Каталин Карико / Фото: ЕПА

Интервју: Каталин Карико, добитничка на Нобеловата награда за медицина во 2023 година

  • Светот е на прагот на создавање вакцина против рак, автоимуни и евентуално многу други болести. Доколку се премине тој праг, би можела да започне нова историја на човештвото, бидејќи гореспоменатите болести се неизлечиви уште од зората на човекот и одземаат милиони животи низ целата планета секоја година. Биохемичарката Каталин Карико, добитничка на Нобеловата награда за медицина во 2023 година, го донесе светот до прагот на оваа револуционерна терапија. Таа две години претходно беше прогласена за една од 100-те највлијателни луѓе во светот од списанието „Тајм“. Каталин Карико и Дру Вајсман ја добија Нобеловата награда за нивната долгогодишна научноистражувачка работа, која придонесе за развој на мРНА-технологијата, која првпат беше употребена за брзо производство на вакцини против ковид-19

Во интервју за „Новости“, на прашањето како коментира дека имало големи противници на вакцините против ковид-19 и дека нивната ефикасност била доведена во прашање, како и за фактот дека е регистрирано оти можат да предизвикаат воспаление на срцевиот мускул и тромбоза, Каталин Карико вели дека таквите појави немаат поврзаност со технологијата мРНА.
– Тоа нема никаква врска со мРНА. Дури и пред сто години, за некои вакцини се известувало дека имаат несакани ефекти. На пример, кога почнала да се користи вакцината против дифтерија, регистрирано е дека може да предизвика менструација кај девојчињата, а имало и случаи на пријавени ментални нарушувања. Затоа, тие несакани ефекти не се карактеристични за вакцината против ковид, туку се резултат на индивидуална имунолошка реакција. Пред вакцините против ковид, пошироката јавност не била многу заинтересирана за несаканите ефекти од имунизацијата, бидејќи пред пандемијата вакцините никогаш не биле применувани толку масовно на глобално ниво и за толку кратко време. Затоа е важно да се нагласи дека вакцините имаат многу поголема корист за човештвото отколку што предизвикуваат штета. мРНА само го пренесува „гласот“ за телото да го „прочита“ и да направи специфична молекула од вирус или некое друго нарушување во телото, која имунолошкиот систем ќе ја препознае и ќе научи да се брани од неа или да ја елиминира.

Како биохемичарка, зошто се заинтересиравте за проучување на РНК, односно дел од овој синџир на мРНА?
– Како постдипломец, сè уште живеев во Унгарија и професорот на Универзитетот во Сегед, кој раководеше со Одделот за рибонуклеинска киселина, ме праша дали сакам да ја бранам докторската теза во таа област, иако се занимавав со липиди (масти). Се согласив и ја прифатив можноста да работам. Беше спонтано, не можев да кажам дека го избрав тоа или имав визија. Кога се преселив во Америка во 1985 година и се вработив на Универзитетот во Пенсилванија, почнав да се занимавам исклучиво со мРНА (messenger RNA). Она што ме натера да ја изберам биохемијата беше тоа што сум родена во мал град во централна Унгарија, па затоа бев фасцинирана од природата уште од рана возраст. Секој ден бев во контакт со животни и растенија. Ги гледав компирите, нашите растенија во градината како растат, се развиваат, даваат плод и венеат, а потоа повторно растат. Бев најдобра по биологија во основно училиште и тоа го одреди мојот понатамошен пат.

Во Вашата автобиографија ја нагласувате важноста на Вашето воспитување и тешкиот живот и во детството и подоцна.

– Да, моето семејство живееше многу скромно. Во мала куќа без вода. Татко ми беше месар, а мајка ми книговодителка. Завршиле само основно училиште. Сепак, во мое време образовниот систем во Унгарија беше добар. Секој што сакал да учи можел, а јас го користев тоа. И сега сум им благодарна на сите мои наставници, професори и ментори со кои пораснав и кои ме воведоа во светот на науката.

Што Ве мотивираше толку упорно и посветено да ја изучувате мРНА?

– Многу брзо сфатив, учејќи преку работа со животни, дека овој механизам „гласник“ што има РНК може да биде корисен и за човечки болести. Со години го усовршував, го модифицирав, го оптимизирав тоа знаење, а фактот дека може да биде корисно за лекување постојано ме туркаше напред.

За време на Вашата кариера наидовте на многу приговори, дури и на исмејување и закана од депортација, но не се откажавте од науката?

– Да, вистина е. Од моите родители научив не само како да правам колбаси туку и дека напорната работа е составен дел од животот. Освен тоа, немаше да ја постигнам мојата цел ако не читав книги од мои 16 години. Тие се многу важни. Од нив научив како да се справам со стресот, колку е важно да се фокусирам на она што го сакам и во исто време да ги игнорирам целата бучава, расправии, непочитување. Значи, кога ќе научите што треба сами да правите, а не да очекувате другите да го прават тоа, можете да го остварите вашиот сон. Тоа е тоа. Исто така, учев и од самите експерименти.

Горда сте што можете да истакнете дека сте постигнале успех и како мајка и како сопруга и дека поддршката од Вашето семејство била клучна.

– Не би била тоа што сум денес ако немав толку прекрасен сопруг. Затоа би им кажала на младите жени дека кога избираат сопружник, да се осигурат дека тој ги почитува нивните соништа, бидејќи тоа е многу важно. Десет години пред да ја добијам Нобеловата награда, бев принудена да се пензионирам на Универзитетот во Пенсилванија, тие едноставно се ослободија од мене затоа што повеќе не сакаа да го финансираат моето истражување. Но не дозволив другите да ги поставуваат правилата за мене и да ми кажуваат што е корисно, а што не.

Вашата ќерка, Сузан Франција, освои два златни олимписки медали во веслање за САД.

– Така е. Кога живеевме во Унгарија, грижата за децата беше добро организирана, така што можев да ја оставам во градинка на три месеци и да продолжам со моето истражување. Тоа е уште една важна причина зошто никогаш не се откажав. Уште од мала, таа си ги приготвуваше оброците и ја чистеше куќата со правосмукалка, бидејќи постојано бев на работа. Ми приговараше дека е единствената од нејзините пријателки што го прави тоа. Ја научив дека физичката активност е исто толку важна како и менталната активност, па затоа тренираше напорно. На крајот на краиштата, и јас трчав маратони и имав завиден резултат, иако сега нозете повеќе не ми служат толку добро.

Што се промени во Вашиот живот откако ја добивте Нобеловата награда?

– Патувам многу низ светот, а мојата следна станица е Берлин, каде што ќе учествувам на голем конгрес посветен на примената на мРНА во производството на вакцини против автоимуни болести. Неодамна одржав предавање на спортска арена пред повеќе од 60.000 студенти. Тоа е ново за мене, по толку години расправии. Она што е изненадувачки и интересно за мене е што сега дури и Бил Гејтс знае која сум јас, па понекогаш се чувствувам како да сум Тејлор Свифт.