Надминувањето на воените трошоци на цела Европа од страна на Русија е нешто ново, резултат на нејзиниот раст на одбраната и индустриските реформи, рече Фенела Мекгерти, вишa соработничка на ИИСС за одбранбена економија
Истражување
Воените трошоци на Русија се високи и ги надминуваат сите европски земји заедно и покрај нивните напори да ги зголемат буџетите и да се вооружат, се вели во најновиот извештај на Меѓународниот институт за стратегиски студии за воена рамнотежа (ИИСС) објавен во средата. Аналитичкиот центар соопшти дека руските воени трошоци минатата година биле предвидени на 13,1 трилиони рубли (145,9 милијарди долари), или 6,7 отсто од бруто-домашниот производ на земјата, односно над 40 отсто повисоки од претходната година.
Во меѓувреме, комбинираните трошоци за одбрана на Европа во 2024 година беа 457 милијарди долари, номинално за повеќе од 50 отсто повисоки отколку во 2014 година и реално 11,7 отсто повисоки од претходната година.
Но ако руското трошење се пресметува во однос на паритетот на куповната моќ, што се користи во земји како Русија каде што домашните инпути се значително поевтини отколку на светскиот пазар – воените трошоци на Кремљ би достигнале 461,6 милијарда долари, соопшти ИИСС.
Надминувањето на воените трошоци на цела Европа од страна на Русија е нешто ново, резултат на нејзиниот „извонреден“ раст на одбраната и индустриските реформи, рече Фенела Мекгерти, виша соработничка на ИИСС за одбранбена економија.Трошоците за одбрана на Русија вртоглаво се зголемија по почнувањето на војната во Украина пред речиси три години и треба да се зголемат за уште 14 отсто годинава, на 15,6 трилиони рубли.
Воените напори ѝ наметнаа огромни промени на Русија, бидејќи нејзиниот одбранбен сектор се консолидира за да го зголеми производството во клучни области, како што се муниција и артилериски системи потребни за поддршка на нејзината тактика на фронтот.
Индустриската основа на земјата сега е распространета низ пошироката економија и приватниот сектор сѐ повеќе игра поголема улога.
– Тоа е вистинска адаптација што ја забележуваме, не само во однос на трошењето – рече Мекгерти.
Сепак, гамбитот на рускиот лидер Владимир Путин во Украина претставуваше голема цена на капацитетите на руската војска од пред војната и постои загриженост за одржливоста на тековните трошоци на Русија. ИИСС процени дека 14.000 главни борбени тенкови, пешадиски борбени возила и оклопни транспортери се изгубени од почетокот на војната. Додека некои се заменети со домашно производство, земјата исто така беше принудена да користи „стари“ модели како БТР-50 АПЦ и тенкови Т-62, кои датираат уште од 1950-тите. И покрај значителните загуби, аналитичарите на ИИСС очекуваат дека Русија има ниво на трошоци и складишта за оружје за да продолжи со својата тактика во текот на остатокот од годинава. И покрај високите нивоа на трошоци, земјата сè уште има „амбициозни планови“ за големи повоени сили, рече Хенри Бојд, виш соработник за воени способности и процена на податоци.
Европа се придвижува за да ги надомести годините на ниски трошоци за одбрана по Студената војна.
Минатата година, 24 од 32-те членки на НАТО ја постигнаа целта на Алијансата за трошење од најмалку два отсто од БДП за одбрана, иако американскиот претседател Доналд Трамп сега сака тоа да достигне до пет отсто.Земјите блиски до Русија итаат за да ги зголемат капацитетите на своите армии, дури и ако тоа значи купување надвор од Европа. На пример, Полска потпиша договори во вредност од 16,9 милијарди долари со јужнокорејските производители на оружје меѓу февруари 2022 година и крајот на октомври 2024 година, кои опфаќаат сè, од мобилни хаубици до тенкови и млазни ловци.
Некои земји, предводени од Франција, сакаат европските нации да трошат повеќе дома и програмите за трошење на ЕУ да ги фаворизираат домашните индустрии. Други, вклучувајќи ги Германија, Полска и Балтикот, се заинтересирани да обезбедат силни безбедносни врски со САД во времето на Доналд Трамп и да набават опрема што им е потребна на нивните сили.
Помеѓу средината на 2022 година и средината на 2023 година, 63 отсто од сите нарачки за одбрана на ЕУ биле дадени кај американски компании и дополнителни 15 отсто кај други доставувачи што не се членки на ЕУ, според минатогодишниот извештај на Драги, кој се чини дека ќе ја направи Европа поконкурентна.
ЕУ е свесна за проблемот и врши притисок земјите членки да трошат многу повеќе за одбраната. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека минатата година блокот треба потроши дополнителни 500 милијарди евра за одбрана во следната деценија.
Брисел, исто така, воспоставува програми за зајакнување на воено-индустрискиот комплекс на ЕУ. Раниот напор е Европската програма за одбранбена индустрија вредна 1,5 милијарда евра, иако доведе до расправии меѓу земјите членки околу тоа колку би била отворена за финансирање на производителите на оружје што не се членки на ЕУ.
Додека европските земји прават повеќе за зајакнување на одбраната, постојат грижи дека тоа сѐ уште е премалку.
На исток, Русија го продолжува своето воено засилување, додека истовремено традиционалните одбранбени врски со САД се напрегнати. Тоа би можело да го остави Стариот Континент препуштен сам на себе за првпат по Втората светска војна.