Податоците покажуваат дека бројот на пожари во Европа годинава се зголемил за речиси 50 отсто, за време на повторени топлотни бранови

Алармантна ситуација во Европа

Шумските пожари се ширеа опасно блиску до главните градови во Европа, вклучувајќи ги Мадрид, Атина и Подгорица, изминатата недела, бидејќи податоците покажуваат дека бројот на пожари на Стариот Континент се зголемил за речиси 50 проценти во споредба со минатата година. Пожарникарите се справуваат со пожари во Шпанија, Португалија, Франција, Турција, Грција и во Црна Гора, бидејќи температурите во делови од Јужна Европа се искачуваат над 40 Целзиусови степени, а земјите издаваат предупредувања.
Илјадници се евакуирани поради пожарите, вклучително и од западниот регион на Пелопонез во близината на Патра и одморалиштата Закинтос и Кефалонија во Грција. Во Шпанија, во четвртокот беа прогнозирани температури до максимум 44 Целзиусови степени во внатрешноста до Екстремадура и повеќе од 40 Целзиусови степени во делови од Андалузија, предупреди шпанската метеоролошка агенција.
Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, наднационална сила за гаснење пожари што можат да ја повикаат европските земји на кои им е потребна помош, досега е повикан 16 пати годинава – колку што изнесуваше бројот на повици во целата измината 2024 година.
Шпанија побара помош од програмата за првпат во средата, што резултираше со испраќање два авиона стационирани во Франција и во Шпанија. Бугарија, Албанија, Црна Гора и Грција исто така побараа поддршка оваа недела. Шведска, Романија и Словачка се меѓу другите земји што одговорија со хеликоптери и пожарникари. Портпарол на Европската комисија изјави дека работи без престан за да им помогне на погодените земји.
Многу поголеми европски земји веќе ги проширија своите капацитети за гаснење пожари како одговор на зголемувањето на ризиците, како последица на глобалното затоплување, но ширењето на најновите пожари ги прошири и нивните капацитети. А надлежните предупредија на „екстремен ризик“ од пожари низ неколку земји во текот на следната недела. Заканата низ поголемиот дел од Иберискиот Полуостров, јужна Франција, Словенија, Унгарија, Грција, Романија, Бугарија и остатокот од Балканот е „особено сериозна“, соопштија агенциите.
Европа се соочи со неколку топлотни брана во текот на летните месеци, кои предизвикаа суши и пожари, како и огромен товар врз нејзиниот енергетски систем. Акшај Деорас, истражувач научник во Националниот центар за атмосферска наука и Одделот за метеорологија на Универзитетот во Ридинг, рече дека топлотните бранови ги сушат почвата и вегетацијата, „претворајќи ги пејзажите во жаришта“.
– Топлотните бранови стануваат поинтензивни и почести поради климатските промени, што значи дека климатските промени директно ги поттикнуваат пожарите. Она што го гледаме низ цела Европа во моментов е јасен пример за тоа како продолжените топли и суви услови ги прават пожарите пожестоки и потешки за контрола – истакна Деорас.
Податоците од Европскиот информативен систем за шумски пожари неделава покажаа дека повеќе од двојно поголема површина низ Европа е изгорена од пожари оваа година, или околу 410 илјади хектари во однос на помалку од 189-те илјади хектари минатата година.

Околу 1.600 поединечни пожари се откриени на континентот досега годинава, во споредба со околу 1.090 за истиот период минатата година. Пожарникарите во Шпанија се справуваат со 14 големи пожари, кои се активни во 10 региони, вклучувајќи ги Кастилја и Леон, Галиција и Мадрид, според министерот за правда Феликс Болањос.
– Климатските промени ги прават екстремните температури очигледен ризик за пожарите во нашата земја, кои стануваат сè поразорни и тешки за борба – рече тој.
Три лица загинаа, вклучувајќи двајца пожарникари волонтери во Кастилја и Леон. Другата жртва во Шпанија почина откако избувна пожар во периферијата на Мадрид. Железничката линија Мадрид-Галиција беше постојано во прекин неделава, а штети претрпе Лас Медулас, природен парк и античка римска рударска област во регионот што УНЕСКО го прогласи за светско наследство во 1997 година.
– Ситуацијата со шумските пожари останува сериозна. Екстремната претпазливост е од суштинско значење – напиша шпанскиот премиер Педро Санчез на социјалните мрежи.
Амбасадата на САД во Црна Гора во вторникот предупреди дека шумскиот пожар во близината на главниот град Подгорица би можел да се прошири поблиску до главниот град. Интензивни шумски пожари влијаат и на други делови од северната хемисфера, како што е Канада, каде што официјалните лица велат дека повеќе од 470 пожари се класифицирани како „надвор од контрола“. Илјадници луѓе беа евакуирани и во Калифорнија во текот на изминатата недела.
Минатиот месец беше третиот најтопол јули во историјата на глобално ниво, надминат само од 2023 и 2024 година. Европскиот континент се затоплува побрзо од глобалниот просек.