Сите што досега се изредија на власт, сѐ што допреа од квантумот на нашите природни и производствени ресурси, го искорнаа од рацете на сопствениот народ. Амалгамот на нашата несреќа се состои од повеќе дополнителни ингредиенти: рамнодушноста на обесправените; отсуството на желба и незнаењето како се бранат интересите на сопствената држава; перчењето со ниски човечки вредности; замајувањето со фолклорен домашен национализам; негувањето чифлигарски менталитет кому од голема помош му се и интелектуалци кои сосема опуштено велат – полошо од тоа да те експлоатираат е да не те експлоатираат
Во мојот потсетник одамна стоеше запишан следниов работен наслов: „Поткопување на економските темели на државата“.
Мислев дека тоа е добар опис за крајниот ефект врз нашата економија oд голем број одлуки на нашите надлежни оинституции – во изминатите над три децении. Наведената квалификација, веројатно, некои ќе ја сметаат за преостра. Но, за жал, неа ја потврдуваат фактите за нашиот, одвај, ползечки економски раст кој, меѓу другото, цело време го „јадат“ два важни, крајно негативни процеса.
Едниот е вчудовидувачката леснотија на пренесување на плодоуживањето на нашите национални ресурси (како и на изведбата на клучни економски проекти) во рацете на странски ентитети. Со други зборови, процес на несфатливо „инвестирање“ на нашите функционери во полза на интересите на надворешната конкуренција.
Другиот процес е галопирачкото зголемување на јазот меѓу јавното, од една страна, и приватно обезбедување на потребите на граѓаните со соодветни добра и услуги, од друга страна. Всушност, големо истиснување на првиот начин.
Двата процеса се близнаци на клучното рацио на неолибералистичката доктрина: неограничената слобода на движење на капиталот, а во поширока смисла, религијата „непопречени пазари“. Имено, државата била лош стопанственик или како што велеше Роналд Реган: „Владата не е решението за проблемот, Владата е проблемот“. Оваа доктрина, особено во последните четири децении, најшироко ги отвори портите за новите начини на експлоатација на сиромашните од страна на богатите, како внатре во општествата, така и во релациите меѓу нив.
Во оваа пригода, мојот фокус е на првиот процес – пренесувањето на нашите ресурси во рацете на странски ентитети. И, веднаш да кажам: посочениот работен наслов, „Поткопување на економските темели на државата“, не го изумив јас. Тоа беше назив за кривично дело стипулирано во некои верзии на Кривичниот закон на бившата СФРЈ. Образложението на тој закон (со тоа и на кривичното дело) беше дадено од, во тоа време, исклучително еминентниот професор по уставно право Јован Ѓорѓевиќ – главниот автор на текстот на Законот.
Во нашето постсоцијалистичко кривично законодавство, во согласност со старо-новата идеологија и „хармонизацијата“ со европското законодавство, нема такво именувано дело. Има повеќе старо-нови (да не ги цитирам), чија функција е заштита на јавните економски добра – на економското националното богатство, на материјалните ресурси чиј титулар е државата.
Ова („комунистичко“) кривично дело не ми се „прпелка“ во главата како некоја когнитивна вежбичка; ни од помислата дека треба да го вратиме во актуелното кривично законодавство. Туку, можеби, од некаква моја неизлечива заблуда дека, сепак, мора да постои некој вид предупредување, нешто отрезнувачко, нешто што може да допре до синапсите на нашите државни функционери; да разберат дека леснотијата со која го пренесуваат плодоуживањето на нашите национални богатства во рацете на странски ентитети не нѐ води кон благосостојба, туку кон историски горчливото искуство од чифлигарството.
И дека, конечно, можеби ќе видат дека над три децении (и преку вториот, горенаведен процес) ни се случува таканаречената „The tragedy of commons“ (заграбувањето, пљачкосувањето, пренесувањето на заедничките добра во приватен посед). Дека е крајна иронија „погребувањето на заедничкото“ да се слави постојано со карневалската прозодија: глобализација, соработка со нашите стратегиски партнери, странски инвестиции за излез од сиромаштијата, светоста на приватната сопственост, запечатувајќи ја државата во клубот на најголемите економски губитници.
Што е тоа „воловска економија“?
Сепак, од каде и зошто насловот „Воловска економија“? Од каде?
Го позајмив од колумна на српскиот писател Светислав Басара, заедно со образложението за тој наслов, што всушност е цитат од книгата на Жозеф-Мари де Местр (1753-1821) „Санктпeтербуршки ноќи“. Автор, од кој и за кој, за жал, имам прочитано само некои фусноти во дела на други автори.
И, зошто? Зашто, во меѓувреме, вторава метафора (со нејзиното образложение) ми се стори дека уште посликовито ја изразува суштината на тоа што ни се случува со нашата економија, со тоа и со нашите животи во изминатите децении.
Жозев де Местр (според Википедија), савојски филозоф, адвокат, дипломат, судија, на почетокот на 19 век и амбасадор во Русија со престој во Санкт Петербург. Независно што бил страстен поддржувач на хиерархиското општество (разбирливо, бил гроф) и што повремено се допирал до економијата, соопштил бесмртно точна вистина за разликите во поведението на одделни општества.
Во цитатот што го посочува Басара, тој вели дека постојат два вида општества. Едните, склони на брзи и лесни уредувања, кои ги колат воловите, од дрвените делови на плугот заложуваат оган, на огнот ги печат воловите и живеат долго и среќно додека има месо. И другите, ним спротивните општества, потрезвени и порационални, кои ги впрегнуваат воловите во плугови, ја ораат угарата, садат посеви, собираат летнина, и кои, по некое време – како што им растат приносите – се доберуваат до т.н. вишок капитал, од тој вишок на капитал набавуваат оружје и опрема, ја вооружуваат војската, па ги освојуваат земјите во кои населението пали оган од дрвените делови на плуговите и на него ги пече воловите и од тие земји изнесуваат сѐ што им треба, а што немаат во нивните земји… Земјите што ораат и копаат до производите што им требаат, а ги немаат, често стигнуваат привидно по мирољубив пат… Кога запалените плугови ќе изгорат и кога печените волови ќе бидат изедени… нема друго освен земјите што работат така да побараат нови плугови и нови волови од земјите што не работат така… Мора да се јаде.
На земјите што ораат и копаат, секако, не им паѓа на ум плуговите и воловите да ги дадат муфте, туку за возврат бараат – и по правило добиваат – компензација во добра и суровини коишто земјите што ги печат воловите на огнот од плуговите ги имаат во изобилство, но кои – сити и пресити од воловското месо – не ги користат. Зошто? Затоа што до користа (и до вишокот на вредност) од рудното и од суровинското богатство, кое земјите колачи на волови, по правило, ги имаат во изобилство, другиве стигнуваат со „подигнување на задниците“, со стрплива работа и голем напор, а тоа на оние што без ронка мака се најале од воловското месо им претставува тешка духовна мака.
Таа колумна Басара ја пишува (10.8.2024) во екот на големите протести во Србија, по повод намерата на Вучиќ да ѝ дозволи на компанијата „Рио Тинто“ да ископува литиум од подрачје на западна Србија. И само девет дена пред посетата на германскиот канцелар Олаф Шолц на Србија. Средба на која тој и претседателот на Србија, А. Вучиќ, разговараат за новиот европски проект: обезбедување одржливи „критични суровини“. Заедно присуствуваат на Самитот за критични суровини, во организација на ЕУ, а Србија истиот ден го потпишува Меморандумот за разбирање со ЕУ за стратегиско партнерство.
Македонија одамна започна со „воловската економија“
Според описот на Жозеф де Местр, не е тешко да се заклучи во која група општества спаѓа Македонија. Долг е списокот со примери што го потврдуваат нашиот „воловски концепт на еконoмија“. Ќе потсетам на дел од нив.
Март 1999 година: Љубчо Георгиевски (тогаш премиер) ѝ ја продаде рафинеријата „Окта“ на грчката компанија „Хеленик петролеум“ (EЛ-ПЕК) за само 32 милиони долари, за чија изградба (1978-1982) Републиката вложи околу 200 милиони долари. Тој договор на Георгиевски му беше само една од „златните кокошки“ на патот до „средно богат бизнисмен“.
Со какво објаснување беше продадена „Окта“? Била „загубар“! Така тврдеа и сите претходни влади, затоа требало да се „раатисаме“ од неа. А зошто „Окта“ беше „загубар?“ Од започнувањето со работа до нејзиното продавање, нашите влади цените на нејзините производи ги одредуваа административно – најчесто, под нивото на трошоците за производство. По продажбата (според договорот), компанијата премина на пазарно формирање на цените. Поинаку, немаше да биде купена. И одеднаш, „Окта“ веќе не беше „загубар“.
Но, освен проблемот со прениската цена за продажба (и дали воопшто требало да им се продаде на странци), договорот вриеше од други зачудувачки штетни одредби по Македонија. На пример, Георгиевски ја обврзал Македонија 20 години по ред (1999-2019) задолжително (од новиот сопственик) секоја година да откупува по 500.000 тони мазут. Количини што никогаш не ни биле потребни.
Гангстерската екипа, на чело со Никола Груевски, од 2008 до 2011 година, не ја исполнувала таа обврска. Па, на 22.12.2022 година арбитражниот суд во Париз пресуди Македонија, на грчкиот сопственик да му исплати отштета од 21.478.800 евра. По пресудата, Владата на СДСМ безмалку славеше. „Успеала“ да ја преполови отштетата, зашто „ХЕЛ-ПЕК“ барал двојно повеќе – 42.646.000 долари. Така (само со таа казна) на купувачот речиси му беше вратена уплатата при купувањето на фирмата. Поради просторот, нема да се осврнам на спогодбата за изградбата на нафтоводот Солун-Скопје.
Јануари 2001 година: Истиот компрадор (агент кој дејствува во полза на странски организации вршејќи работи од областа на инвестициите, трговијата…) продаде 51 отсто од АД „Македонски телекомуникации“ за само 317 милиони евра. Во тоа време високопрофитна компанија, без проблеми да го унапредува технолошкото ниво. За потоа, еден од неговите наследници (Бучковски) во „злосторничко содружништво“ со дел од највисокото раководство на ДУИ и со поддршка од, тогаш, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, на купувачот на оваа „печатница за пари“ („Маџар-телеком“) да му овозможи дополнително ограбување на нашиот народ.
За поткуп од над 7 милиони евра, со закон ѝ беше продолжена монополската позиција на пазарот и со продажба на дополнителни 10 отсто од акциите на државата ѝ се овозможи стекнување на квалификувано мнозинство за одлучување во компанијата. Во текст изложен на овој ист портал, „Моите соочувања со гангстерите од Будимпешта“, зборував за штетата врз Македонија од сите трансакции во врска со оваа компанија.
Јуни 2005 година: Во најстрогиот центар на Скопје беше отворен првиот објект од трговскиот синџир „Рамстор“. Претходно, Владата и градот Скопје на турскиот бизнисмен Коч, за таа намена, му ја „продадоа“ парцелата од 20.000 квадратни метри за само 560.000 евра – по 28 за еден квадратен метар. За хангарот (во центарот на градот) и просторот за пристап и паркирање, бизнисменот искористил 13.000 квадратни метри. Преостанатите 7.000 квадратни метри му ги отстапил/продал на сопственикот на фирмата „Евроазија техника“, Ајдован Адемоски. Тој, пак, на тој дел од просторот им ја изгради (и продаде) зградата која стана седиште (централа) на „Нова љубљанска банка“. Така, двајца „ербап“ бизнисмени станаа побогати преку осиромашување на државната каса и оштетување на јавниот интерес – типичен пример за негативна екстерналија, исто како и претходно наведените и следниве подолу.
Нашите компрадори ги распродадоа нашите ресурси
Па, продолжуваме!
За да не се „измачуваме“ самите, барајќи решенија за лесно решливото, нашите компрадори (номинално наши функционери) кажувајќи секакви бесмислици, веќе ја лишија Македонија од експлоатација на огромен дел од нашите важни природни суровини.
На субјекти од нашиот јужен државен сосед им го отстапија експлоатирањето на скопскиот цемент и на прилепскиот мермер – преку продажбата на двете фирми, речиси врсници со нашата држава: „Мермерниот комбинат – Прилеп“, основан во 1946 година, и „Цементарницата Усје – Скопје“, основана во 1955 година. Профитот од овие необновливи ресурси оди надвор, загадувањето останува дома.
Неодамна некој се сетил да објави (зачудено!?) дека грчкиот сопственик, без каква било обработка, директно ги транспортира големите мермерни блокови во Грција; таму ги делка во подни, фасадни и ѕидни плочки и меѓу другите и нам ни ги продава, се разбира, мултиплицирајќи ја вредноста на мермерните блокови. Зашто, нам, на „ослепените Самуилови воини“, таа „сложена“ технологија на „делкање“ плочки од камен, односно мермер, не ни е позната, или претешка.
На компанија од другиот сосед (Бугарија) ѝ е доделено ископувањето на оловото и цинкот и патем, колку и да е, на среброто, од рудниците „Злетово“ и „Тораница-Саса“, фирми постари од нашата држава. Бугарскиот „Минстрој“, демек, знае и може да го прави тоа, ние сме заборавиле. Ја изнесуваат од државата рудата со вагони, исто како и спомнатите мермерни блокови. Сето тоа разграбување на природните суровини се книжи како трошка додавка на нашиот БДП, а оставените кратери (празнини) во нашето национално богатство (со деградираната околина) не ги минусираме од неговиот расположлив квантум и вредност. Како тоа да не претставува осиромашување на нацијата, лишување од нешто што им припаѓа на сегашните и особено на идните генерации, па, така, и оној мал економски раст искажан преку БДП (далеку од доволно уверлив индикатор) во нашиот случај е вистинска фатаморгана или статистичка грешка.
„Нашите“ луѓе во власта оценија и дека ние не сме способни да управуваме и да ги модернизираме ни сопствените аеродроми. Па, нѐ лишија сите од добар дел приходи и од тој извор. Додека ги пишував овие редови, во јавните медиуми беше објавен фрагмент од Извештајот на државниот ревизор: од 2018 до 2022 (за четири години) од 348 издадени концесии на 257 концесионери, државата наплатила само 45 милиони евра, одвај по околу 11 милиони евра годишно. Од концесијата за прилепскиот мермер, за истите четири години, само 1,7 милиони евра (само по 425.000 евра, годишно), што, според Извештајот, претставувало само еден отсто од вкупниот приход на концесионерот. Класични окупатори да одлучувале, би било подобро за нас.
Убивањето на домашните градежни компании
Тој ист вид „беспердувни двоношци“ со години, буквално, ги убиваа(т) домашните градежни компании: до скоро, изведувачи на големи и најсложени проекти во земји коишто не можеа самите да го прават тоа или беа значително под капацитетот и умешноста на нашите.
Се натпреваруваа(т) кој побрзо да им ја додели изведбата на градежните проекти на странски компании, независно што домашни тоа може(а) да го сторат и поквалитетно и поевтино и што парите за проектите (барем од повеќето) би останале во домашната економија со сите позитивни ефекти: поголем придонес во растот на БДП, продолжен живот и развој на домашните компании, односно егзистенција на вработените во нив и на нивните семејства, и попречување на иселувањето од државата.
Никола Груевски, со братучедот, со Владимир Пешевски и со преостанатите, затрупувајќи нѐ со пропагандни слогани од видот „ние градиме“, особено го унапреди тој „бизнис-модел“: државни функционери да работат само за својот личен интерес и во полза на нашата конкуренција.
Септември 2012 година: Започна изградбата на автопатската делница Демир Капија-Смоквица. Изведбата ѝ беше доделена (за 228 милиони евра) на грчката фирма „Актор“, четврторангираната на тендерот, позната и по голем број финансиски скандали. Во пропишаните услови за доделување на изведбата, „нашиве“ вметнаа одредба: не може да конкурира фирма доколку во претходните години не извела единечен проект со вредност од над 250 милиони евра. „Досетка“ на корумпираните да не конкурира ни една домашна фирма.
За време на изградбата на делницата сведочевме дека од експозитурата на една банка во Неготино се извлекуваа недозволено големи износи пари во кеш; на работниците на трасата им се носеа и вода и храна од Грција, заедно со чакалот за тампонирање на трасата и покрај таму постојниот каменолом на една наша референтна компанија од градежништвото.
Патот Кичево-Охрид (секвенца од 57 километри, почнат во 2014 година), кој ни по 10 години не е завршен (покрај другото и поради тоа веќе надминува 600 милиони евра), ѝ беше доделен на кинеската фирма „Синохидро“, фирма од црната листа на Светската банка. За корупцијата во врска со овој проект слушавме од „неовластено“ снимените разговори што ги воделе компрадорите, не и од „нашето“ судство.
Изградбата на делницата Длабочица-Катал (во правец кон Крива Паланка) со должина од 14 километри, вредност од 28 милиони евра, ѝ беше доделена на фирмата „Тирена-Скави“. Таа, по извесно време, го прекина и напушти проектот, за потоа со директна спогодба да го добие австриската „Штрабак“, која дури сега, некако, го привршува.
Изведбата на делницата Градско-Дреново, со вредност од околу 23 милиони евра, исто така ѝ беше доделена на фирмата „Тирена-Скави“. По извесно време, таа се откажа и од овој проект, за потоа повторно да го прибере компанијата „Штрабак“ (Австрија).
Изградбата на делницата Фариш-Дреново (вредност од над 27 милиони евра) ѝ беше доделена на фирмата „Рабау“.
Од Заев до Ковачевски, Ахмети и „Бехтел и Енка“
Година 2017-та: На сцена стапи струмичкиот измамник, духовен сострадалник со „напатените“ Бугари, повторувајќи ја бесмислицата: „На претходниве ќе им одржиме лекција по економија“. Ја одржаа – експоненцијално растечката корупција, руинирањето на темелите на државата.
Изведбата на делницата Бељаковац-Крива Паланка, од железничката пруга кон Бугарија, во вредност од 157 милиони евра (Кловнот) ѝ ја додели на турската компанија „Ѓулермак“. Иако таа не ги исполнувала сите услови од тендерот, ја елиминира конкурентната домашна компанија. Само не слушнавме (од „неовластено“ снимени разговори) дали имале сличен разговор како оној помеѓу Никола Груевски и Миле Јанакиевски во врска со кинеските кредити, за тоа дали се многу или малку пет или десет проценти мито.
Неговиот наследник (Ковачевски), збунет од местото на кое одненадеж се најде, зашеметен од месијанството на Али Ахмети, успешно трансформирано во антрополошкиот материјализам на Фоербах (преку неговата десна, „чесна“ рака, Артан Груби, преку Муса Џафери, Асмир Јахоски, Рамиз Мерко, Нефи Усеини, неговиот внук, Дрин Ахмети…) – го завери најголемото, во тек, ненужно одлевање пари од државниот буџет. На американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ му ја додели(ја) изградбата на автопатските траси Тетово-Гостивар-Охрид-Ќафасан (од коридорот 8) со вредност од 1,6 милијарди евра, износ, што без сомнеж, уште ќе набабрува, како и трасата Прилеп-Битола, со големи последици врз буџетот во подолг период.
Нова етапа, иста насока
По наведеното (и ненаведеното) раскрчмување на нашите необновливи природни ресурси и убивањето на домашните градежни компании, воловскиот концепт на економија (според нашата локална дефиниција – „работи како вол за слама“) се пресели во доменот на заедничките, обновливи природни ресурси на земјата – водата, сонцето, ветерот.
Јануари 2020 година: Лукративната група од Владата на Македонија и групацијата ГЕН-И договориле, вториве, на 11 локации државно земјиште, во Свети Николе и Македонски Брод, да изградат фотоволтаични централи со моќност од 35 мегавати.
Октомври 2022 година: Во Амзабегово започна со производство нивната прва соларна електроцентрала со капацитет од 17 мегавати. Тогашниот премиер Ковачевски изјави, гордо, дека „Македонија има 280 сончеви денови во годината“. Како да сугерираше, зошто да не им дадеме (и) на странци да ги претвораат во електрична енергија од кои, преку пазарни мешетари, ќе ги откупува државната ЕСМ, по „пазарни цени“. На почетокот, пак, на овој октомври (2024), истата ГЕН-И ја пушти во производство и својата втора (од планираните 11) фотоволтаична централа (со годишен капацитет од 15.500 мегавати) откако претходно купила 70.000 квадратни метри „деградирана“ земја во општината Кавадарци.
Септември 2023 година: Беше обелоденето дека новопечените крлежи во бизнисот со електрична енергија, скроен да обогатува поединци прекуноќ), одлучиле изградбата на хидроцентралата „Чебрен“ да ѝ се додели на грчката „Пи Пи Си и Архидрон групација“. Енергичното и аргументирано спротивставување на дел од експертската јавност и предизборниот момент некако ја одложија таа одлука. Велам ја одложи, зашто неодамна премиерот Мицкоски изјави дека, „сѐ уште не сме одлучиле дали Чебрен ќе ја градиме ние или странци“.
Февруари 2024 година: Истата „тајфа“ обелодени (нагодба) дека меѓународната компанија „Митилинеос“ („случајно“ пак Грци) ќе гради гасна електроцентрала во Скопје, со капацитет од 1.150 гигавати. Правдајќи ја одлуката, „сматоците“ (продолжувачите на договорите и практиката на Заев) изјавија дека државата не може сама да гради централи, зашто за време на енергетската криза потрошиле многу пари за субвенции. При што, на истава ѝ предвиделе државна помош од 50 милиони евра, локација за смешен надомест, пристапен пат итн. Вистинска иронија – последиците од неспособноста и неодговорноста да градат сопствени (државни) капацитети, се наведуваат како причина зошто и натаму ќе го зголемуваат дефицитот од сопствени (државни) капацитети.
Истите „шиткачи“ на домашните ресурси, да потсетиме, кон крајот на март 2021 година потпишаа неколку меморандуми со нивните пандани од Грција: Македонија да инвестира во Александрополис во два проекта – во гасна централа и терминал за гас. Во првиот да учествува со 25 отсто сопственички удел (95 милиони евра) од вкупната вредност, во вториот со 10 отсто, 37 милиони евра. Вкупно, 132 милиони евра, иако, во зависност од денот за пропаганда, бројките ги менуваа. Патем да кажам, и најострите критичари на енергетските политики на власта оценија дека оваа одлука на тогашната влада била добра. Но, што дознавме деновиве (8.10.2024.): новата власт констатира дека во државните ЕСМ и НОМАГАС нема документи што потврдуваат сопственост на Македонија ни во гасната централа, ни во терминалот. Деталите да ги прескокнеме.
Значи, немале пари да ги исполнат обврските од помпезно најавените меморандуми со грчката страна, за проект што беше оценет дека е корисен за Македонија (за кој не биле потребни преголеми износи на пари). Но, како што посочивме погоре, имале пари (непосредно пред последните избори), со огромно висок износ да ја наградат градежната компанија што егзистира од политичка апанажа и корумпирани функционери, „Бехтел и Енка“, со проект од 1,6 милијарди евра и чија вредност е далеку од конечна – проект којшто ни случајно не може да има приоритет пред оние со кои се намалува нашата енергетска зависност од „остатокот на светот“, се „закрпува“ нашето руинирано јавно здравство, се закрепнуваат мувлосаното образование и наука, се намалува потопеноста на Македонија со фекалии, се обезбедува здрава вода за пиење на населението.
Државата во чифлигарска позиција
Деновиве повторно радост кај нашите функционери. Некој „независен“ фонд, „Алказар-енерџи партнерс“, со советници „базирани“ во Дубаи, ќе градел, во атарот Карбинци-Штип-Радовиш, ветерен парк со 55 ветерници. Капацитет од 400 мегавати, најголем таков на Западен Балкан. Ќе било тоа голем придонес за нашата „енергетска независност“, Македонија ќе произведувала струја за потребите на своите граѓани, ќе можела да им продава и на соседите.
Со кои капацитети „Македонија произведува“ струја?
„Македонија произведува“ струја само од капацитетите што се во сопственост на државата. За жал, главно изградени во Титовата ера, кои веќе третина од еден век ги руинираат и ги ограбуваат арамиите со партиски книшки и од нив избраните „праматари“ (како нивна оперативна рака). И донекаде, од некои приватни (домашни) субјекти што инвестирале во дејноста, под услови договорени со државата. Сѐ друго е производство на странски ентитети (на наша почва) на кои им е дадено правото да ги експлоатираат нашите скромни природни ресурси, во свое име и за своја сметка.
Затоа, професорот на Машинскиот факултет Константин Димитров, не еднаш, инсистира да се прави разлика меѓу категориите „дома“ произведена електрична енергија (мислејќи на вкупната што се произведува на територијата на Македонија) и на делот од неа, произведен, пред сѐ, од капацитети во сопственост на нашата држава. На произведеното (на наша почва) од капацитети во сопственост на странски ентитети, државата нема целосна „надлежност“, односно „сувереност“. На тој дел, таа, доколку од разни внатрешни социоекономски и екстерни причини има потреба, не може, безусловно, да применува исти мерки на економската политика, како кон сопствените (државни) компании.
Во однос на тој дел од капацитетите, позицијата на нашата држава е чифлигарска. Им обезбедува домашни работници да работат за надници за преживување и нужна инфраструктура, за да можат непречено да го собираат „кајмакот“ (профитот) од експлоатацијата на нашите национални ресурси и во согласност со Уставот да го репатрираат набилданиот вложен капитал.
И, не е ли чудно како, своевремено, Индијанците пателе и умирале кога белите освојувачи им ги одземале ловиштата од кои живееле, а нашиве функционери слават кога „ловиштата“ на својот народ доброволно им ги отстапуваат на странци. И, тоа го нарекуваат „обезбедување енергетска независност!“ За кого?
Што прават развиените, тие што не палат оган под дрвени рала?
Што, не само денес, прават различните од нас?
Различните од нас – групата развиени држави – во нив, секако, срцевината водечки од ЕУ, со векови го прават истото, а по кратките „исклизнувања“ од шините, повторно истото.
Според метафоричниот исказ на Де Местр, таа група на општества „не пали оган од дрвените рала…“ Во принцип, своите природни суровини не ги извезуваат. Не им ги пренесуваат во сопственост на странци. Сами ги преработуваат. Им додаваат слоеви нова вредност (легитимно и умно) и водат економски војни (често нелегитимно) за присвојување и експлоатирање на туѓите. Кога не водат војни со оружје, повторно нелегитимно, од позиција на сила, пишуваат „меѓународни правила“ според кои треба да се однесуваат експлоатираните. Кога ќе ја исцедат за себе нивната корисност, пишуваат нови.
На градежните компании од земји со статус како нашата, на пример, не им дозволуваат да конкурираат на тендерите во ЕУ, за разлика од нивните кај нас. Дури, ни ги диктираат и условите за тоа кој е квалификуван да учествува на објавените тендери од нашата држава, особено ако некои од проектите се финансираат со позајмени пари од нивни извори или партиципираат со некој „стимулативен“ грант, за на крајот сиот финансиски кајмак да заврши на контата на нивните компании.
Ни диктираат – а државите како нашата се послушни – колкав дел од нашата вкупна економија, според бројот на вработените или учеството во БДП, да изнесува нашиот јавен сектор. Зошто? Зашто приватните компании (сеедно, производни или услужни) на тој начин полесно паѓаат во рацете на нивните мултинационални џинови. И, како што знаеме, тоа го правдаат со креирање подобар амбиент за пазарна (конкурентска) економија, кој го обликуваат, се разбира, со нивните правила.
Во септември 2023 година, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го одржа својот едночасовен говор за „состојбата во Европската Унија“. Меѓу другото, рече: „Стануваме сè понезависни во клучните сектори, како што се енергијата, чиповите и суровините…“ Затоа, до крајот на годината ќе го свикаме првиот состанок на нашиот нов Клуб за критични суровини, додавајќи: „Досега имаме склучено нови трговски договори со Чиле, Нов Зеланд и Кенија, а до крајот на годината треба да се обидеме да ги завршиме ваквите договори и со Австралија, Мексико и Меркосур, а набрзо потоа и со Индија и Индонезија“. (Меркосур е јужноамерикански трговски блок. Полноправни членки се Аргентина, Боливија, Бразил, Парагвај и Уругвај, Венецуела, суспендирана во декември 2016 година. Придружни членки се Чиле, Колумбија, Еквадор, Гвајана, Перу и Суринам).
Во јуни 2024 година, ЕУ – Советот за заштита на околината усвои нов Закон за обновување на природата.
Испреплетните црева на лукративноста
Значи, „ја ораат“ планетата за да обезбедат „клучни суровини“, формираат (ново) стратегиско тело за тоа, носат Закон за обновување на природата, а нашиот стар, формално неинституционализиран „Совет за клучни измами“, нѐ „раатисува“ од нашите „клучни суровини“. Мисли, ако воопшто мисли, Европа ќе нѐ снабдува со нив, дека ако си во ЕУ (и до ЕУ) е сеедно која држава во неа ги има обезбедено, па, „сите ќе бидат наши“.
Мисли дека „Европската енергетска заедница“ (по „пазарна цена“) ќе ги пополнува нашите кусоци од електрична енергија, а не знаат (или не сакаат да знаат) дека не постои „слободен, компетитивен, пазар“. Тој што постои е диригиран, манипулиран од тие што ја поседуваат енергијата, па затоа нашите арамии при секоја негова намерна и ненамерна дисторзија мораат постојано да смислуваат „шашави“ формули за домашната цена на струјата – сѐ подетерминирана од увозната.
На пример, ако нашите домашни корисници ја намалат побарувачката (потрошувачката) на струја, нашиот разорен систем, токму затоа што се намалила побарувачката, бара автоматско зголемување на цената на струјата. Баш „пазарно“! Имал фиксни трошоци, однапред планирани приходи (односно „потребен“ приход), па тој приход го делеле со потрошената количина на струја за да ја добијат цената на еден киловат-час.
А во испреплетените црева на лукративноста, во и околу енергетскиот систем, кој може објективно да ги утврди нужните „пазарни“ расходи? Кој, во тие замрсени црева, ќе ги одвои сите арамилаци од ЕСМ и од другите капацитети во синџирот? Кој ќе се дрзне да зборува за превработеноста во нив, за превисоките плати на менаџерите, за фантастичните маржи/провизии на непотребните трговци – посредници, најчесто вметнати во синџирот (со однапред договорени шеми), заеднички да исцедуваат пари од јавниот енергетски сектор? Кој пазар, или која регулаторна комисија, секогаш во функција на мафијашкиот синџир, ќе ги одвои тие компоненти за да добиеме „веродостојна пазарна цена“?
Ако бедната раја се буни, веднаш ѝ фрлаат прашина во очите. Нејзе ѝ ја зголемуваат цената, демек, „секогаш“ помалку од „потребната“, тоа преку медиумите го трубат со денови, а на оние што ги сметаат за богати (демек само затоа што трошеле повеќе струја од просеците) им воведуваат дискриминирачка цена (зошто не и жолта трака?) повисока за 400 проценти. И зошто не, истата дискриминација и за други (важни) дефицитарни производи и услуги (а не се малку) за да се комплетира хиерархискиот систем?
А мнозинството од тие „богати“ не се од „Клубот на стратешките арамии“. Притоа, говорат небулози, дека тоа било некаков вид прогресивно оданочување; некоја „компензација“ за она од што бегаат како ѓавол од темјан (прогресивното оданочување) за да не си ги замрсат трансакциите во „бизнис-ложата“ на македонските Сицилијанци, која сите нас нѐ држи во нејзините канџи.
Бидете среќни, одете на четири нозе и потпевнувајте?!
Може ли ова распродавање и ограбување на земјата да запрат?
Досега нема знаци за оптимизам! Годинашниот БИТЕФ, 58. по ред, го отвори Мило Рау – фантастичниот директор на театарот во Швајцарија, драмски писател, есеист, новинар, предавач. Со говорот (го следев преку ТВ-кутијата) ги воодушеви сите. Потсетувајќи ги присутните на зборовите на Т.С. Елиот, „ќе ти го покажам стравот во грстот прав“, од неговата „Пуста земја“, напишана по Првата светска војна, премина на денешните стравови, па рече: „Денес се води една друга војна – економска војна што претвора цели држави во пуста земја, земја на тагата и стравот…“ И продолжи: „Кога бев во Амазон, една реченица беше испишана на сите книги и знамиња: Ние ја негуваме земјата, таа нѐ негува нас. Она што ние ќе ѝ го сториме на земјата (додава Рау) ќе ни биде сторено и нам… Во сите земји, било да се работи за Европа или Бразил, токму луѓето што најмногу ги користат зборовите народ и татковина – националистите – ќе ги продадат убавините на својата земја на меѓународните инвеститори…“
Кога би било точно ова тврдење на Рау, дека само националистите ги продаваат богатствата на своите земји, ние би морале да заклучиме дека во Македонија, освен националисти нема други. Зашто, сите што досега се изредија на власт, сѐ што допреа од квантумот на нашите природни и производни ресурси, го искорнаа од рацете на сопствениот народ. Според тоа, амалгамот на нашата несреќа се состои од повеќе дополнителни ингредиенти: рамнодушноста на обесправените; отсуството на желба и незнаењето како се бранат интересите на сопствената држава; перчењето со ниски човечки вредности; замајувањето со фолклорен домашен национализам; негувањето чифлигарски менталитет на кој од голема помош му се и интелектуалци кои сосема опуштено велат: „полошо од тоа да те експлоатираат е да не те експлоатираат“.
Демек, бидете среќни, одете на четири нозе и потпевнувајте!
Мило Рау, кој настапи на БИТЕФ со својата драма „Антигона во Амазон“, советуваше поинаку: бидете Антигона (во смисла на нејзината морална вертикала), кажете му НЕ на отимањето на вашата земја.
Е, за вакви болести знам само дека лесно се всадуваат, многу, многу потешко се искоренуваат.
Петар Гошев е поранешен гувернер на Народната банка на Македонија и министер за финансии. Авторот ја отстапи колумната за објавување во „Нова Македонија“. Првично е објавена на порталот „Плусинфо“