АНКАРА ВОДИ НЕЗАВИСНА НАДВОРЕШНА ПОЛИТИКА
Нема што друго да се прави, освен да им се честита на Турција и на нејзиниот државен врв за успешното и експертско водење на државната политика, што дефинитивно е резултат на богатото дипломатско наследство од ерата на славната Отоманска Империја, но и на личната храброст и решителност. Сѐ друго, освен честитки, би било чисто политикантство, лицемерство и љубомора
Независната надворешна политика на Турција под раководство на претседателот Реџеп Таип Ердоган долго време предизвикува незадоволство во западните политички кругови, со оглед на тоа што земјата е членка на НАТО и стои во ходникот за прием во полноправно членство во Европската Унија. Последново таа го чека со децении, што, според Анкара, е крајно фрустрирачко, со оглед на тоа што смета дека ги исполнила сите клучни критериуми што ги бараше Брисел и дека всушност главната причина за доцнењето на нејзиниот прием е фактот дека таа е муслиманска земја – и најголема по население откако неодамна ја прескокна Германија.
Независната надворешна политика на Турција е последица на јавно објавената стратегија на Анкара дека сака да ја врати политичката, воена и економска моќ на Турција и да го проектира нејзиното влијание, не само во регионот на кој припаѓа туку и на глобално ниво. Во оваа смисла, вреди да се потсетиме на турското проширување на проектот „Турски свет“, кој вклучува стратегиска соработка со сите земји од турско говорно подрачје – од Балканот и Кавказ до Централна Азија, па сè до Кина. Исто така, Анкара настојува да изгради стратегиски партнерски односи со сите клучни глобални држави, што секако ги вклучува Кина и Русија.
ТУРСКО СЛОЖЕНО ТАНГО
Несомнено, Турција цврсто ја сфаќа својата геополитичка насока, од која најважно е позиционирањето како центар на еден од новите глобални геополитички полови. И за таа цел ќе ги искористи сите механизми со кои располага: од соработка со секого и со сѐ, од членството во НАТО, до потпирањето на своите компаративни предности, но и на воената сила доколку е потребно.
Поради сето ова, јасно е дека Анкара веќе навистина не е заинтересирана за членство во ЕУ во класична (политичка) смисла, бидејќи тогаш, како и другите членки, би морала сѐ повеќе да се потчинува на волјата на официјален Брисел, т.е., да се откаже од сè поголем дел од клучните национални политики. Во односите со ЕУ, Анкара сега е исклучиво заинтересирана за партнерство во економските односи и трговијата, каде што се бараат стратегиска соработка, избегнување на двојното оданочување, размена на технологии, културна соработка итн. Така, може слободно да се каже, без страв дека ќе направи грешка: Турција танцува сложено танго со обединетиот Запад, глобалниот Југ и сè поповрзаниот глобален Исток, кој првенствено го сочинуваат Кина и Русија.
Но се чини дека на Западот, пред сѐ на ЕУ, му следува ново разочарување од турската политика – овој пат дефанзивно. Имено, иако е членка на НАТО – и најважната поради нејзината клучна географска, а со тоа и геостратегиска положба – Турција нема намера да се откаже од внимателното балансирање на членството во Алијансата, затоплувањето на врските со Русија и еден вид сојуз со Украина во исто време – и тоа во време кога НАТО на самитот во Вашингтон подготвува приказ на своето единство.
За ова последното пишува европското издание на магазинот „Политико“ и го наведува следново: „Турскиот министер за одбрана Јашар Ѓулер се наежи на идејата дека Турција не е во чекор со остатокот од Алијансата на која Анкара се приклучи во 1952 година“.
– Апсолутно ја отфрламе изјавата дека [Турција] е неверодостојна. Во средина каде што 32 сојузници се заедно, незамисливо е да се имаат исти ставови за секое прашање. Некои земји се обидуваат да создадат таква перцепција – рече Ѓулер, нагласувајќи ги извозните ограничувања на Германија за авионите „еурофајтер“ што Анкара сака да ги купи.
Тој ги нарекува овие ограничувања „вистински проблем што создава недоверба во Алијансата“.
Сепак, не може да се негира дека Турција не е стандардна членка на НАТО. Заедно со Унгарија, таа има најблиски врски со Русија. Повеќето европски членки на НАТО се исто така во ЕУ; Турција не е. Освен САД, таа ја има најголемата војска во Алијансата и има свои безбедносни интереси – воени распоредувања во Сирија и чести упади во Ирак за да ги нападне курдските милитанти.
– Ниту една друга земја членка не се обидува да направи сличен драстичен потег, а малкумина се вклучени во играта како Турција кога станува збор за руско-украинската војна – наведува „Политико“.
Овде, сепак, дефинитивно би ги вклучиле и САД покрај Турција, која гореспоменатиот медиум не ја споменува. Но никој со здрав ум не може да ги побие американските независни воени операции низ светот, а уште помалку мешањето на Вашингтон во украинскиот конфликт на страната на Киев – и неизмерно повеќе од Анкара.
И ЗА КИЕВ И ЗА МОСКВА
Но да се вратиме на написот на „Политико“, кој понатаму вели дека како знак на неговите напори да тргне по среден пат, турскиот претседател Ердоган минатата недела се сретна со рускиот лидер Владимир Путин во Казахстан, додека неделава тој учествува на НАТО-самитот во Вашингтон.
Турција одржува врски со Москва и се противи на санкциите против Русија поддржани од повеќето партнери во НАТО. Министерот за одбрана Ѓулер, сепак, ја нарече позицијата на Анкара за украинската војна „урамнотежена и активна… во рамките на стратегиското партнерство со Украина и позитивниот дијалог со Русија“.
– Турција досега беше единствената земја што успеа да ги собере двете завојувани страни во разговорите на високо ниво – рече турскиот министер за одбрана, очигледно алудирајќи на разговорите меѓу руската и украинската делегација во Истанбул во април 2022 година.
Турција го снабдуваше Киев со беспилотни летала и воени бродови, но и продолжи да купува руска нафта и гас. Таа одигра активна дипломатска улога, максимизирајќи ја својата позиција како црноморски сосед и на Русија и на Украина и посредуваше во – сега истечен – договор со кој се дозволува испорака на украинско жито.
– Нема да дозволиме Црно Море да се претвори во стратегиско бојно поле – рече Ѓулер.
Арон Стајн, претседател на Институтот за истражување на надворешната политика со седиште во САД, рече дека Турција ќе истрае во нејзиното затворање бидејќи Анкара „се чини дека одлучила дека Украина не може да победи и затоа е добро да има добри односи со Москва“.
Штајн ги истакна целите на Турција: „Таа сака да ги задржи тензиите со Русија на ниско ниво, да го држи НАТО надвор од регионот и да обезбеди контрола на секоја потенцијална ескалација“.
Економијата е голем фактор. Русија обезбедува 49 отсто од енергетските потреби на Турција, главно преку продажба на гас. Тоа е и најголемиот извор на турски увоз, кој изнесува 45,6 милијарди долари во 2023 година. Во меѓувреме, бројот на руски компании во Турција скокна на 1.363 од само 177 во 2022 година. За многу сојузници на Анкара во НАТО, ова изгледа како обид да се заобиколат западните санкции.
Но турскиот извоз во Русија неодамна беше под поголем притисок, при што продажбата на машини беше особено погодена бидејќи санкциите почнаа да загризуваат – вклучувајќи ги и американските предлози за можни мерки против турските банки. Турскиот министер за одбрана ги критикуваше преостанатите американски санкции кон Турција воведени од претходната администрација на Доналд Трамп, како одговор на турското купување на рускиот систем за воздушна одбрана „С-400 триумф“.
ПРОТИВ АЛТЕРНАТИВИ НА НАТО
Анкара сака да ја задржи својата автономија и во политиката на Блискиот Исток.
– Ние сме целосно решени да создадеме безбедносен коридор длабок 30-40 километри по должината на нашата ирачка и сириска граница и целосно да го исчистиме регионот од терористите – рече Ѓулер, мислејќи на курдските милитанти. Некои од милитантите беа сојузници на САД во борбата против терористичката група ИСИС, но се поврзани и со ПКК, курдска група класифицирана како терористичка од Турција, САД и од ЕУ.
И покрај тензиите околу Русија, санкциите и Блискиот Исток, Синан Улген, шеф на Центарот за економски и надворешни политички студии, турски аналитички центар, нагласи дека „главниот безбедносен аранжман на Турција е членството во НАТО“.
Анкара сака да го спречи сојузот предводен од САД да попушти пред какви било воени иницијативи предводени од ЕУ – особено откако обидот на Турција за пристапување во ЕУ одамна е во застој. Еден од условите на Турција за поддршка на поранешниот холандски премиер Марк Руте како нов шеф на НАТО беше тој да не ги фаворизира земјите од ЕУ во Алијансата.
– Фактот што сојузниците од Европската Унија бараат алтернативи надвор од безбедносниот чадор на НАТО ќе му наштети на единството и солидарноста на алијансата – рече Ѓулер.
Предност на националните интереси
Од сето горенаведено, евидентно е дека Турција во сè првенствено се води од своите национални интереси (во надворешната, одбранбената и економската политика) и дека внимателно одмерува што е позитивно и корисно за неа, а што е негативно и штетно. Од ваквата рефлексија, карактеристична за сите земји што сакаат да водат независна политика (ги има сè помалку во светот), евидентно е како има суштински разлики меѓу турските ставови и ставовите, пред сè, на европските членки на НАТО.
И додека Турција цврсто инсистира на своите интереси и во тешки и непријатни преговори со САД за голем број прашања, другите европски членки се целосно подредени на волјата на Вашингтон и немаат ниту желба ниту сила да промовираат свои иницијативи доколку не се во согласност со американските. Се разбира, има исклучоци, како што се Унгарија и/или Словачка, но клучните членки како Германија, Франција или Италија, освен повремените обиди за излез од заедничките рамки (како Емануел Макрон во однос на Украина или европската стратегиска автономија), не сакаат да одат подалеку и не можат да одат.
Ова е причината зошто сојузот во НАТО всушност се сведува на улоги на господар и слуга. Господар е секако Вашингтон, а слуги се сите други, со исклучок на Обединетото Кралство и Турција, кои го задржуваат правото на поинакво мислење и независни потези.
Дополнително, според Статутот на Алијансата, никој не може да ја исфрли Турција од членството во НАТО. Ова е привилегија на секоја земја членка, која самостојно одлучува за тоа.