Компаниите што ја намалуваат својата работна недела функционираат со помалку состаноци, повеќе независна работа, се зголемува продуктивноста, но и задоволството на работниците
Кои земји досега го усвоија новиот начин на работа
Пандемијата на ковид-19 повторно ја разгоре дебатата за четиридневна работна недела, при што работниците и работодавците ја преиспитаа важноста на флексибилноста и придобивките на работното место. Идејата е едноставна. Вработените би работеле четири дена во неделата, би добивале иста плата и би ги добивале истите бенефиции, но со ист обем на работа. Според тоа, компаниите што ја намалуваат својата работна недела би функционирале со помалку состаноци и повеќе независна работа. Иницијативата е поздравена како иднина на продуктивноста на вработените и рамнотежата меѓу работата и животот. Поборниците за четиридневната работна недела сугерираат дека кога се спроведува, задоволството на работниците се зголемува, а исто така и продуктивноста. Синдикатите низ Европа ги повикуваат владите да ја спроведат четиридневната работна недела, но кои земји ја прифатија идејата и како оди досега.
Белгија им дозволи на работодавачите сами да изберат
Во февруари, белгиските вработени добија право да извршуваат цела работна недела за четири дена наместо вообичаените пет без загуба на плата. Долниот дом на белгискиот парламент го изгласа нацрт-законот, отстранувајќи уште една законодавна пречка. Вработените сега ќе можат да одлучат дали да работат четири или пет дена во неделата, но тоа не значи дека ќе работат помалку, туку тие едноставно ќе ги зголемат работните часови на помалку денови. Белгискиот премиер Александар де Кро се надева дека договорот ќе помогне да се направи пофлексибилен познатиот ригорозен пазар на трудот во Белгија и ќе им олесни на луѓето да го комбинираат својот семеен живот со нивните кариери. Тој, исто така, додаде дека новиот модел треба да создаде подинамична економија.
Сепак, перспективата на четиридневната работна недела не е привлечна за сите. Некои вработени со полно работно време навистина ќе работат многу долги денови ако одлучат да ги зголемат своите часови, а други, како што се работниците во смени, едноставно нема да имаат опција за таа флексибилност.
Тестот во Велика Британија веќе беше поздравен како „исклучително успешен“
Компаниите во Велика Британија што имаа шестмесечна проба на четиридневната работна недела сега планираат да ја воведат откако го поздравија експериментот како „исклучително успешен“. Десетици компании беа вклучени во шестмесечната пилот-програма, која започна на 6 јуни, за да го проучат влијанието на пократкото работно време врз продуктивноста на бизнисите и благосостојбата на нивните работници, како и влијанието врз животната средина и родовата еднаквост. Околу 70 компании и повеќе од 3.300 вработени досега се пријавија за програмата, која ја водат истражувачи од универзитетите „Кембриџ“, „Оксфорд“ и Бостонскиот колеџ, како и неколку непрофитни групи.
Големо мнозинство од околу 86 отсто од компаниите што учествуваа во тестот рекоа дека е „исклучително веројатно“ или „веројатно“ да размислат за задржување на четиридневната неделна политика по пробниот период. Во тестот, од вработените се очекува да го следат „моделот 100:80:100“, односно 100 отсто од платата за 80 отсто од времето, во замена за обврска да одржат најмалку 100 отсто продуктивност.
Исланд е еден од лидерите во четиридневната работна недела
Помеѓу 2015 и 2019 година, Исланд го спроведе најголемиот тест на работната недела, намалувајќи ја на 35-36 часа, без никакви повици за пропорционално намалување на платите. Во тест-фазата учествуваа околу 2.500 луѓе. За да се обезбеди контрола на квалитетот, резултатите беа анализирани од британската експертска група „Аутономи“ и од Исландската непрофитна асоцијација за одржливост и демократија (АЛДА). Поради успешноста на тестот, истражувачите и исландските синдикати преговараа за намалување на работното време. Студијата, исто така, доведе до значителна промена во Исланд, при што речиси 90 отсто од работоспособното население сега има намалени часови. Истражувачите откриле дека стресот и исцрпеноста кај работниците се намалиле и имало подобрување во рамнотежата меѓу животот и работата.
Шведска имаше различни реакции за четиридневната недела
Во Шведска, четиридневната работна недела со целосна плата беше тестирана во 2015 година со мешани резултати. Предлогот беше да се воведат шестчасовни работни денови наместо осумчасовни без губење на платата, но не беа сите задоволни од идејата да потрошат пари на тестот. Дури и левичарските партии сметаа дека би било прескапо да се спроведе ова во голем обем. Но беа забележани позитивни резултати во Одделението за ортопедија на универзитетската болница, која префрли 80 медицински сестри и лекари на шестчасовен работен ден и ангажираше нов персонал за да го надомести изгубеното време. Одговорот од медицинскиот персонал беше позитивен, но експериментот исто така наиде на многу критики и не беше обновен.
Сепак, некои компании, како што е производителот на автомобили „Тојота“, избраа да го задржат намаленото работно време за своите работници. Автомобилската фирма веќе одлучи да го направи ова за вработените пред 10 години и остана на својата одлука.
Финска не воведе четиридневна работна недела
Претходно оваа година, скандинавската земја накратко се најде на меѓународните наслови, откако, наводно, драстично го намали работното време. Финската влада, наводно, сакала да воведе четиридневна работна недела, како и шестчасовен ден. Сепак, се покажа дека ова се лажни вести, кои Владата потоа мораше да ги исправи. Актуелната премиерка Сана Марин објави на Твитер за идејата во август 2019 година, но таа не е вклучена во агендата на Владата.
Германските стартапи експериментираат со пократката работна недела
Во Германија се практикува една од најкратките просечни работни недели во Европа. Според Светскиот економски форум (СЕФ), просечната работна недела е 34,2 часа. Сепак, синдикатите бараат дополнително намалување на работното време. Минатата година, најголемиот синдикат во земјата повика на пократки работни недели, тврдејќи дека тоа ќе помогне да се задржат работните места и да се избегнат отпуштања.
Според истражувањето на „Форса“, 71 отсто од луѓето што работат во Германија би сакале да имаат можност да работат само четири дена во неделата. Нешто повеќе од три четвртини од анкетираните рекоа дека ја поддржуваат Владата што го истражува потенцијалното воведување четиридневна недела. Кај работодавците, повеќе од двајца од тројца го поддржаа ова. Значително мнозинство (75 отсто) веруваат дека четиридневната недела би била пожелна за вработените, а мнозинството (59 отсто) сметаат дека тоа треба да биде остварливо и за работодавците. Речиси половина од работодавците (46 отсто) рекоа дека сметаат дека тестирањето четиридневна недела на сопственото работно место е „изводливо“. Сепак, дали ваква мерка ќе се спроведе или ќе се разговара допрва ќе се види. Досега, главно помалите стартап-компании експериментираат со пократка работна недела.