 година. Полска има цел да потроши 44 милијарди евра за одбрана годинава, што е еднакво на 4,7 проценти од БДП (највисоко ниво во НАТО) и планира да има една од најголемите и најдобро опремени војски во Европа.
Фискалните реалности исто така се менуваат. Со оглед на тоа што Париз се бори со јавен долг од над 110 проценти од БДП и дефицит поголем од пет проценти, моќта на задолжување на Берлин му дава слобода на која неговите соседи можат само да завидуваат. Полска исто така се бори да ги држи јавните трошоци под контрола, влошени од зголемувањето на трошоците за вооружување.
Одреден функционер на ЕУ, за зголемувањето на воениот потенцијал на Германија, анонимно истакна: „Тоа е најважното нешто што се случува во моментов на ниво на ЕУ“. За европските дипломати, тој пораст отвора повеќе дилеми, настрана од буџетските прашања. Тоа ја доведува во прашање приказната што блокот долго време си ја раскажуваше за тоа кој ја чува неговата безбедност. И тоа прашање се врти во Брисел, каде што функционерите се прашуваат колку ќе биде всушност „европско“ зголемувањето на капацитетите на Германија. Една назнака за одговорот лежи во набавките. Берлин останува длабоко заштитнички настроен кон своите национални цели во безбедноста и вооружувањето.
Берлин се спротивстави да ѝ даде на Европската комисија поголем удел во купувањето оружје и планира во голема мера да се потпира на националните рамки, вклучувајќи и нов закон за набавки што ќе го користи систематски членот 346 од договорот на ЕУ. Оваа клаузула им овозможува на земјите да ги заобиколат правилата за конкуренција на ЕУ за да ги фаворизираат домашните договори.
Пристапот на Германија веќе се оформува
Внатрешните документи за набавки што ги виде „Политико“ покажуваат дека Берлин се подготвува да протурка 83 милијарди евра во договори за одбрана преку Бундестагот до крајот на 2026 година. Тоа е невиден пораст што ги засега сите области на вооружените сили, од тенкови и фрегати до беспилотни летала, сателити и радарски системи. И тоа е само почетната фаза. Зад неа стои многу поголема „листа на желби“ на Бундесверот од 377 милијарди евра, долгорочен план што опфаќа повеќе од 320 нови програми за оружје во сите воени домени.
Уште повпечатливо е каде ќе се насочат милијардите. Според плановите за набавки, помалку од 10 проценти од новите договори одат кај доставувачите од САД – пресврт по годините во кои Берлин беше еден од најголемите клиенти на Вашингтон во сферата на вооружувањето. Речиси сите други ќе останат во Европа, а голем дел од нив со сопствената одбранбена индустрија на Германија. За Европа, тоа значи дека економскиот мотор на ЕУ станува и нејзин одбранбено-индустриски мотор, при што Берлин насочува стотици милијарди во домашни производствени линии, додека Франција и јужните земји остануваат фискално ограничени.
Франција чувствува непријатност
Таа промена се чувствува во Париз, каде што на вооружувањето на Германија се гледа со мешавина од скептицизам и загриженост. И покрај притисокот на францускиот претседател Емануел Макрон од 2017 година за подобрување на француско-германските односи, недовербата кон Берлин останува длабоко вкоренета во француските воени кругови.
– Ќе биде тешко да се работи со нив бидејќи тие ќе бидат исклучително доминантни – рече француски функционер, додавајќи дека главната забелешка е дали германскиот канцелар Фридрих Мерц ќе успее да ги пополни празнините во персоналот на Бундесверот.
Сепак, индустриската и економската моќ на Германија е еднакво загрижувачка како и вооружувањето на земјата, продолжи функционерот. Настрана од историската вознемиреност, француските и европските функционери се прашуваат каква геополитичка улога има намера да игра Берлин под водство на Мерц.
– Сè уште не е јасно што сака да направи Мерц, Германија ќе мора да преземе поширока улога на меѓународно ниво, но не е јасно како – рече еден европски дипломат со седиште во Париз.
Најновите тензии околу проектот за борбени авиони од следната генерација во Европа – Идниот систем за борбени авиони, или ФЦАС – само ја продлабочија вознемиреноста. Програмата од 100 милијарди евра требаше да биде круна на француско-германско-шпанската одбранбена соработка. Но, одложувањата и препирките околу тоа која земја добива поголем дел од работата го тестираат тоа партнерство до точка на прекин. Во последните недели германските претставници предложија резервни опции, истражувајќи потенцијална соработка со Шведска или Велика Британија, или продолжување само со Шпанија. Таа перспектива го алармира Париз.
За Франција, ФЦАС е повеќе политички проект отколку само уште еден проект за набавки. Тој е директно поврзан со нејзиното нуклеарно одвраќање, фундаментален аспект на нејзиното барање за европско воено лидерство. Ако Берлин троши многу додека се здружува главно со нордиските и источните сојузници, Париз ризикува да ја изгуби централната улога што долго време ја уживаше во европската безбедносна архитектура.
Сепак, не сите го гледаат вооружувањето на Германија како закана. Во Варшава, тоа се смета и за неопходно и задоцнето.
– Полска стана светол пример меѓу сојузниците на НАТО во однос на воените трошоци. Следствено, инсистираме и другите партнери да го следат примерот. Но, ако сериозно се грижиме за колективната одбрана, не можеме постојано да велиме, ве молам, сите трошат повеќе за одбрана. Но, не и вие, Германија – рече Марек Маѓеровски, поранешен полски амбасадор во Израел и САД.
Заменик-министерот за одбрана на Полска, Павел Залевски, истакна дека зголемувањето на германската армија доаѓа во време кога Вашингтон сигнализира намалување на своето европско присуство.
– Зголемувањето на воената сила на Германија е природен одговор. Главните земји што го бранат источниот дел ќе бидат Полска и Германија – нагласи Залевски.
Земено во целост, брзото вооружување на Германија и поделените реакции на нејзините партнери истакнуваат дека центарот на гравитација на Европа се движи кон исток. Економската сила на континентот сега се трансформира во воено-индустриска, додека Франција се држи до својата нуклеарна карта, а Полска прераснува во конвенционален тешкаш на источниот крило на НАТО. Во Брисел, тоа прегрупирање претставува тест: Може ли ЕУ да го насочи овој моментум кон заеднички структури или ќе ја продлабочи фрагментацијата на безбедносната структура на блокот?
Засега, вложувањето на Берлин се смета за насочување кон одговорноста, а не за обид за доминација. Но, дури и поддржувачите признаваат дека тешко е да се сфати обемот на промената.
– Може да биде застрашувачки, без сомнение. Но, Германија има коалиции. Таа е во ЕУ и во НАТО и во меѓувреме би можеле да се случат многу работи – заклучува дипломат од ЕУ.

































