Записите покажуваат дека евакуираните со нерешени барања за влез во САД се „принудени да останат во неизвесност“ во најмалку 36 земји, некои и во „неодржливи услови“
Авганистанците евакуирани од САД остануваат заглавени во странски кампови
Авганистанските граѓани што побегнаа од земјата со американска помош по хаотичното повлекување на САД од Авганистан остануваат заглавени во трети земји, сугерираат нови документи споделени исклучиво со „Гардијан“, при што некои се во објекти слични на затвори, а многумина немаат јасна претстава за нивните изгледи за преселба.
Американските власти нема да кажат колку точно Авганистанци остануваат на такви локации, каде што беа однесени по повлекувањето при кое стотици илјади избегаа за да си ги спасат животите за време на молскавичното преземање на власта од страна на талибанците во 2021 година. Постојат одредени процени дека „стотици“ остануваат заробени во привремени објекти во триесетина земји.
Збир на владини записи објавени во вторникот нуди претходно неоткриени детали за вмешаноста на американската влада во активностите на овие локации. Записите опишуваат семејни разделби, случаи со влошено ментално здравје, несоодветни објекти и страв од присилна репатријација. Документите, кои нудат приказ до есента во 2023 година, ги добија Центарот за уставни права, Центарот за аболиционистичко право и активисти по судски спор против Министерствата за одбрана и за внатрешна безбедност на САД, како и против Стејт департментот.
Адвокатот Садаф Дост изјави за „Гардијан“ дека правните застапници ги поднеле барањата за евиденција за да побараат информации за условите на повеќе локации каде што знаеле дека се држат Авганистанци. Но документите што ги добиле покажуваат дека евакуираните Авганистанци со нерешени барања за влез во САД биле „приведени, задржани или на друг начин принудени да останат во неизвесност“ во најмалку 36 земји.
– Други записи што ги добивме откриваат писма со неуморни апели што авганистанските државјани ги упатувале до претставниците на американската влада, од деталите за недостигот од пристап до американските амбасади, адвокати и хуманитарни и организации за заштита на имиграцијата, па до неодржливите услови и колективната траума што заедницата продолжува да ја трпи – додаде Дост.
Од документите не е јасно колку од 36-те земји ги сместуваат евакуираните во домови. Адвокатите велат дека знаат за пет објекти во четири земји – Обединетите Арапски Емирати, Катар, Косово и Германија. Заклучно со април 2023 година, записите покажуваат дека 2.834 Авганистанци со нерешени американски апликации биле во Катар, 1.256 во Обединетите Арапски Емирати, 259 во Косово и десетици други во други земји.
Министерствата за одбрана и за внатрешна безбедноста на САД не одговорија на барањата за коментар. Портпарол на Стејт департментот напиша во изјава за „Гардијан“ дека напорите на американската влада за преселување на Авганистанците се во тек од 2021 година. Додека службениците ги процесираат случаите, на апликантите им е „дозволено да бидат присутни на платформи од трета земја со дозвола на земјата домаќин“, рече портпаролот, а трошоците ги покриваат САД. Портпаролот додаде дека САД издале повеќе од 33.000 специјални имигрантски визи за Авганистанците во фискалната 2024 година.
– Напорите на американската влада за преместување на подобните Авганистанци по легален пат за имиграција во САД се во тек, уште од прекинот на активностите во Амбасадата во Кабул, во август 2021 година. Тие напори продолжуваат и денес, посочи портпаролот.
Практиката се чини пресурова
Повеќе од 1,6 милион луѓе го напуштија Авганистан во хаотичната состојба по најавата на САД во јули 2021 година дека ќе ја напуштат земјата по водењето дводецениска војна таму. Во последните денови од повлекувањето, американските власти координираа брза евакуација на околу 120.000 луѓе во десетици земји низ светот.
Оттогаш, повеќе од 190.000 Авганистанци се преселени во САД, според портпаролот на Стејт департментот, но новообјавените записи сугерираат дека многу од заглавените во странство имаат барања за влез во САД на хуманитарна или друга основа. Различно барање за јавна евиденција објавено во 2023 година од страна на Американскиот совет за имиграција покажува дека од јануари 2020 година до април 2022 година биле одобрени само 114 од 44.785 апликации за хуманитарно ослободување, што им овозможува на поединци во итни ситуации да влезат во САД и кога не ги исполнуваат условите, односно на помалку од 0,3 отсто од барањата. Официјални лица, исто така, во моментов обработуваат повеќе од 20.000 барања за „специјални имигрантски визи“ од Авганистанци што работеле за американската влада, а одбиле околу 40 отсто од нив, објави „Ројтерс“.
Малку е познато за објектите во странски земји со привремено присуство на американски персонал. Некои од локациите се импровизирани објекти за сместување бегалци управувани од владата, други се на поранешни американски воени бази.
Активистите за човекови права претходно изразија загриженост за некои од овие локации, во ОАЕ, Косово и во Катар. Во 2023 година „Хјуман рајтс воч“ предупреди дека до 2.700 Авганистанци биле произволно приведени во т.н. „Хуманитарен град на Емиратите“, логистички центар во Абу Даби, каде што евакуираните од Авганистан биле „заклучени повеќе од 15 месеци во тесни, мизерни услови, без надеж за напредок во нивните случаи“.
Групата откри дека Авганистанците во тој камп биле подложени на деноноќен надзор и ограничувања на движењето, при што не им бил дозволен пристап до правни советници, посетители и новинари, додека лошата медицинска нега понекогаш резултирала со компликации опасни по живот. Неколкумина тогаш им рекоа на истражителите за човекови права дека не им било дозволено да ја напуштат локацијата.
Другите локации не беа ништо подобри, со пријавени самоубиства и случаи на штрајк со глад на Авганистанците во центрите во Катар и на Косово. Косовската локација го доби прекарот „малиот Гвантанамо“ меѓу оние што престојуваат таму, затоа што им беше кажано дека ако ги напуштат просториите, нивните апликации за преселба во САД ќе бидат отфрлени.
Повеќе од 17.000 луѓе поминале низ локацијата во ОАЕ помеѓу август 2021 година и јануари 2022 година, но помалку од 50 остануваат таму денес, според портпаролот на одделот, кој рече дека САД „работат со ОАЕ за да ги утврдат опциите за преселување на преостанатото население“.
Американските функционери во минатото негираа дека имаат присуство на локации каде што Авганистанците се држат во странство, но записите покажуваат дека тие биле вклучени во воспоставувањето на барем некои од нив. Документите вклучуваат договори меѓу САД и пет земји – Катар, Оман, Кувајт, Италија и Германија – со детали за условите за, како што тогаш САД го нарекуваа, „привремено“ преместување на авганистанските граѓани на тие локации. Во договорите, американските власти ветија дека ќе придонесат за „безбедноста и удобноста“ на Авганистанците што се задржани во трети земји, вклучувајќи и обезбедување оброци, медицинска нега и образовни потреби. Тие им ветија на земјите домаќини дека ќе помогнат во одржувањето на „редот“ на локациите, вклучувајќи и со спроведување „заеднички“ патроли. Таквите договори требаше да бидат краткорочни – од еден месец до помалку од една година. Но, записите покажуваат дека барем некои биле формално продолжени, во еден случај, во Катар, барем до септември 2023 година.
Тие ветија дека на Авганистанците ќе им дадат приоритет
Лајла Ајуб, адвокатка за имиграција и кодиректорка на проектот АНАР, група за застапување основана од авганистански Американки за да им помогне на Авганистанците што се селат во САД, им кажа на новинарите на „Гардијан“ оти на илјадници луѓе на кои им беа ветени начини за доаѓање до специјални визи во замена за нивната соработка со САД остануваат во Авганистан или во трети земји. Многумина, додаде таа, станаа толку очајни што избраа да се пробијат до САД преку опасните рути низ Латинска Америка и границата меѓу САД и Мексико. Други се вратија во Авганистан, и покрај ризиците со кои се соочуваат таму.
Оваа недела двопартиска група од повеќе од 700 американски ветерани и сегашни и поранешни функционери напиша јавно писмо во кое ја повикува администрацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп да ги зачува специјалните визи и опции за преселување за Авганистанците што се изложени на ризик, да ги зголеми ресурсите наменети за нивна обработка и да ги заштити од пошироко засилување на миграцијата, за што Трамп рече дека ќе биде приоритет на неговата администрација.
Шон Вандајвер, ветеран на американската морнарица и основач на група што работи со Стејт департментот за да помогне во преселувањето на Авганистанците и го организираше писмото, рече дека се плаши оти САД можат да ги прекинат пристигнувањата на бегалците.
– Потребна ни е подобра програма за сојузници во време на војна – рече Вандајвер, пофалувајќи ги напорите на официјалните лица за преселба на огромен број луѓе, притоа истакнувајќи дека процесот останува погрешен.