Нигер сака да ја продаде резервата од илјада тони ураниум запленета од Франција, која ја оспорува одлуката, додека вредниот метал е на нишан и на Исламската држава
Некаде во ноември, конвој со илјада тони ураниум тргна од оддалечените северни делови на Нигер, почнувајќи патување до крајна дестинација што останува опасно нејасна. За воената хунта што го управува Нигер, преместувањето на ураниумот од рудниците на Арлит означи одлучувачки прекин со колонијалното минато на нацијата. Но за Франција и нејзината државна нуклеарна група „Орано“, тоа изгледаше како можен почеток на грабеж на средства вредни повеќе милиони долари.
Сега ураниумот, понуден на меѓународните пазари, но сè уште непродаден, се соочува со поинаква закана: лежи заглавен во ранлива воздухопловна база во Нијамеј, која неодамна беше нападната од милитанти на ИСИС. Неизвесната судбина на ураниумот фрла светлина не само врз хунтата на оваа сиромашна пустинска држава туку и врз напорите на Париз да ја задржи контролата врз ураниумот од рудниците со кои управуваше со децении.
Нигер, чии војници сè повеќе заостануваат во борбата против ИСИС, започна разговори за продажба со неколку земји, вклучувајќи ја и Русија, која има мал воен контингент во африканската држава. Се проценува дека овие резерви на ураниум вредат околу 240 милиони долари.
– Можеме да му продаваме кому сакаме. Разговараме со Русите, со Кинезите, со Американците – рече полковник Усман Абарчи, министер за рударство на Нигер, додавајќи дека земјата ќе им продава ураниум само на купувачи што ги смета за одговорни.
Нигер извезува форма на ураниум позната како „жолт колач“, преработен ураниумски концентрат што се користи за производство на гориво за нуклеарни централи. Исто така, може дополнително да се збогати за употреба во производство на оружје. Пред војската да ја преземе власта во 2023 година, таа снабдуваше до една четвртина од природниот ураниум што се испорачуваше во електроцентралите во Европа.
Некои се сомневаат дека хунтата на Нигер ќе најде купувач за запленетите резерви на ураниум. Француската компанија „Орано“, која всушност беше протерана од Нигер кога нејзините средства беа национализирани во јуни, поведе судска постапка за да спречи каква било можна продажба. Улф Лесинг, експерт од Мали во фондацијата „Конрад Аденауер“, рече дека секој купувач веднаш би се соочил со тужба од Французите. Повеќето аналитичари ја сметаат Русија за најверојатен кандидат, додека Нигер посакува да склучи итна продажба за да ги дополни своите празни каси.
„Аксија пауер“, компанија со седиште во Обединетите Арапски Емирати, покажа интерес, според Абарчи.
– Разговараме со нив – рече тој, нагласувајќи дека Нигер нема преференции. Во раководството на малку познатата „Аксија пауер“ е вклучен и поранешен висок вработен во „Росатом“, руската државна нуклеарна корпорација. Тој на Линкдин изјави дека ја напуштил компанијата во август.
Француски дипломатски претставник изјави дека Франција го повикала Нигер да се воздржи од трансфер или продажба на ураниумот. „Орано“ соопшти дека арбитражна комисија минатиот септември му наложила на Нигер да не продава, да не трансферира или да не олеснува трансфер на ураниумот. „Орано“ изјави дека е подготвен да ги активира „сите потребни мерки“, вклучително и „против трети страни“.
Влошената безбедносна ситуација во Нигер дополнително ги комплицира работите. Нападите од ИСИС и ЈНИМ, локална подружница на Ал каеда, се засилија низ западен Нигер и почнаа да се приближуваат кон главниот град Нијамеј. Кон крајот на јануари, ИСИС започна изненадувачки напад врз главниот меѓународен аеродром во Нијамеј и соседната воена база, каде што се складира ураниумот преместен од Арлит. ИСИС соопшти дека нападот, што се чини дека ги нишанел беспилотните летала лоцирани во базата, бил планиран долго пред ураниумот да биде преместен на југ од Арлит. Нападот го понижи режимот во Нијамеј, кој ја презеде власта со ветувања за стабилизирање на Нигер, земја со речиси 30 милиони жители. Притоа беше истакната ранливоста на заглавениот ураниум.
– Веројатно не е многу безбедно складиран, без разлика што и да тврдат. Ситуацијата не е одржлива, но ништо не сугерира дека ќе можат да го продадат наскоро – рече експерт од Мали.
Дури и ако Нигер најде купувач, не е јасно како може да се извезе товарот. Имаше широко распространети шпекулации дека надлежните во Нигер планираат ураниумот брзо да помине низ територија контролирана од исламистички бунтовници за да стигне до Ломе во Того, од каде што може да биде испратен во странство. Абарчи рече дека Нигер го преместил ураниумот поради проблеми со складирањето во Арлит и затоа што Нијамеј бил на пат кон Ломе. За да се изведе овој потфат би била потребна тешко вооружена, веројатно руска, придружба.
– Ова е очигледно суперопасно – рече Иван Гишауа од Меѓународниот центар за студии на конфликти во Бон, додавајќи дека најдобриот излез од ова е да се најде спогодба со „Орано“.
Нигер некогаш го извезуваше својот ураниум преку соседниот Бенин, но нивната заедничка граница е во голема мера затворена од 2023 година. Ова го принуди Нигер да се потпира на заобиколен и опасен пат низ Того.
– Така ги добиваме повеќето од нашите резерви. Но ураниумот е различен. Џихадистите можеби нема да нападнат камион со храна во него, но ќе бидат повеќе заинтересирани за камион што носи ураниум – рече Ибрахим Јахаја Ибрахим, аналитичар од Нигер во Меѓународната кризна група.
Не е првпат да има загриженост за прашањето во чии раце би можел да падне ураниумот на Нигер. Британските и американските разузнавачки служби, врз основа на документи што подоцна се покажаа како лажни, тврдеа пред инвазијата на Ирак дека Багдад се обидувал да набави „жолт колач“ од Нигер за употреба во својата програма за оружје.
Иран, кој има сè поголемо присуство во Нијамеј, преговарал со Нигер за набавка на резерви во 2024 година, беше објавено од „Волстрит џурнал“. Се вели дека американските претставници го предупредиле Нигер да не соработува со Техеран, порака што Нијамеј се чини дека ја прифатил.
Исламска држава јасно разбира колку е важен ураниумот за хунтата, како и публицитетот што може да го донесе.
– Ако сте терорист што бара публицитет, тогаш ураниумот ќе ви го даде тоа – додаде западен функционер. Неделникот на Исламска држава насловен „Ал наба“ неодамна објави триумфален текст на три страници за нападот врз воздухопловната база, исмевајќи ги гласините дека акцијата била поврзана со ураниумот и забележувајќи дека е чиста среќа што нејзините борци не се „сопнале“ на резервата. Следниот пат Нигер нема да има толку среќа – предупреди Исламска држава.

































