Фото: ЕПА

Деструктивната војна и отпорноста на Исламската Република го менуваат јавното мислење во Иран

Кога САД и Израел го нападнаа комплексот на врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, на 28 февруари, убивајќи го него и неколку члена на неговото семејство, Мандана (која како и другите интервјуирани користи псевдоним) веруваше дека ќе дојде до промена во државата, каква што не успеаја да донесат протестите во јануари. Нејзиното искуство во застрашувачките денови оттогаш го разби тоа верување. Воздушните напади не беа насочени само кон воени објекти и високи функционери на власта, туку постојано ја погодуваа цивилната инфраструктура. Во текот на викендот, Техеран беше обвиен во токсичен црн смог откако Израел бомбардираше складишта за гориво околу градот; во вторникот масовните експлозии предизвикаа широко распространети прекини на електричната енергија.
– Не требаше да бидеме бомбардирани. Нашиот град, нашата земја… ова не требаше да се случи. Како е можно во Венецуела да се види чиста, бескрвна промена на режимот, но не и тука – рече Мандана со треперлив глас, по силна експлозија во близината на нејзиниот стан покрај плоштадот „Ванак“ во центарот на Техеран.
Обемот на уништување и очигледната отпорност на исламскиот режим, кој го назначи синот на Али Хамнеи, Моџтаба, за нов врховен водач, во чин на пркос, натера многумина Иранци да ги преиспитаат надежите дека странската интервенција може да донесе промени. А по околу две недели од почетокот на војната, нема знаци за слични антирежимски немири какви што избувнаа низ целата земја во јануари.
Наместо тоа, се чини дека многумина од незадоволните граѓани се повлекоа по уништувањето, како и по заканата на Доналд Трамп дека САД ќе нишанат на постројките за производство на електрична енергија „ако иранскиот режимот ескалира“. Американскиот претседател исто така рече дека картата на Иран „веројатно нема да биде иста по војната“, предизвикувајќи стравувања дека конфликтот би можел да доведе до распад на земјата.
Еден социолог во Техеран, кој е критичен кон иранските власти и војната, рече дека има анегдотски докази за зголемено „чувство на национализам што произлегува од војната“, како што се случи за време на 12-дневниот конфликт на Израел против Иран минатата година, кога луѓето се обединија околу знамето.
– Стравот од уништување на Иран сè повеќе ги обединува луѓето бидејќи се плашат од последиците од толку голем конфликт – рече социологот, барајќи да не биде именуван.
Невоените локации не се поштедени, бидејќи воздушните напади се насочени кон полициски станици, воени објекти и службеници што живеат во станбени населби. Според официјалните бројки, повеќе од 1.000 цивили се убиени, а над 8.000 дома се оштетени или уништени. Сцените на уништување училишта, фабрика за десалинизација, патнички авиони и историски знаменитости како што се Големата чаршија во Техеран и палатата Голестан шокираа многу Иранци.
– Ако сакаа да го убијат врховниот лидер, зошто водат целосна војна – праша една Иранка.

Иселеничките ирански заедници, од друга страна, организираа големи митинзи во западните престолнини, повикувајќи на крај на исламското владеење. Реза Пахлави, протераниот син на покојниот соборен шах, исто така ја поддржа воената акција во Иран, ветувајќи дека ќе се врати да ја води државата откако актуелната власт ќе биде соборена. Но тоа создаде одредено незадоволство во Иран.
– Можеби сега треба да дојде назад со своите деца и да види како е да се биде бомбардиран. Оние што ја поддржаа војната треба да ја преземат одговорноста сега. Но се сомневам дека ќе го сторат тоа – рече една жена, која се спротивставува на сегашниот режим, но исто така го отфрла враќањето на монархијата.
Кога многу Иранци го оставија настрана разочарувањето од своите лидери за да прифатат патриотски гестови за време на јунската војна, власта го претстави ова како доказ за јавна поддршка и ги игнорираше повиците за реформи откако конфликтот заврши. Овој пат Иранците беа понеодлучни, плашејќи се дека изразите на патриотизам или антивоено расположение повторно ќе бидат прифатени од властите.
Исламската Република, од своја страна, не ризикува. Властите ги полнат плоштадите со лојалисти секоја вечер, повикувајќи се на своите поддржувачи за да покажат сила. Лојалистите исто така патролираат по улиците на мотоцикли носејќи звучници од кои ечат религиозни песни.
– Ова се нашите вистински поддржувачи. Ова е вистинска лојалност, вкоренета во шиитскиот ислам – нешто што Американците никогаш не можат да го разберат. Дури и ако лидерот на исламскиот систем биде убиен, системот ќе преживее затоа што шиитизмот е жив – рече еден поддржувач на актуелните ирански власти. Поддржувачите, претежно жени во црни одори, мавтаат со ирански знамиња и држат фотографии пред голем транспарент на кој се гледа ликот ајатолахот Али Хамнеи. Очигледната отпорност на режимот во услови на најголемиот конфликт, уште од војната помеѓу Иран и Ирак во 1980-тите години, наведе многумина да се запрашаат дали дури и продолжената војна би донела менување на власта.
Откако во понеделникот Моџтаба Хамнеи беше избран за нов врховен лидер, поддржувачите низ целата земја исто така излегоа на улиците.

Но Хамнеи не е виден откако започна војната и тој сè уште не разговарал со Иранците за своите планови. САД и Израел се заканија дека ќе го убијат секој што ќе ја преземе власта, а се шират гласини дека Моџтаба Хамнеи бил повреден за време на војната. Неговиот избор изненади многумина антирежимски Иранци, кои стравуваат од врховен лидер што ќе ја продолжи тврдокорната агенда на својот татко – отпор кон реформите и непријателство кон Западот.
– Ако работите останат вака, сега сме во полоша состојба отколку пред војната со уништена земја и Хамнеи заменет со друг Хамнеи, 30 години помлад – вели Махбубе, која работи како преведувачка.
Во меѓувреме монархистите го поддржуваат Пахлави, како и интервенцијата на САД и Израел и покрај нејзиниот голем данок што го плаќа иранскиот народ. Но аналитичарите веруваат дека протераниот крал можеби ја изгубил поддршката, а поголемиот дел Иранци што ги сметаат загубените животи за време на протестите и во војната за непростливи, сега остануваат збунети околу тоа како да се залагаат за промени.