Кина не е само најголемиот пазар туку веројатно е и светски центар за иновации, поттикнувајќи го развојот на роботиката од следната генерација. Роботите го преобликуваат производството на Кина и ќе имаат подлабоко влијание врз општеството во иднина, бидејќи стануваат поинтелигентни, поколаборативни и попристапни, објаснија аналитичарите Шенг Жонг и Челси Ванг од Хонгконг
Прва роботска олимпијада одржана во Пекинг
Пекинг беше домаќин на првите Светски игри на хуманоидни роботи во текот на изминатиот викенд, на настан што ја одразува двојната амбиција на Кина: за покажување на технолошката моќ со која напредува како сила на полето на вештачката интелигенција применета во роботиката, како и за доближување на граѓаните до машините предодредени да играат сè поголема улога во економијата и во секојдневниот живот.
„Морган Стенли“ во февруари предвиде дека Кина ќе го забрза усвојувањето на хуманоидните роботи во втората половина од годината, забележувајќи дека процесот ќе биде воден од големи државни нарачки, што ќе го отвори патот за нивно воведување во бизнисите и услугите. Во услови на зголемени царински тарифи и глобална економска нестабилност, кинеската влада ги удвои индустриите што ги смета за неопходни за земјата да ја осигури конкурентноста во однос на САД. А вештачката интелигенција зазема централно место во стратегијата: таа е дел од плановите за модернизација на војската и, паралелно, се промовира во цивилната сфера за автоматизирање на фабриките и зајакнување на здравствената заштита и грижата за стари лица. Покрај тоа, секој чекор напред на полето на полупроводниците, роботиката или научните патенти се прикажува како симбол на национална гордост.
Кина во последните месеци го зголеми бројот на настани каде што хуманоидните роботи се во центарот на вниманието – од танцови претстави до маратони и модни ревии – со цел да ја доближи оваа технологија до јавноста и да го покаже нејзиниот потенцијал. Најновиот голем настан од ваков вид беа Светските игри на хуманоидни роботи што се одржаа во кинеската престолнина, каде што повеќе од 500 двоножни андроиди ги тестираа своите способности во 26 дисциплини.
Огромна лабораторија за тестирање
Роботи учествуваа во повеќе спортски дисциплини во Националната сала за брзо лизгање во Пекинг – спринт и штафетни трки, скокови во далечина, гимнастика, фудбалски натпревари и боксерски борби. Беа изведувани кореографии, заедно со демонстрации на боречки вештини, па дури и дисциплина наречена импровизирана креативност. Исто така беа симулирани услови слични на оние во фабрики, аптеки или хотелски рецепции за да се стекне увид во вештината на роботите при ракување со материјали, сортирање производи и услужување на клиентите. Спектаклот беше проследен од публика составена претежно од деца придружени од нивните семејства.
Овие натпревари функционираат и како лабораторија од големи размери, тестирајќи го во реални услови напредокот постигнат во автономијата, координацијата и компјутерската технологија за овој тип машини. Присуствуваа делегации од 16 земји – вклучувајќи ги Германија, Холандија, Португалија, Јапонија и од САД, иако тоа меѓународно присуство беше концентрирано во фудбал. Од регистрираните тимови, 192 претставуваа универзитети, а 88 приватни компании. Една од главните цели на овие изложби е да ги внесат хуманоидните роботи во реалниот свет, да ги тестираат и потоа да генерираат информации што им се потребни на компаниите за да ги усовршат своите дизајни.
– Кина не е само најголемиот пазар туку веројатно е и светски центар за иновации, поттикнувајќи го развојот на роботиката од следната генерација. Роботите го преобликуваат производството на Кина и ќе имаат подлабоко влијание врз општеството во иднина, бидејќи стануваат поинтелигентни, поколаборативни и попристапни – објаснија аналитичарите Шенг Жонг и Челси Ванг од Хонгконг во нивното истражување.
Националната комисија за развој и реформи, највисокото тело за економско планирање на Кина, минатата пролет објави создавање фонд за ризичен капитал поддржан од државата, фокусиран на роботика, вештачка интелигенција и други најсовремени технологии. Се очекува фондот да привлече капитал од околу 137 милијарди долари од локалните самоуправи и приватниот сектор, со инвестициска рамка од 20 години.
„Морган Стенли“ предвидува дека глобалната индустрија за хуманоидна роботика ќе достигне вредност од пет трилиони долари до 2050 година, при што Кина ќе биде водечка и во технолошкиот развој и во усвојувањето. До таа година финансиската мултинационална компанија проценува дека во Кина ќе бидат во употреба 302,3 милиони единици, во споредба со 77,7 милиони што се очекуваат во САД.