- Обвиненијата за нелегално обложување со инсајдерски информации во најсилната светска кошаркарска лига се покажуваат како тешки за докажување
Националната кошаркарска асоцијација (НБА) сега се идентификува со сомнителна екипа ликови познати благодарение на големите напори на директорот на ФБИ, Кеш Пател, да создаде звучна приказна.
– Сегашни и поранешни играчи на Националната кошаркарска асоцијација и уште четири лица обвинети за широко распространето спортско обложување и заговор за перење пари – извика прес-службата на Пател минатата недела.
На подиум опкружен со обвинители додека објавуваше апсења поврзани со обвиненијата, Пател рече: „Измамата е зачудувачка“. Но, прочитајте ги обвиненијата, кои раскажуваат поинаква, многу „потенка“ приказна и можеби ќе почнете да се сомневате дека „првиот полицаец“ во земјата изведе мал трик.
Пател ги доби своите наслови. Насловниот текст во „Њујорк тајмс“ започна со НБА, опишувајќи ги апсењата за „шеми за коцкање“, како што направи и „Вашингтон пост“, кој објави дека „фигури“ од НБА се уапсени во истрагата за „шема за наместена партија покер, водена од мафијата“. Но поднесените обвиненија се изненадувачки поради нивната штурост во споредба со оние опишани во фалењето на Пател. Меѓу повеќе од 30 лица обвинети од федералните обвинители за прекршоци поврзани со нелегално коцкање, само тројца се поврзани со НБА, а повеќето докази немаат никаква врска со кошаркарските натпревари. Најзначајното апсење беше на Чонси Билапс, главниот тренер на Портланд трејблејзерс, кој не е директно обвинет за злоупотреби поврзани со кошарката, туку за измама со банкарски трансфер и перење пари, наводно дејствувајќи како славен лидер во измамничко покер-натпреварување во Лас Вегас во 2019 година. Она што Пател и обвинителите не го кажаа е дека Билапс тогаш дури и не работел во НБА-лигата или во некој од нејзините тимови.
Коцкањето со инсајдерски информации во спортот е легитимна криза за НБА и не треба да се минимизира. Друг обвинет од НБА е бекот на Мајами Хит, Тери Розиер, за вмешаност во шема за обложување во која наводно лажирал повреда на стапалото за да не игра доволно добро. Дури и тој наводен прекршок е донекаде стара вест: Лигата го истражуваше Розиер во 2023 година откако ненадејниот наплив на обложувања поврзани со неговиот ефект на кошаркарските мечеви го вклучи алармот, но го ослободи од обвинението кога лекарите рекоа дека тој навистина имал воспаление на стапалото. Розиер ги пропушти последните неколку натпревари од таа сезона поради гласини за суспензија, но НБА-лигата во соопштението изјави дека неговото отсуство нема никаква врска со сомневањата за коцкање и е резултат на легитимната повреда: „Секое тврдење дека НБА имала каква било врска со тоа што Тери Розиер не играл натпревари по неговото заминување од играта на 23 март 2023 година е категорично лажно. Според лекарите на тимот, Розиер имал вистинска повреда на стапалото потврдена со магнетна резонанца“.
Розиер е под федерална истрага оттогаш, а НБА-лигата соработува со надлежните служби (ги Билапс и Розиер на „итно отсуство“ по неодамнешните обвиненија против нив).
Трет обвинет во НБА е 49-годишниот поранешен играч и тренер Дејмон Џонс, за кој се тврди дека споделувал внатрешни информации од тимовите со обложувачи за да заработи од облози. Џонс не е формално поврзан со НБА-лигата од 2018 година, но е поранешен соиграч и тренер на ѕвездата на Лос Анџелес Лејкерс, Леброн Џејмс. Тие играа заедно со Кливленд кавалирс и се вели дека и натаму се блиски.
Другите обвинети се чини дека немаат никаква врска со НБА-лигата. Тие се ниско рангирани играчи и неколку наводни посредници од мафијашко семејство обвинети за водење наместена покер-партија за која обвинителите велат дека измамила најмалку седум милиони долари од учесниците. Тоа тешко се смета за „апсење на векот“ во сферата на организираниот криминал. Студија на Американското здружение за игри процени дека оваа година, нелегалните и нерегулираните облози ќе изнесуваат повеќе од 673 милијарди долари. Од тоа, спортското обложување ќе учествува со околу 84 милијарди долари.
– Ајде да не зборуваме за клевети. Ова е сага за инсајдерско тргување со информации во НБА-лигата – рече Пател.
Но таму каде што Пател и обвинителите „ветуваат лав, излегува глушец“. Содржината на обвиненијата што ги вклучуваат бројките од НБА е изненадувачки мала: Билапс се споменува само неколкупати, се тврди дека служел како познат покер-играч што привлекувал таканаречени цели на покер-партија опремена со високотехнолошки уреди, како што се рендгенски читачи на карти, за да ги насочува добитните карти. Во писмото за притвор на Министерството за правда се цитираат сугестивни пораки што наводно биле испратени помеѓу обвинетите организатори и учесници, вклучувајќи една во која се споменува Билапс по име.
Адвокатот на Билапс, Крис Хејвуд, ги негираше обвиненијата во соопштение, нарекувајќи го својот клиент, кој е петкратен олстар што освои НБА-шампионат со Детроит пистонс во 2004 година, „човек со интегритет“. Тој продолжи: „Да се верува дека Чонси Билапс го направил она за што го обвинува федералната влада, е како да се верува дека тој би ги ризикувал своето наследство од Куќата на славните, својот углед и својата слобода. Тој не би ги загрозил тие работи за ништо, а камоли за игра со карти“.
Адвокатот на Розиер, Џим Трасти, исто така издаде соопштение: „Одамна им се обративме на овие обвинители за да им кажеме дека треба да имаме отворена линија на комуникација. Тие го окарактеризираа Тери како субјект, а не како цел“. Тој додаде: „Тери беше ослободен од НБА и овие обвинители го обновија тој необвинувачки случај. Тери не е коцкар, но не се плаши од борба и се радува на победата во оваа борба“.
Во обвинението против Розиер се тврди дека на 23 март 2023 година, кога тој играл за Шарлот хорнетс, му рекол на друг обвинет дека ќе излезе порано од игра на натпревар против Њу Орлеанс пеликанс, дозволувајќи им на обложувачите да заработат од облози за тоа дали тој ќе исполни одредени статистички прагови во поени, скокови и други статистички категории. Слично на тоа, Џонс е обвинет за тргување со своите пријателства за информации за да ги предупреди обложувачите. Според обвинението, Џонс бил свесен дека „Играчот 3“, јасно идентификуван како Леброн Џејмс, имал повреден глужд на 9 февруари 2023 година и дека веројатно нема да игра против Милвоки бакс; Се тврди дека Џонс напишал во СМС: „Обложете се на Милвоки вечерва пред да бидат објавени информациите за повредите!“
Некои коментатори веруваат дека НБА ја предвиде ваквата ситуација. Откако Врховниот суд ја укина федералната забрана за спортско обложување во 2018 година, лигата се заплетка во односи со компании за спортско обложување, вклучувајќи ги и нејзините официјални партнери „Драфт кингс“, „Фандуел“ и „БетМГМ“. Дури дозволува и спортски обложувачници во некои арени. Но тешко дека е единствената лига со овие партнерства или овие проблеми и не заслужува посебна дамка за корупција. И американскиот фудбал и тенисот имаа скандали со местење натпревари. Националната лига во американски фудбал (НФЛ) и МЛБ-лигата во бејзбол имаат значајни партнерства со спортски обложувачници, а нивни играчи отслужија суспензии за обложување.
Вистинскиот проблем на НБА е долгорочен и аморфен: Огромното влијание на одличен играч во спорт што истовремено става петмина кошаркари на паркетот, значи дека манипулацијата со перформансите е полесна отколку во некои други спортови. Таа реалност, во комбинација со апликации што нудат сè поголема удобност и можности за обложување во реално време, поканува корупција. Но овој пејзаж може да го криминализира и невиното однесување.
Секој коцкар бара внатрешни информации и не сите од нив би биле федерален криминал за кој може да се дејствува. Дали некој има клаузула за навремен бонус што ќе стапи во сила ако се достигне одреден праг? Кој се чувствува повреден? Што претставува внатрешна информација е особено проблематично прашање во професионалните лиги со бесконечност на помошни-тренери, приватни физиотерапевти и други „носачи на пешкири“, кои лесно можат невино да озборуваат за истегнат прст.
Потоа многумина НБА-играчи пропушаат мечеви по своја волја или имаат ограничена минутажа за да се справат со физичкиот товар од сезона од 82 натпревари, со постојаните претрпени удари и екстремни оптоварувања. Одморот не претставува намерно попуштање, туку е здраворазумска мерка во обид да се зачуваат физичките ресурси на луѓето што имаат само одреден број сезони на високо ниво во кариерата.
За Билапс, еден од најсериозните елементи во обвинителните документи е нешто за кое всушност тој не бил обвинет: Обвинителите сугерираат дека како главен тренер, тој можеби понудил внатрешни информации дека имал намера да одмора некои од неговите вообичаени стартери за натпревар против Чикаго булс на 24 март 2023 година. Тука се кријат вистинските проблеми за НБА-лигата, во сивата зона на тоа што претставуваат акциони внатрешни информации за обложувачите и колку брзо во денешно време можат да се обложат.
Според обвинението, Билапс му спомнал на друг обвинет, Ерик Ернест, дека ќе ги одмора своите вообичаени стартери против Булс затоа што трејлблејзерс „кренале раце“ од сезоната и тимот се надевал дека ќе ги зголеми шансите да добие подобар избор на драфтот (изгледите се поголеми пропорционално со бројот на порази во сезоната – н.з.). Ернест, се наведува во обвинението, потоа ги споделил информациите со друг обложувач, кој, пак, ги споделил со други, што резултирало со повеќекратни облози на натпреварот, во вредност од околу 100 илјади долари. Блејзерс го загубија тој меч со 96-124. Можете да го протолкувате тоа сценарио како намерно попуштање и дојава за обложување. Но во обвинението не се тврди дека Билапс играл каква било улога во обложувањата или профитирал од нив.
На спортистите ќе им биде уште потешко да ја бранат својата невиност како што технологијата за коцкање се шири. Обложувањето во живо сега значи дека секоја секунда и ситница од мечевите може да претставува можност за обложување – и потенцијално сомнителен мотив. Поголемиот дел од НБА-играчите изразија незадоволство од оваа состојба и воопшто со поврзаноста со спортските обложувачници. НБА неправедно се издвојува како лош пример, а нејзиниот одговор всушност треба да претставува пример за пофалба.


































