Фото: ЕПА

Генералниот секретар на НАТО бара поголеми вложувања во воената индустрија

  • Дајте им на нашите индустрии големи нарачки и долгорочни договори што им се потребни за брзо производство на повеќе и подобри способности, упати повик до членките на НАТО генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте. Тој исто така имаше порака до производителите на оружје: „Осмелете се да иновирате и да ризикувате! Ставете ги во функција дополнителните смени и новите производствени линии“. Целта на апелот е повторно да се вооружат земјите што дозволија нивните војски да атрофираат по крајот на Студената војна
  • Има растечки консензус меѓу сојузниците во НАТО дека сегашната цел од два отсто не е доволна за спроведување на регионалните планови и исполнување на целите за капацитетот на НАТО, кои се очекува да бидат ажурирани со повеќе барања следната година

Земјите на НАТО треба да се вратат на одбранбените буџети од времето на Студената војна за да ја одвратат Русија, изјави во четвртокот генералниот секретар Марк Руте. Говорејќи на својот прв јавен настап во Брисел откако стана шеф на Алијансата, Руте беше јасен за потребата од зголемување на воените буџети по извештаите дека НАТО ќе постави нова цел на трошоците од три отсто од БДП до 2030 година. Тековното ветување на Алијансата – кое го исполнуваат сите членки, освен осум, е да се потрошат најмалку два отсто од БДП за одбрана.
– Време е да се префрлиме на размислување како за време на војна. И да ги ставиме во турбопогон нашето одбранбено производство и трошоците за одбрана – рече Руте.
Парите се потребни за заживување на „издлабената“ одбранбена индустрија, која треба да го зголеми производството.
– Вистина е дека сега трошиме повеќе на одбрана отколку пред една деценија. Но ние сè уште трошиме многу помалку отколку за време на Студената војна. Иако заканите за нашата слобода и безбедност се исто толку големи – ако не и поголеми. За време на Студената војна, Европејците трошеа многу повеќе од 3 отсто од својот БДП за одбрана – рече Руте.
Во раните 1980-ти, пред распадот на Советскиот Сојуз, европските членки на НАТО трошеа во просек околу 3,8 отсто од БДП за одбрана.

ТРОШОЦИТЕ ЗА ОДБРАНАТА ЌЕ БИДАТ СТОТИЦИ МИЛИЈАРДИ ЕВРА

За време на сесијата за прашања и одговори по неговиот говор, Руте одби да се посвети на конкретна нова цел на трошоците за одбраната, само велејќи дека се потребни „значително повеќе вложувања од двата процента“.
– Зголемените трошоци за одбрана на Русија покажуваат дека Кремљ се подготвува за долгорочен конфликт – рече Руте, цитирајќи бројки според кои воените трошоци на Москва изнесуваат повеќе од една третина од државниот буџет, или над шест отсто од БДП.
Има растечки консензус меѓу сојузниците во НАТО дека сегашната цел од два отсто не е доволна за спроведување на регионалните планови и исполнување на целите за капацитетот на НАТО, кои се очекува да бидат ажурирани со повеќе барања следната година.
Европската комисија проценува дека трошоците за одбрана на ЕУ во следната деценија треба да се зголемат за 500 милијарди евра.
Комесарот за одбрана на ЕУ, Андриус ​​Кубилиус, изјави за „Политико“, претходно овој месец, дека околу 100 милијарди евра треба да бидат наменети за одбрана во следниот долгорочен буџет на ЕУ – за 10 милијарди евра повеќе отколку во тековниот буџет. Тој, исто така, рече дека воените трошоци треба да бидат исклучени од ограничувањата на ЕУ за националните долгови и дефицити.

ОД КАДЕ ЌЕ ДОЈДАТ ПАРИТЕ?

Финансирањето на одбраната ќе биде главен приоритет на претстојното полско претседавање со Советот на ЕУ. Полскиот министер за финансии Анджеј Јан Домањски неделава рече дека две опции се на маса за заедничко финансирање на ЕУ. Прво, земјите од ЕУ би можеле да издаваат заеднички долг, иако за тоа би била потребна едногласна одлука, која е тешко достапна. Втората опција би била создавање инструмент за специјална намена што земјите би можеле да го поддржат на доброволна основа.
– Сепак, штедливите земји како Германија се скептични на таквите идеи, а ЕУ веројатно нема да даде храбри предлози пред германските избори во февруари -рече тој.
Друг начин за добивање готовина е свртување кон приватниот сектор. Руте е за охрабрување на банките и пензиските фондови да инвестираат во одбранбени фирми, како и воведување правила за воени зделки за да се олесни завршувањето на договорите.
– Прифаќањето на ризикот бара од вас, владите, да ги промените застарените правила за набавки – рече Руте.
Тој ја спомена и потребата да се отфрлат „деталните барања“.
– Дајте им на нашите индустрии големи нарачки и долгорочни договори што им се потребни за брзо производство на повеќе и подобри способности – ги повика тој членките.
Поранешниот холандски премиер исто така имаше порака до производителите на оружје: „Осмелете се да иновирате и да ризикувате! Ставете ги во функција дополнителните смени и новите производствени линии!“
Целта е повторно да се вооружат земјите што дозволија нивните војски да атрофираат по крајот на Студената војна.
– Не сме подготвени за она што ни доаѓа за четири-пет години – заклучи шефот на НАТО.