Фото: ЕПА

Во грузискиот хаос се открива дека се вмешани многу странци, невладини организации што им служат како параван на политички структури вооружени и однапред подготвени за безредија, а за еден од повредените се заклучило дека бил вработен во американската амбасада во Тбилиси

Кој стои зад протестите во Грузија

Околу една третина од луѓето приведени на антивладините протести во Тбилиси се странци, објави Мамука Мдинарадзе, извршен секретар на владејачката партија Грузиски сон.
– Триесет проценти од луѓето чија идентификација се одвива за време и по апсењата на митинзите во Тбилиси, одржани на централните улици, на наше изненадување, се државјани на други земји… Што се случува? Некој треба да ја објасни оваа необичност. Зошто овие странски државјани толку се разгореа по нашата одлука – праша политичарот.
Според него, повеќето од приведените странци се руски државјани. Може да се претпостави дека тоа се оние што ја напуштија Русија по ескалацијата на конфликтот со Украина во 2022 година и се преселија во Грузија (и други места како Израел или Србија), сметајќи ја таа земја како „антируска“ и на пат кон ЕУ-членство.
Мдинарадзе не го прецизираше точниот број на приведени странски државјани, но ако процентите се претворат во бројки, излегува дека се околу 90 лица (вкупниот број на приведени, според МВР, е 293). Претходно провладиниот канал „Имеди“ објави список од 10 лица што беа приведени првата вечер од протестот, од кои за осуммина се заклучи дека се руски државјани.

ВО КАНЦЕЛАРИИ НА НЕВЛАДИНИ ОРГАНИЗАЦИИ ОТКРИЕНИ СРЕДСТВА ЗА НЕМИРИ

Грузиската политичка сцена е потресена од бран насилни протести и остри мерки на властите, откако полицијата упадна во канцелариите на неколку опозициски партии и невладини организации. Овие акции, според властите, се дел од сузбивањето на „радикалните политички сили“ обвинети за предизвикување немири.
Меѓу уапсените е Ника Гварамиа, лидер на опозициската Коалиција за промени. Во видео објавено на социјалната мрежа Икс се гледа како полицијата насилно го изнесува од партиските простории. Покрај тоа, претресени се и канцелариите на Младинската организација на Обединетото национално движење (УНМ), чиј лидер Леван Хабеишвили ја потврди полициската акција.
УНМ ги осуди постапките на владата, обвинувајќи ја дека спроведува „репресија и терор“ врз политичките противници. Полицијата приведе и двајца членови на опозициската партија Силна Грузија, јави новинската агенција „Интерпрес“.
Премиерот Иракли Кобахиџе изјави дека протестите се резултат на акциите на радикалните опозициски групи.
– Никој нема да избега од одговорноста, вклучувајќи ги и политичарите што се кријат во нивните канцеларии – рече тој.
Интересно е што при претресот на просториите на „независните“ организации и опозициските партии, полицијата пронашла молотови коктели, огномети (кои демонстрантите ги стрелаат врз органите на редот) и друга опрема за немири, како што се шлемови, гас-маски, пиротехнички средства и електроника. Сето ова, се претпоставува, требало да им биде поделено на демонстрантите.

КОНТРОВЕРЗЕН ЗАКОН КОПИРАН ОД АМЕРИКА

Исто толку симптоматично, проевропскиот претседател Саломе Зурабишвили претходно го обвини Грузискиот сон за затворање „продавници што продаваат заштитни гас-маски, очила и шлемови, оставајќи ги мирните демонстранти лишени од основна заштита“. Инаку, Зурабишвили – мислејќи на демократијата и западните вредности – одбива да ја напушти претседателската функција, иако е извесно дека парламентот наскоро ќе гласа за нов кандидат.
По овој упад на опозициските антируски партии и невладини организации, протестите станаа помали и не беа насилни, за разлика од претходните шест дена. Исто така, интересно е да се забележи дека еден од демонстрантите, чија фотографија, на која тој позира со повредена глава, стана вирална, е вработен во американската амбасада во Тбилиси.
Патем, кризата ескалира откако владејачката партија Грузиски сон ги одложи преговорите за пристапување во Европската Унија. Одлуката дојде по ултиматумот од Брисел Грузија да го укине контроверзниот закон за „странски агенти“, според кој, организациите со повеќе од 20 проценти од нивното финансирање од странство ќе бараат да го регистрираат својот статус на „агенти на странско влијание“. САД го имаат практично истиот закон, наречен ФАРА.