Фото: Принтскрин
  • Како наследник избран од Ворен Бафет, Грег Абел се соочува со неколку предизвици додека го презема кормилото врз инвестицискиот гигант. Прво, тој не е Ворен Бафет, кој стана познат како лидер на една од најпочитуваните компании во Америка. Акционерите не знаат дали Абел може да ја наследи способноста за избор на акции на својот претходник, кој го доби прекарот пророкот од Омаха

Дојде времето на Грег Абел, а инвеститорите се соочуваат со прашање од 358 милијарди долари: Што ќе прави новиот извршен директор на „Беркшир Хатавеј“ со сите тие пари? Како наследник избран од Ворен Бафет, Абел се соочува со неколку предизвици додека го презема кормилото врз инвестицискиот гигант. Прво, тој не е Ворен Бафет, кој стана познат како лидер на една од најпочитуваните компании во Америка. Акционерите не знаат дали Абел може да ја наследи способноста за избор на акции на својот претходник, кој го доби прекарот пророкот од Омаха
Најитното прашање е како да се распореди рекордната готовинска маса на „Беркшир Хатавеј“. Компанијата е нето-продавач на акции веќе 12 квартали по ред. Блиските набљудувачи го гледаат тоа како знак дека цените станале премногу високи за Бафет да поверува дека инвестицијата ќе доведе до вредни долгорочни приноси
Скокот од 16 отсто на индексот „СиП 500“ во 2025 година остави многу делови од пазарот да изгледаат скапи за ловец на зделки како „Беркшир Хатавеј“. Компанијата, која историски вршеше големи откупи на акции, исто така се воздржа од откуп на сопствени акции пет последователни квартали
Резултантното натрупување на готовина е проблем – иако можеби „добар“, во однос на преостанатите проблеми што го остава Абел и со мени на опции и со контрола од акционерите. Абел одамна ја заработи довербата на Бафет. Како потпретседател, 63-годишникот ги водеше сите компании што ги поседува „Беркшир Хатавеј“ надвор од осигурителниот сектор од 2018 година
– Грег ги надмина моите очекувања во секој поглед – и се надевам дека ќе добие 20-годишен мандат или повеќе – рече 95-годишниот Бафет во неодамнешна изјава за „Волстрит џурнал“.
На годишниот состанок во 2025 година во мај, Абел рече дека готовината е „огромна актива“ што му дава на „Беркшир Хатавеј“ своевидна заштита доколку се случи пад на пазарот. Секој потег на компанијата е внимателно следен. Во текот на 60 години, Бафет го изгради „Беркшир“ во не само една од најлегендарните американски компании туку и во една од најголемите. Пазарната вредност на „Беркшир“ надмина еден билион долари во 2024 година, една од само двете нетехнолошки компании во САД што ја достигнаа таа пресвртница
Некогаш главно средство за инвестиции на Бафет, раскошниот конгломерат сега вработува околу 400.000 луѓе во низа бизниси. „Беркшир Хатавеј“ поседува толку многу бизниси во голем број сектори што понекогаш се смета за показател за американската економија
– Грег ќе остави свој белег во „Беркшир“. Ќе биде забавно да се види што ќе прави – рече Крис Блумстран, претседател на „Семпер Аугустус“, која поседува акции на „Беркшир“ околу 25 години
Абел е роден во Канадските Прерии. Тој во младоста играл хокеј и е помошник-тренер во хокеарскиот тим на неговиот син. Абел ги припишува тимските спортови на обликувањето на неговите лидерски вештини
– Ако требаше да бидам запаметен според нешто во моментов, очигледно би сакал да бидам запаметен како одличен татко, но еднакво и како тренер – рече Абел на годишниот состанок
Абел се приклучи на „Беркшир“ пред повеќе од две децении кога компанијата купи 75 отсто од акциите на „Мидамерикан енерџи“ со седиште во Де Мојн, каде што беше претседател. По аквизицијата, тој ја прошири компанијата, преименувана во „Беркшир Хатавеј енерџи“, во еден од најголемите доставувачи на енергија во централниот и западниот дел на САД, делумно преку аквизиции и инвестиции. Во 2018 година, тој беше задолжен за сите неосигурителни бизниси на „Беркшир“, почнувајќи од слатки до обувки и градежни материјали.
Абел се појавува во центарот на вниманието на возраст кога многу Американци размислуваат за пензионирање. Тој има задача да ги следи стапките на еден истакнат лидер слично како кога Тим Кук го презеде „Епл“ во 2011 година по смртта на Стив Џобс, а Џеф Безос му ги предаде уздите на „Амазон“ на Енди Џаси во 2021 година.
Во „Беркшир“, тоа е предавање на кормилото што трае со години. Името на Абел долго време се појавуваше во годишните писма на Бафет до акционерите, што се смета за суштинско четиво меѓу оние што избираат акции – дури и оние што не поседуваат акции на „Беркшир“. Чарли Мангер, долгогодишен бизнис-партнер на Бафет, дозволи планот за наследување да се изостави на годишниот состанок во 2021 година. Како иден извршен директор, Абел му се придружи на Бафет на годишните состаноци на „Беркшир“

– Ние ќе останеме „Беркшир“. Начинот на кој Ворен и тимот го распределувале капиталот во изминатите 60 години нема да се промени – рече Абел на минатогодишниот состанок
Бафет долго време се гордееше со одржувањето силен биланс на состојба со многу заштедени пари за црни денови. За време на финансиската криза, тој ја искористи финансиската сила на „Беркшир“ за да им фрли спасувачки појаси на компании, вклучувајќи ги „Голдман Сакс“ и „Џенерал електрик“. Тој чекаше други големи можности. На годишниот состанок во 2017 година, Бафет рече: „Нема шанси да се вратам тука за три години и да ви кажам дека имаме околу 150 милијарди долари во готово или повеќе, и мислиме дека правиме нешто брилијантно со тоа“. Купиштето готовина продолжи да расте. Готовината и еквивалентите на „Беркшир“ се зголемија на 358 милијарди долари до крајот на септември, откако беше земена предвид обврската за купување краткорочен државен долг
Ризикот од држење толку големо количество готовина значи дека приносот што „Беркшир“ може да го добие од таквите средства може да се намали бидејќи Федералните резерви ги намалуваат каматните стапки, предупредуваат одредени аналитичари. Од друга страна, велат тие, готовината е заштитен оклоп за билансот на состојба на „Беркшир“.
Бафет изјави дека тој и неговите заменици бараат акции доволно евтини за да инвестираат во нив. Некои инвеститори велат дека не очекуваат Абел да направи големи инвестиции сè додека голем пад на пазарот или рецесија не ги спуштАТ акциите од историски скапите нивоа.
Други шпекулираат дека „Беркшир“ би можел да ги искористи своите пари за да исплати дивиденда, нешто на што Бафет се спротивстави, делумно поради даночните последици за акционерите. Компанијата го стори тоа само во една пригода, дивиденда од 10 центи по акција во 1967 година
Малку е познато за сопствениот инвестициски учинок на Абел. Тој рече дека го дели инвестициското мото на Бафет, вклучително и давањето приоритет на биланс на состојба како тврдина. Со години, се очекуваше Тод Комбс, поранешен извршен директор на „Гајко“, и Тед Вешлер, инвестициски менаџер на „Беркшир“, да ги преземат должностите за избор на акции откако Бафет ќе се повлече. Но во декември, „Беркшир“ објави дека Комбс поднел оставка за да раководи со група за стратешки инвестиции вредна 10 милијарди долари во „Џеј Пи Морган Чејс“
Постои индикација за тоа што би можело да се случи: Бафет рече на состанокот на акционерите на „Беркшир“ во 2024 година, дека верува оти Абел треба сам да ги носи одлуките за распределба на капиталот.
– Тој ги разбира бизнисите исклучително добро. Ако ги разбирате бизнисите, ги разбирате и обичните акции – истакна Бафет
„Беркшир“ веќе изјави дека Абел ќе ја преземе функцијата од Бафет за пишување на годишните писма на компанијата до акционерите. А во мај, кога инвеститорите на „Беркшир“ ќе се соберат во Омаха за нивниот годишен состанок, Абел ќе излезе на сцената за да одговара на прашања, додека Бафет, кој ќе остане претседател, ќе седи во близина со другите членови на одборот. Акционерите на „Беркшир“ велат дека не очекуваат.

Абел да се обиде да биде следниот Бафет, нагласувајќи дека тоа не е пресудно. Бафет е познат менаџер кој не се меша во работата, градејќи го „Беркшир“ како децентрализирана компанија со неколку врвни директори и во голема мера автономни подружници. Бафет рече дека намерно купува компании кои се толку самоодржливи, така што можат да напредуваат без оглед на тоа кој е на чело на „Беркшир“.
Абел презема поинаков „Беркшир“ од Бафет. Сегашната големина на компанијата значи дека „Беркшир“ мора да биде уште попретпазлив при носење инвестициски одлуки отколку што беше случај во минатото, рече Бафет. „Беркшир“ е исто така доволно голема компанија за нејзиниот иден раст да биде бавен, според Бафет
Абел во голема мера се држеше подалеку од центарот на вниманието, за разлика од Бафет, кој го позајми својот имиџ на реклами за брендови како што е „Гајко“ и се појави во телевизиската серија „Канцеларијата“ и сапуницата „Сите мои деца“. Акционерите велат дека не го гледаат Абел како пишува колумни или се појавува во телевизиски серии. Ниту пак очекуваат тој да дејствува како авторитативен глас на смиреност на „Волстрит“
– Тоа не значи дека Абел нема да биде добар управител за акционерите на „Беркшир“ – рече Дарен Полок, менаџер за портфолио во „Шевиот велју менаџмент“ и акционер на Беркшир
Згора, Бафет сè уште ќе биде во близина, во канцеларијата во Омаха.