Судан страда од занемарување и рамнодушност што се чини дека го одразуваат новиот облик на глобалната политика

Судан е дом на најлошата криза со глад во светот, катастрофа предизвикана од човекот, односно од повеќе од две години катастрофална граѓанска војна и колапс на државата, што доведе до повеќе од 150.000 смртни случаи. Таа е дом на најголемата криза со раселување во светот, со повеќе од 12 милиони луѓе протерани од своите домови. И е дом на најголемата образовна криза во светот, со дури 17 милиони надвор од училишниот систем. Обединетите нации предвидуваат дека околу 3,2 милиони деца под петгодишна возраст ќе страдаат од акутна неисхранетост следната година.
Пред една година, во делови од земјата беше прогласено дека има глад, но тоа предупредување од системот на ОН направи малку за да ја подобри ситуацијата или да ги фокусира меѓународните напори за прекинување на конфликтот. Најмалку 63 лица, претежно жени и деца, умреа од глад во изминатата недела во опколениот град Ел Фашер, последниот голем урбан центар во пространиот регион Дарфур, кој не падна во рацете на паравоените Сили за брза поддршка (РСФ). Локалните власти им кажаа на новинарите дека тој број се однесува само на оние што стигнале до медицинските установи во областа погодена од битки и бомбардирања. Помошта не е влезена во градот веќе една година.
– Сите во Ел Фашер се соочуваат со секојдневна борба за преживување. Механизмите за справување се целосно исцрпени по повеќе од две години војна. Без непосреден и одржлив пристап, ќе бидат изгубени животи – изјави Ерик Пердисон, регионален директор на Светската програма за храна за Источна и Јужна Африка.
РСФ ја обнови својата офанзива врз градот откако го загуби своето упориште во Картум, главниот град на земјата, од страна на ривалската суданска армија. Нивните напредувања протераа десетици илјади луѓе од блискиот камп за раселени Замзам, што претставува цел на напади и масакри врз цивили. Вакви злосторства се случиле низ огромните пространства на Судан, но најинтензивно во Дарфур, каде што обвинителите од Меѓународниот кривичен суд велат дека има многу докази за воени злосторства. Регионот, кој претрпе геноцидна кампања од страна на претходничката милиција на РСФ пред една генерација, сега е во голема мера под контрола на групата. Територијата што ја држи РСФ е неселективно бомбардирана од суданската војска, додека РСФ е обвинета за спроведување систематско силување и етничко чистење на неетнички Арапи.

– Луѓето се лишени од вода и храна. Силувањето и сексуалното насилство се користат како оружје. Киднапирањата за откуп и за зајакнување на редовите на вооружените групи станаа вообичаена практика. Имаме разумни основи да веруваме дека во Дарфур се извршени и продолжуваат да се извршуваат воени злосторства и злосторства против човештвото – изјави заменик-обвинителката на МКС, Назат Шамим Кан, пред Советот за безбедност на ОН минатиот месец.
Сепак, има мала надеж дека војната ќе заврши. Иако американскиот претседател Доналд Трамп се претставува како глобален миротворец, играјќи улога на трета страна во низа примирја и договори меѓу различни земји, војната во Судан едвај доби споменато внимание од Белата куќа. Во еден од своите заминувачки акти, администрацијата на Бајден изјави дека РСФ извршиле геноцид во своите напади во Дарфур. Исто така, воведе санкции и за двајцата сопернички лидери на земјата, Мохамед Хамдан Дагало, предводникот на РСФ, и за генералот Абдел Фатах ал Бурхан, шеф на суданската војска.
Овие, во голема мера симболични акти, малку направија за да ја променат ситуацијата на теренот, додека војната продолжуваше. Но затворањето на УСАИД, клучен елемент на меѓународниот хуманитарен систем, доведе до затворање на виталните клиники во Судан и до пресушување на помошта за некои заедници.
Низ конфликтот се провлекуваат низа геополитички интереси, со надворешни сили што се движат од Египет и Турција до Русија и монархиите од Заливот, сите вклучени на некаков начин. Минатата недела, суданската војска тврдеше дека соборила авион од Емиратите што наводно превезувал десетици колумбиски платеници поврзани со РСФ. Како што постојано правеа поради зголемените обвинувања за поврзаност со РСФ, претставниците на ОАЕ го отфрлија обвинението како „намерна пропаганда“.