Фото: ЕПА

Привремената влада на Сирија донесе одлука дека жените мора да носат буркини – костим за капење што го покрива телото, освен лицето, рацете и нозете – или друга „пристојна“ облека на јавните плажи и базените. Прописите, издадени од Министерството за туризам, „имаа цел подобрување на стандардите за јавна безбедност и зачувување на јавната пристојност“, објави сирискиот државен новински канал Ал Ихбарија ал Сурија.

Приватните плажи, клубовите и базените, како и хотелите со повеќе од четири ѕвездички, се ослободени, се вели во директивата.

Жените често се облекуваат скромно на јавните плажи во Сирија, но некои жени се одлучуваат за позападен стил на костими за капење. Новата влада претходно вети дека ќе владее – „инклузивно“. Според новата директива, посетителите на плажата и на јавните базени мора да носат „поскромни костими за капење“, наведувајќи „буркини или облека за капење што покрива поголем дел од телото“. Во декретот се додава дека жените треба да носат покривало или лабава облека врз костимот за капење кога се движат меѓу зоните за капење.
– Движењето во костими за капење надвор од плажата без соодветна покривка е забрането – се вели во него.

Мажите исто така треба да носат кошула кога не пливаат и не им е дозволено да бидат голи надвор од зоните за капење.

Во соопштението се вели дека „нормалните западни костими за капење“ генерално се дозволени на одредени места, но „во границите на јавниот вкус“.

Поопшто, луѓето треба да носат лабава облека што ги покрива рамената и колената и „да избегнуваат проѕирна и тесна облека“, се додава во декретот.

Директивата не кажува дали оние што не ги почитуваат правилата ќе бидат казнети или како ќе се спроведуваат правилата. Но се вели дека ќе бидат назначени спасители и супервизори за да го следат почитувањето на плажите.

Тоа вклучува и други безбедносни прописи околу базените и плажите.
Реагирајќи на новото правило, една жена од Идлиб, на северозападниот дел од земјата, за програмата на Би-би-си, „Ворлд срвис ОС“, изјави дека, иако може да ги види обете страни на аргументот, „има позитивно во ова, од морална и почитувачка гледна точка“. Таа додаде „некои луѓе и семејства не се чувствуваат удобно да гледаат или да носат премногу изложена кожа и верувам дека тоа е валидна перспектива“.

Но, друга жена, Рита, која живее во главниот град Дамаск, рече дека „не е удобно“ со новото правило, „особено затоа што не сме навикнати на такви закони“.
– Во крајбрежната област, различни дами од различни религии одевме таму и досега носевме што сакавме. Религиозните луѓе можеа да ги избегнуваат оние во бикини. Но овој закон нè плаши каде да одиме – рече таа и додаде: „Немаме проблем со самото буркини, но проблем е со концептот дека владата го контролира ова“.

Во декември минатата година, исламистичките бунтовнички сили предводени од Ахмед ал Шара го соборија режимот на Башар ал Асад, ставајќи крај на годините граѓанска војна. Оттогаш, Ал Шара, сега привремен претседател на земјата, вети дека ќе ја води земјата на инклузивен начин. Во интервју за Би-би-си кратко откако ја презеде власта, тој рече дека верува во образованието за жените и негираше дека сака да ја претвори Сирија во верзија на Авганистан – што сериозно ги ограничи правата на жените.