ЛЕТЕН ОДМОРСКИ ХАОС ВО ГЕРМАНСКИОТ ТУРИЗА
Откажани летови и долги редици на германските аеродроми со недоволен персонал, недостиг од келнери и хотелски работници: на почетокот на европската сезона на летни одмори, германскиот угостителски сектор изгледа сè поочајно.
Деновиве голем број туристи се соочуваат со откажани авионски летови без никакви расположливи алтернативи. Една од причините за откажување на планираните летови е недостигот од персонал на германските аеродроми. Според студијата спроведена од страна на Германскиот економски институт, на аеродромите треба да се пополнат околу 7.200 слободни работни места. Оваа ситуација е резултат на тоа што многу аеродромски работници за време на пандемијата ја напуштија авиоиндустријата и најдоа работа на друго место. На аеродромите што немаат доволно персонал, туристите деновиве се соочуваат со безброј откажани летови и долги редици пред шалтерите за чекирање и кај аеродромското обезбедување. Најголемиот германски превозник „Луфтханза“ летово укина над 2.000 линии од аеродромите во Минхен и во Франкфурт. Во текот на јули се откажани дополнителни 900 викенд-летови.
Во „Дојче бан“ нема недостиг од персонал
За среќа, на Дојче бан, националната германска железничка компанија, персоналот не е никаков проблем. Минатата година, на територијата на целата држава, компанијата вработи 22.000 луѓе. Од друга страна, аеродромот во Франкфурт, еден од главните авиоцентри во Германија, нема таква среќа. Тој забележува голем обем на дојдовни и појдовни летови, речиси на исто ниво како она пред пандемијата и жестоко се бори да се справи со овој проблем. Властите почнаа со регрутација на дополнителен персонал, особено за „приземјени“ работни позиции.
Меѓутоа, дури и ако оваа акција за регрутирање се покаже успешна, упатените сметаат дека во текот на следниве неколку месеци, патниците сепак ќе мора да се подготват за долго чекање на аеродромот во Франкфурт. Лошите работни услови се уште една важна причина за недостигот од аеродромски кадар.
Владата во Германија размислува да донесе поголем број странски работници, со кои ќе го надомести долготрајниот дефицит во однос на работната сила. Досега регрутирањето странци или ангажирањето украински бегалци во Германија беше комплициран процес со многу документи.
Ралф Бајзел, генерален менаџер на Здружението на германски аеродроми, го поздрави овој план за носење работници однадвор, велејќи дека веќе се водат разговори со одредени бизнисмени во воздухопловната индустрија, така што компаниите за ракување со багаж и аеродромите наскоро би можеле да почнат со нови вработувања. Сепак, од Луфтханза изјавија дека очекуваат операциите да се нормализираат дури во 2023 година.
Недостиг од работна сила имаше и пред пандемијата
Во меѓувреме, германската угостителска и кетеринг-индустрија се мачи со уште поголем недостиг од работници. Директорката на Германската кетеринг-асоцијација „Андреа Белеганте“, вели дека овој проблем беше забележлив уште пред пандемијата на ковид-19. Бројот на кадри што се обучуваат во овој сектор постојано се намалува. Со цел да привлече нови работници, индустријата настојува да воспостави стандардизирани плати, дополнителни работни бенефиции и договори за бесплатна обука.
Германскиот институт за истражување на вработувањата соопшти дека индустријата за храна отсекогаш била подложна на флуктуации во однос на персоналот. Во секој случај, доколку компаниите не успеат да најдат работници што ќе ги пополнат овие работни позиции, ќе се соочат со сериозен и долготраен недостиг од персонал.
Од Германската асоцијација на хотели и ресторани (ДЕХОГА) изјавија дека во овој момент, регрутацијата на нов персонал е најсериозниот предизвик со кој се соочува угостителската индустрија. Тие велат дека над 60 отсто од угостителските објекти нудат нови вработувања. Згора на сево ова, поради ограничувањата што беа наметнати за време на пандемијата, во периодот март 2020 – март 2022, овој сектор доживеал загуби во висина од 75 милијарди евра.
Последното нешто што во моментов им треба на хотелите и рестораните е зголемена неизвесност. „Голем број од компаниите нема да преживеат нова рунда рестрикции и затворања“, изјави првиот човек на ДЕХОГА, Гвидо Зулиг. „Заштитата на компаниите и работните места сега мора да биде приоритет“.