Фото: ЕПА

На остатокот од светот му е сè потешко да остане во чекор со кинеската автомобилска индустрија

Автомобилскиот гигант БИД (BYD) веќе им одржа лекција на други реномирани производители, најдобро претставувајќи ги своите можности преку електричниот автомобил „јангванг У9“ (Yangwang U9), во кој ја вгради најнапредната технологија.
БИД штотуку го претстави „божјото око“ – систем за помош при возење што вклучува високоинтелигентна технологија, вклучувајќи систем за автономно возење.
Сепак, тоа не е сѐ. Вистинскиот шок за остатокот од индустријата е што овој систем ќе биде достапен на сите модели на БИД, вклучувајќи го и суперекономичниот електричен модел „сигал“ (SeaGull), кој чини помалку од 10.000 евра.
Кинезите замислија три варијанти на системот со најмногу три сензори „лидар“ (LiDAR), при што основниот систем веќе доаѓа со три камери. Нивото Ц на системот овозможува 12 камери, пет радари и 12 ултразвучни сензори, кои надгледуваат до 300 метри пред возилото, додека импресивната прецизност на позиционирањето изнесува еден сантиметар, односно два сантиметри при паркирање.
Доволно е да се каже дека дури и поедноставните верзии А и Б можат самостојно да го управуваат возилото низ градска средина, користејќи навигација. Тоа е ниво на автономија што дури и најнапредниот систем АДАС на Западот, вклучувајќи го и пилотот за возење на ниво 3 на „Мерцедес“, сè уште не го нуди.
Покрај тоа, „божјото око“ е поврзано со системот за вештачка интелигенција Дипсик (DeepSeek), што дополнително ги подобрува неговите автономни способности.
Претседателот на БИД, Ванг Чуанфу, за време на презентацијата на системот нагласи дека компанијата ја има најголемата база на податоци за автомобили во Кина. Тој тврди дека компанијата моментално вработува 110.000 инженери, од кои 5.000 се специјализирани за истражување и развој на интелигентно возење. За време на тестирањето минатата година, системот АДАС на БИД поминуваше неверојатни 72 милиони километри дневно, пишува „Кар њуз Чајна“.

Тие планираат да го вклучат и Дипсик

„Тесла“ е главниот конкурент на БИД и веќе нуди целосно автономно возење во САД за месечна претплата од 99 долари или еднократна исплата од 8.000 долари.
Сепак, „Тесла“ во моментов чека одобрување од регулаторите за да тестира автономно возење на кинескиот пазар. Аналитичарите веруваат дека американската компанија можеби ќе треба да ја преиспита својата стратегија за претплата, со оглед на сè побрзиот развој на БИД.
Дополнително, БИД ги објави плановите за интегрирање на Дипсик, модел на вештачка интелигенција од кинески стартап, кој привлече внимание во јануари со својот четбот.
Овој потег врши притисок не само врз „Тесла“ туку и врз другите кинески конкуренти, како што се „Експенг“ (Xpeng) и „Џили“ (Geely Auto).
Аналитичарите веруваат дека овој потег може дополнително да ја засили ценовната војна на најголемиот светски пазар на автомобили. По објавувањето, акциите на БИД пораснаа за повеќе од четири отсто на берзата во Хонгконг.