Вештачка интелигенција: Колку повеќе се користи, толку повеќе создава зависност

 

  • Извештајот од Институтот за вештачка интелигенција за работа, изработен со истражувачи од универзитети, вклучувајќи ги „Нотр Дам“, „Харвард“ и Калифорнискиот универзитет во Санта Барбара, објавен неодамна, вели дека вештачката интелигенција ги претвора обичните канцелариски работници во луѓе што се чувствуваат попаметно и попродуктивно, додека нивните основни вештини полека еродираат

Спротивно на рекламите и „фалбите“ што доаѓаат од креаторите на нови технологии, последниот извештај на Институтот за вештачка интелигенција за работа вели дека генеративната вештачка интелигенција тивко ги еродира основните вештини на работниците.
Коавторката на извештајот, Ребека Хиндс, за „Бизнис инсајдер“ посочува дека вработените на почетокот на кариерата ризикуваат да изгубат витални вештини бидејќи вештачката интелигенција го заменува „чиракувањето“. Таа вели дека лидерите што се фокусираат на употребата на вештачка интелигенција поттикнуваат плитка употреба наместо вистинско учење.
– Дали сте се фатиле себеси како се чувствувате невообичаено самоуверено на работа – или несигурно за грешки што се провлекуваат низ вашиот работен тек – прашува Хиндс.
Извештајот од Институтот за вештачка интелигенција за работа, изработен со истражувачи од универзитети, вклучувајќи ги „Нотр Дам“, „Харвард“ и Калифорнискиот универзитет во Санта Барбара, објавен неодамна, вели дека вештачката интелигенција ги претвора обичните канцелариски работници во луѓе што се чувствуваат попаметно и попродуктивно, додека нивните основни вештини полека еродираат.
– Вештачката интелигенција ни ја става експертизата во раце на начин што не е секогаш предвидлив. Честопати постои илузија дека имате поголема експертиза, повеќе вештини отколку што всушност имате. Дури и ако сте многу свесни дека ја користите технологијата, честопати е нејасно каде завршува вашето знаење, а каде започнува технологијата – потенцира за „Бизнис инсајдер“ Ребека Хиндс, раководителка на Институтот за вештачка интелигенција за работа во компанијата за пребарување на работно место Глин и коавторка на извештајот.

Кога вештачката интелигенција ги еродира вештините наместо да ги изостри

Хиндс направи паралела со подемот на интернет-пребарувачите, кога луѓето почнаа да го мешаат лесниот пристап до информации со вистинско разбирање. Со генеративната вештачка интелигенција, според Хиндс, таа илузија е уште помоќна – а ризиците се поголеми. Ризиците се најочигледни во креативните и знаечки улоги, посочува експертката на полето на вештачката интелигенција.
Вработените во повеќе области сè повеќе ја користат вештачката интелигенција за да генерираат текстови. Тоа ги забрзува работите, но исто така ја отстранува и неуредната, долготрајна работа при борбата со идеи, како што посочува Хиндс.
– Колку повеќе ја користите, толку повеќе зависите од неа и толку повеќе се чувствува дупка во вашето знаење, што ги намалува можностите да се борите за своите ставови на некој состанок ако некој се спротивстави на вашето тврдење – посочува коавторката.
Според неа, „тој процес е многу неефикасен“, но таа сепак додава дека „исто така е навистина здрав“. Хиндс и другите учесници во истражувањето утврдиле дека „ако работниците премногу се потпираат на вештачката интелигенција, нивните вештини ќе атрофираат“.
Извештајот сугерира дека вештачката интелигенција може да создаде или „когнитивна дивиденда“ или „когнитивен долг“. Користена како партнер во домени каде што веќе имате експертиза, може да заштеди време и да го изостри расудувањето. Сепак, користена како рефлексивна кратенка, води до послаби вештини и лажно стекната самодоверба, се вели во документот.

Работниците во рана кариера се најизложени на да паднат во стапица

Хиндс истакнува дека работните места во рана кариера се најмногу изложени на ефектите од вештачката интелигенција. Тоа се улогите што традиционално функционираат како „чиракувања“: помлади програмери што учат од постари инженери, маркетери на почетно ниво што учат како да градат кампањи и млади аналитичари што учат како да структурираат модел од нула.
Ако тие задачи се автоматизираат или ако помладите се потпираат целосно на вештачката интелигенција за да ги извршуваат, тие можеби никогаш нема да ги развијат основните вештини што им се потребни за да напредуваат, како што објаснува Хиндс.
Таа посочува дека токму лидерите честопати ненамерно го влошуваат проблемот со илузијата за експертиза. Според неа, се вклучува „силен аларм“ поради тоа што „организациите ги рангираат вработените врз основа на тоа колку пати кликнуваат на алатка за вештачка интелигенција – како показател за усвојувањето на вештачката интелигенција или за продуктивноста и успехот од нејзино користење“.
Во некои компании, метриките за користење се директно поврзани со прегледите на перформансите. Вработените „се стимулираат да кликнуваат на алатката повеќе отколку да инвестираат во длабоко разбирање на алатката“, според Хиндс.
Наместо тоа, рече таа, компаниите треба да ја поврзат вештачката интелигенција со постојните деловни цели – квалитет, задоволство на клиентите, иновации – и да мерат дали таа всушност ги подобрува, а не само колку често се користи. Е.Р.


Како да избегнете да станете „аматер со вештачка интелигенција“

Хиндс не мисли дека решението е да се избегнува вештачката интелигенција. Таа мисли дека треба да се биде многу повеќе промислен во врска со нејзината употреба, со што препорача три прашања за работниците и лидерите.
Кои улоги треба да останат длабоко човечки? Идентификувајте ги деловите од вашата работа што градат процена, креативност и мотивација – и спротивставете се на целосното автоматизирање на истите тие.
Каде е вештачката интелигенција навистина во непосредна близина? Користете ја прво во области блиски до вашата постојна експертиза, а не како „пократок пат“ до домени што не ги разбирате.
Што мерите? Фокусирајте се помалку на тоа колку често луѓето ја користат вештачката интелигенција, а повеќе на тоа дали таа ги подобрува реалните резултати.
– Вештачката интелигенција „не ве трансформира магично во лидер. Наместо тоа, таа го засилува она што веќе постои во организацијата – заклучува Хиндс. Е.Р.