Успешно спроведен верификациски лет на кинески беспилотен товарен авион на сложен терен
Нов тип беспилотен товарен авион развиен од Кинеската корпорација за воздухопловна наука и технологија (ЦАЦДС) неодамна заврши верификациски лет на сложен терен, означувајќи пресвртница за неговото идно комерцијално работење.
Моделот „YH-1000“, развиен од Кинеската академија за воздухопловна аеродинамика на ЦАЦС во понеделникот достави товарна кутија од 400 килограми на аеродромот „Лиангпинг“ откако леташе на кружен лет помеѓу Лиангпинг и Вулонг во градот Чунгкинг во југозападна Кина, објави „Сајенс енд технолоџи дејли“ во вторникот.
„YH-1000“ го заврши целосниот процес на верификација на товарен транспорт, меѓурегионален лет и автономно враќање во сложениот планински терен на сливот на реката Јангце. Леташе по 134-километарската маршрута што ги поврзува Лиангпинг и Вулонг, движејќи се преку пет планински врва, секој над 1.000 метри во височина, минувајќи низ кањонот Вуџијанг и водниот пат на реката Јангце.
Според неговиот раководител за развој, летот за верификација покажа дека „YH-1000“ ги има техничките способности потребни за комерцијално работење. Неговото пробно работење ќе биде договорено во исчекување на регулаторно одобрение.
„YH-1000“ го заврши својот прв лет на 22 мај годинава. Со извонредни способности како што се ултракратко полетување и слетување и силна приспособливост кон сурови оперативни средини, може да работи на збиени земјени патишта, израмнети тревни површини и автопатишта, значително проширувајќи ги сценаријата за примена на беспилотни товарни летала.
Со издржливост од 10 часа и носивост што надминува илјада килограми, „YH-1000“ може да воспостави евтини и брзи товарни врски помеѓу градовите и оддалечените окрузи или општини, подобрувајќи ја логистичката поврзаност во централните и западните региони во земјата.