На анкетите во Чешка сѐ подобро стои поранешниот премиер Андреј Бабиш, кој ја сврте партијата надесно и се смета дека е уште една „тула“ во блокот про-Путин заедно со Орбан и со Фицо, односно Словачка и Унгарија, но тука е и Австрија
ОД ЖЕСТОК ПРOТИВНИК ДО СОЈУЗНИК
Како што пренесува „Политико“, Андреј Бабиш, поранешниот чешки премиер од 2017 до 2021 година, стои сѐ подобро во анкетите. Тој ја сврте својата партија надесно повторувајќи ја реториката на своите колеги Виктор Орбан во Унгарија и Роберт Фицо во Словачка.
Победата на Трамп ќе обезбеди мир
Исто како Орбан, Бабиш вели дека немаше да има војна доколку Доналд Трамп беше претседател на САД. Тој смета дека победата на Трамп ќе обезбеди мир. Како и Фицо, тој претходно изрази определба за намалување на поддршката за Украина додека таа се спротивставува на Русија.
Во јуни, неговата Акција на незадоволни граѓани (АНО) се приклучи на новата, антиимигрантска, политичка група Патриоти за Европа, која дејствува во рамките на Европскиот парламент, која ја активира унгарскиот премиер Виктор Орбан. Во оваа групација е и крајно десничарската Австриска народна партија, која неодамна победи на изборите во таа централноевропска земја.
Шефот на чешката дипломатија, Јан Липавски, за „Политико“ критички зборува за партијата на Бабиш.
– Движењето АНО е само марионета на Орбан. Тие очигледно најдоа пријатели меѓу проруските националисти и ксенофоби во Европскиот парламент – рече Липавски.
Но поранешниот премиер постигна убедлива победа во 10 од 13 региони на регионалните избори во септември. Сегашната влада на премиерот Петр Фиала, проукраински конзервативец, има рекордно низок рејтинг од 24 отсто, што е најлошо ниво на поддршка од која било чешка влада од 2013 година.
По изборите во 2017 година, Бабиш формираше влада со социјалдемократите. Во меѓувреме, тој ја прифати реториката на крајната десница, од обвинување на ЕУ за високите цени на енергијата до прегледот на воената помош за Украина или бунтот против недокументираната миграција. Затоа клучното прашање е со кого би коалицирал по изборите следната година.
– Коалицијата меѓу Бабиш и чешките крајно десничарски партии ќе му овозможи да го спроведе она што го смета за соодветно во надворешната и европската политика – рече Петр Каниок, директор на Меѓународниот институт за политички науки на Универзитетот „Масарик“ во Брно.
Во основа, постои можност во оваа членка на НАТО на чело да дојде човек што изјавил дека се надева оти Украина никогаш нема да стане членка на НАТО.
Европратениците на Бабиш веќе се воздржаа од гласање за необврзувачка резолуција со која се бара од земјите членки да ја одобрат употребата на ракети со долг дострел од Киев против цели на руска територија, но и од гласањето за резолуцијата од јули, која се однесуваше на потребата да се продолжи со поддршката на Украина.
Така, на Чешка ѝ се заканува голем пресврт. Да потсетиме дека уште во март Чесите ја спасија Украина од катастрофа кога чешкиот министер за одбрана Јан Јиреш шокираше со изјавата дека неговата влада пронашла 800.000 парчиња артилерија „во земји надвор од Западот“.
Какви промени може да се случат во Европа?
Колку ќе се промени Европа ако Бабиш стане премиер на Чешка? Надворешнополитичкиот аналитичар Божо Ковачевиќ вели дека опциите како онаа на Бабиш се сѐ посилни во речиси сите европски земји, но и дека резултатот од зајакнувањето не мора да биде пресврт на политиката.
– Тоа значи дека струјата што ќе биде поподготвена да преговара со Путин во околности што се неповолни за Украина е сѐ посилна. Во Европа оваа подготвеност станува сѐ поголема бидејќи сѐ поочигледни се последиците од изолацијата на Европа од Русија, што на пример се чувствува во Германија и нејзината автомобилска индустрија поради непристапноста на евтините руски извори на енергија.
Ако војната трае, има промена на власта во Америка и уште повеќе трошоци за одбрана паѓаат на грбот на Европа, исто така е можно овие мејнстрим-партии од корпусот на ЕПП да бидат повеќе склони да најдат решение – рече тој.
Унгарија и Словачка се столбови на прорускиот блок
Унгарија и Словачка се сметаат за столбови на прорускиот блок. Орбан долго време негува поблиски односи со Русија отколку со другите земји од ЕУ. Тој исто така рече дека е горд на своите контакти со Путин. Фицо на руската државна телевизија изјави дека би сакал да биде на следниот Ден на победата во Москва. Иако Александар Вучиќ се обидува да одржи рамнотежа меѓу ЕУ и Русија, Србија е исто така перципирана како проруска земја, пред сѐ поради нејзиното одбивање да воведе санкции кон Русија и покрај притисокот од Западот.
Австрија, исто така, ќе треба да се приклучи на ова општество доколку лидерот на крајно десничарската Партија на слободата, Херберт Кикл, стане канцелар. Кикл во неколку наврати го изразуваше своето противење за давање помош за Украина, а граѓаните му положија доверба на неодамнешните избори.
Ковачевиќ: Партијата АФД не е создадена од Путин
Зајакнувањето на овие партии може да биде опасно за европската демократија и состојбата на човековите права. Овие партии, според мене, се про-Путин поради опортунизам, а не затоа што би биле подготвени да го следат Владимир Путин како модел. Има нешто што ги обединува и ги доближува до Путин – врвниот конзервативизам, ексклузивност кон странците и религиозниот фундаментализам.
Но Путин не ја создаде АФД, Партијата на слободата во Австрија или Вилдерс во Холандија. Тие беа произведени од мејнстрим-партии што ги игнорираа интересите на сѐ поголем број луѓе. Клучот е незадоволството на луѓето од ефектите на либералната демократија, овие лидери ги мобилизираа на бранот антиимигрантски политики и популизам. Сето ова е опасност за европската демократија, но не мислам дека изворот на опасноста е Русија, туку незадоволството на граѓаните, рече Ковачевиќ.
Не би ги нарекол ни про-Путин, но тие се грижат за одбрана на интересите на нивните земји, иако во одредени сегменти зборуваат идентично со Путин. Еден начин да се ублажи кризата во Европа би бил интензивирање на дискусиите за отворените прашања во односите на земјите од ЕУ и да се обидеме да ги решиме овие проблеми, што подразбира почитување на овие централноевропски земји, кои во моментов се губитници поради недостапноста на евтини извори на енергија, заклучува Ковачевиќ.