Фото: Пиксабеј

Согледување на актуелните размислувања за можните ризици од модерната технологија врз основа на досегашните искуства со иновациите

  • Постои одредена согласност дека некои технологии претставуваат ризик, не само за општествата туку и за самото човештво. Тука спаѓаат нуклеарното оружје, синтетичката биологија (интердисциплинарна област на биологијата и инженерството) и напредната вештачка интелигенција. Сегашните предупредувања не се нужно насочени против технолошкиот напредок, туку се повици за одговорност, но и за поттикнување јавна дебата, нагласување на потребата од регулација и надзор, спречување на можните злоупотреби, воведување етичка регулација

Кога човештвото ќе достигне молскавичен научен напредок или на повидок има нова трансформативна технологија, релевантни интелектуалци и научници нѐ предупредуваат за можните опасности и последици од овие достигнувања. Не станува збор за случајна манифестација, туку напротив, ова е повторувачки модел низ историјата бидејќи новите технологии и научниот напредок истовремено носат нови надежи и непредвидливи ризици. Постои одредена согласност дека некои технологии претставуваат ризик, не само за општествата туку и за самото човештво. Тука спаѓаат нуклеарното оружје, синтетичката биологија (интердисциплинарна област на биологијата и инженерството) и напредната вештачка интелигенција.
Брзиот технолошки напредок има несакани ефекти што не можат да бидат предвидени за време на развојот, а ова се потврдува и преку интернетот, кој ја револуционеризира комуникацијата, но овозможи и сајбер-криминал, дезинформации, ширење политичка пропаганда итн. Брзиот развој честопати ги надминува законите и етичките рамки, а технолошките компании понекогаш ги поместуваат границите побрзо отколку што институциите што се надлежни за регулација можат да одговорат. Ова може да нѐ доведе до ситуација каде што не постојат јасни граници и регулатива. За да се намалат негативните последици, неопходни се законска и етичка регулатива, јавно информирање, едукација и балансиран пристап меѓу иновациите и човековата добросостојба, како што посочуваат технолошки експерти.

Зошто брзиот технолошки напредок носи страв?

Технолошкиот напредок и иновациите понекогаш имаат несакани и непредвидливи ефекти, како што своевремено не беа предвидени штетните последици од радијацијата предизвикана од атомската енергија. Истовремено со молскавичниот напредок на вештачката интелигенција, луѓето се плашат дека ја губат регулацијата, односно дека вештачката интелигенција може да носи одлуки што не ги разбираме или не можеме да ги поништиме. Исто така, овој страв се засилува од ставовите и мислењата дека машините почнуваат да учат, да се адаптираат и да се развиваат самостојно.
Од друга страна, некои технологии, како што се атомското оружје или атомската енергија, се егзистенцијална закана за човештвото, наспроти придобивките од нив, па оттука влоговите се многу високи и затоа се налага сериозно внимание. Одредени технологии и иновации може да ги нарушат и општествените норми, односно може да ги преобликуваат економиите и работните места, но да доведат и до етички нихилизам, како што е примерот со генетскиот инженеринг што нуди медицински напредок, но отвора и редица етички дилеми.
Индустриската револуција го подобри животниот стандард низ светот, но предизвика и експлоатација и штета врз животната средина низ светот. Оттука, сегашните предупредувања не се нужно насочени против технолошкиот напредок, туку се повици за одговорност, но и за поттикнување јавна дебата, нагласување на потребата од регулација и надзор, спречување на можните злоупотреби, воведување етичка регулација итн.

Предупредувања на Опенхајмер, Фукујама и на Хинтон за човештвото

Кога на повидок има нова трансформативна технологија, интелектуалците и научната елита нѐ предупредуваат за можните опасности, бидејќи технолошкиот напредок и иновациите треба да му донесат благодат на човештвото, но можат да имаат и придружни штетни последици. Во овој контекст треба да се разберат и укажувањата на Роберт Опенхајмер за атомската бомба, на Френсис Фукујама за напредокот во генетиката или на Џефри Хинтон за вештачката интелигенција.
Роберт Опенхајмер, честопати нарекуван и татко на атомската бомба, изразил длабока загриженост за деструктивниот потенцијал на нуклеарната технологија во чие создавање самиот тој учествувал. Тој изрекол една од своите најпознати мисли откако бил сведок на првиот успешен нуклеарен тест. За овој настан Опенхајмер во 1965 година зборувал во телевизиско гостување истакнувајќи: „Знаевме дека светот нема да биде ист. Неколку луѓе се смееја, неколку луѓе плачеа. Повеќето луѓе молчеа“. Во овој контекст е и неговиот цитат „сега станав смрт, уништувач на световите“ (од хиндуистичкиот текст „Багавад гита“), што Опенхајмер го смислил додека ја гледал атомската експлозија, искажувајќи ја моралната тежина со која се соочил.
Критикувајќи го трансхуманизмот (теорија што верува дека човечката раса може да еволуира надвор од сегашните физички и ментални ограничувања со помош на науката и технологијата, а со текот на годините се оформи како филозофска и политичка идеологија), Френсис Фукујама во својата книга „Нашата постхумна иднина“, меѓу другото, вели дека крајната цел на модерната генетска технологија се бебиња по нарачка, заклучувајќи дека најзначајната опасност на современата биотехнологија е нејзината можност да ја промени човековата природа и со тоа да нѐ доведе во постчовечка фаза на историјата.
Џефри Хинтон, една од највлијателните личности во развојот на вештачката интелигенција, особено во областа на длабокото учење, исто така искажа сериозни предупредувања. Доколку се земе предвид дека тој е добитник на Нобелова награда за физика во 2024 година, како и дека неговата работа ги постави темелите за модерните системи за вештачка интелигенција што се користат во препознавањето слики, обработката на природниот јазик и друго, неговите предупредувања треба да се сфатат сериозно.
Хинтон го напушти технолошкиот гигант „Гугл“ во 2023 година за да зборува послободно за опасностите од вештачката интелигенција. Тој предупредува дека напредната вештачка интелигенција може да претставува егзистенцијална закана и се залага за меѓународна регулатива. Хинтон исто така е загрижен за влијанието на вештачката интелигенција врз работните места и дезинформациите. Неговите грижи опфаќаат технички, етички и егзистенцијални домени и тие добиваат на важност како што системите со вештачка интелигенција стануваат сѐ помоќни и поавтономни. Хинтон стравува дека напредните системи со вештачка интелигенција наскоро можат да создадат внатрешни јазици за комуникација помеѓу нив што би биле неразбирливи за луѓето. Тој исто така проценува дека постојат од 10 до 20 отсто шанси за вештачката интелигенција на крајот да ја надмине човечката интелигенција и да преземе контрола. За разлика од луѓето, системите со вештачка интелигенција можат веднаш да споделуваат знаење низ мрежите. Оттука, Хинтон предупредува дека ова би можело да доведе до досега невидена брзина на учење и координација, што би ги направило овие системи многу поспособни од луѓето.

Можни последици од вештачката интелигенција

Факт е дека вештачката интелигенција претставува револуционерна технологија, но нејзиниот брз развој носи и сериозни ризици по општеството, економијата и човековите права. Иако може да подобри многу аспекти од секојдневниот живот, важно е да се разгледаат и потенцијалните негативни ефекти.
Автоматизацијата со вештачката интелигенција заменува многу рутински и технички работни позиции што може да доведе до загуба на работни места и со тоа да ги изложи кадрите со ниски квалификации на ризик од невработеност. Долгорочно, може да се зголеми економската нееднаквост помеѓу оние што имаат технолошки вештини и оние што не ги поседуваат.
Системите на вештачка интелигенција често се базираат на анализа на големи количества лични податоци, што може негативно да се одрази на приватноста, односно може да доведе до злоупотреба на лични информации без дозвола на корисникот. Истовремено системите за препознавање лица и следење активности можат да резултираат со зголемен надзор и губење на личната слобода. Се смета дека сите овие можности ја загрозуваат приватноста.
Добро упатените во оваа проблематика исто така посочуваат дека вештачката интелигенција може да се злоупотреби за дезинформации и манипулации бидејќи со помош на ВИ може да се генерираат лажни слики, видеа и вести. Истовремено се појавуваат одредени етички правни дилеми, односно кој ќе ја понесе одговорноста доколку вештачката интелигенција направи грешка – корисникот, програмерот или компанијата?
Научните експерти исто така предупредуваат дека вештачката интелигенција може да се злоупотреби и за сајбер-напади и дигитална војна, но и за развој на автономни оружја што можат да функционираат без човечка контрола. Исто така одредени поединци или групи можат да ги искористат алгоритмите за пробивање на безбедносните системи.
Вештачката интелигенција нуди големи придобивки, но истовремено носи и голем број предизвици. За да се минимизираат негативните последици, неопходен е развој на строги закони и етички регулативи, слично како што Френсис Фукујама се залага за истражувањата во генетиката и клонирањето, но и на јавно информирање и едукација за нејзино безбедно користење.
Експертската фела во повеќе наврати посочи дека се потребни политики што ќе доведат до ублажување на дискриминаторските исходи, затоа што вештачката интелигенција поради одредени параметри може целосно да исклучи одредени групи од бенефициите, како на пример, од медицинското лекување. Дополнително на ова, потребна е заштита на приватноста и податоците преку безбедно складирање, енкрипција и строго управување за да се спречи злоупотреба. Нееднаквиот пристап до вештачката интелигенција може да придонесе за поделеност во општеството, односно за создавање елита и затоа е се потребни инклузивни модели што ќе помогнат во рамноправна корист од придобивките. Потребен е фер пристап до технологиите, вклучително и вештачката интелигенција. Но за да се случи ова, потребни се координирани политики, како што се регулативата, финансирањето, управувањето со податоците и меѓународна соработка, заклучуваат експерти упатени во оваа тематика.


Врска помеѓу трансхуманизмот и вештачката интелигенција: заедничко оспорување на границата помеѓу умот и материјата

Трансхуманизмот е теорија што верува дека човечката раса може да еволуира надвор од сегашните физички и ментални ограничувања со помош на науката и технологијата, а со текот на годините се оформи како филозофска и политичка идеологија. Денес, трансхуманистите посветуваат особено внимание на технологиите како што се генетскиот инженеринг, информатичката технологија, молекуларната нанотехнологија и вештачката интелигенција. Трансхуманизмот и вештачката интелигенција заеднички ја оспоруваат границата помеѓу умот и материјата. Некои теоретичари го опишуваат ова како постхумана фаза на научен развој – ера кога нашето размислување може да „го надмине, да го издржи и да го разгори хоризонтот на реализирана метафизика“. Инспирирајќи се од дијалектиката на Хегел и материјалистичката критика на Маркс, ова гледиште ги гледа кибернетиката и вештачката интелигенција како формирање нова антропологија и можеби нова онтологија на киборзи и суперинтелигентни суштества.
Реномираната научничка специјализирана за филозофија Хава Тирош-Самуелсон пишува и зборува опширно за трансхуманизмот, биоетиката и улогата на религијата во современиот свет. Таа забележува дека технологијата го трансформира човечкиот живот со досега невидена брзина. Конвергенцијата на нанотехнологијата, биотехнологијата, роботиката, информациите, комуникациската технологија и примената на сродните науки претставуваат нова ситуација во која човекот стана своевиден „проект за дизајнирање“.
Новите технологии дозволуваат нови видови когнитивни алатки што ја комбинираат вештачката интелигенција со интерфејс-технологија, молекуларна технологија, нанотехнологија, генетско подобрување на човековите ментални и физички капацитети, борбата против болестите и забавувањето на процесот на стареење, остварување контрола врз желбите, расположенијата и менталните состојби. Поради генетскиот инженеринг, луѓето сега можат, не само да се „редизајнираат“, веројатно со цел да се ослободат од ограничувања, туку и да ги „редизајнираат“ идните генерации, со што ќе влијаат врз самиот процес на еволуцијата. Како резултат на тоа, се очекува да се појави нова фаза во еволуцијата на човечкиот род, во која луѓето ќе живеат подолго, ќе поседуваат подобри физички и когнитивни способности и во поголема мера ќе бидат ослободени од страдањата и болките поради стареењето и болестите. Д.Ст.