Корпорацијата „Росатом“ е важен извор на приходи за Москва и еден од водечките доставувачи на нуклеарни реактори во светот. Корпорацијата е целосно под контрола на рускиот претседател, кој ги поставува стратегиските цели и ги назначува генералниот директор и членовите на нејзиниот надзорен одбор. Покрај испораката на конвенционално оружје и воените бази во регионот, Владимир Путин активно го користи „Росатом“ за да го прошири руското влијание на Блискиот Исток. „Росатом“ игра клучна улога во приближувањето и воспоставувањето поблиски врски со регионалните сили, вели Амр Салах за „Нешенел интерест“
Три месеци по почетокот на специјалната воена операција во Украина, рускиот претседател Владимир Путин се сретна со Алексеј Ликачев, генералниот директор на државната нуклеарна корпорација „Росатом“. На состанокот било разговарано за странските приходи, кои растеле на годишно ниво и на секои шест месеци. Ликачев го информирал Путин дека оваа година се очекува заработката да изнесува 1,5 илјади милијарди рубли, а исто така до крајот на годината се очекуваат да се надминат 400 милијарди рубли во корпоративни инвестиции.
Корпорацијата „Росатом“ е важен извор на приходи за Москва и еден од водечките доставувачи на нуклеарни реактори во светот. Покрај тоа, под нејзина капа се руската нуклеарна индустрија, одделот за нуклеарно оружје, флотата на мразокршачи на нуклеарен погон и нуклеарните истражувачки институции. Што е уште поважно, ја претставува способноста на Путин да воспостави и да одржува нуклеарни капацитети во повеќе земји во светот. Таа управува со повеќе од 300 фирми и организации вклучени во сите фази на производство на нуклеарно оружје и енергија. Според нејзиниот годишен извештај од 2020 година, десетгодишното портфолио за нарачки во странство на корпорацијата достигна 138,3 милијарди долари, а изградбата на атомски централи во странство изнесува 89,1 милијарди долари.
Корпорацијата е целосно под контрола на рускиот претседател, кој ги поставува стратегиските цели и ги назначува генералниот директор и членовите на нејзиниот надзорен одбор. Покрај испораката на конвенционално оружје и воените бази во регионот, Путин активно го користи „Росатом“ за да го прошири руското влијание на Блискиот Исток. „Росатом“ игра клучна улога во приближувањето и воспоставувањето поблиски врски со регионалните сили. Денес, корпорацијата има регионални седишта во Дубаи во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и планира да отвори подружница во Саудиска Арабија. Покрај западните санкции на рускиот извоз, „Росатом“ сè уште сака да го зголеми бројот на регионалните клиенти. Иако американскиот претседател Џо Бајден ја најави забраната за увоз на руска нафта, гас и јаглен во март, сепак „Росатом“ не беше никаде споменат. Исклучокот се однесува на зависноста на САД и нивните западни сојузници од рускиот ураниум, кој сочинуваше 14 отсто од американските набавки во 2021 година и 20 отсто од увозот на ураниум во Европската Унија во 2020 година. Санкционирањето на „Росатом“ би можело да ја влоши светската енергетска криза, а тој факт може да му даде привилегија и слобода да дејствува на Блискиот Исток.
Желба за енергетска независност
По Иран, плановите за нуклеарна енергија во Египет, Јордан, Саудиска Арабија, Турција и на ОАЕ откриваат амбиции за економски раст што може да биде одговор за зголемената побарувачка за струја и десалинирана вода. Овие планови се совпаѓаат со желбата на овие земји за енергетска независност, намалување на увозот, ширење на нивните енергетски извори и зголемување на извозот. Исто така, во муслиманскиот свет постои верување дека поседувањето нуклеарна технологија може да ги зголеми престижот и моќта на државата на светската сцена. По Арапската пролет во 2011 година, Русија сакаше да го наметне своето влијание во регионот. Таа ги искористи регионалните конфликти, политичкиот вакуум што произлезе од повлекувањето на САД и тензиите меѓу некои арапски влади и различните американски администрации околу Иранскиот нуклеарен договор. Приближувањето кон Русија повторно се наѕираше како можност за арапските влади да ги преиспитаат своите односи со САД.
Договори со регионалните сили од Блискиот Исток
Во 2005 година, Иран и „Росатом“ склучија договор за соработка, според кој, Русија придонесе за развој на реакторот „Бушер“. Покрај притисокот на Западот, „Росатом“ потпиша договор со Техеран во ноември 2014 година за изградба на два дополнителни нуклеарни реактори. Изградбата на проектот почна во септември 2016 година и се очекува да биде готов за десет години. Сепак, амбициите на Путин не запираат со Иран и сака да ги вклучи и другите умерени регионални актери, а во нив спаѓаат Египет, Турција, Саудиска Арабија, ОАЕ, Мароко и Јордан.
Во 2015 година, „Росатом“ потпиша договори со повеќе арапски земји, вклучувајќи го оној со саудиското кралство за изградба на помали и средни реактори, како и друг прединвестициски договор со Јордан, кој беше повлечен три години подоцна. Но „Росатом“ не се откажа и се надева дека идниот предлог за Јордан да користи мали модуларни реактори ќе се актуализира во иднина. На крајот, фокусот на „Росатом“ на земјите што порано беа дел од орбитата на САД стана атрактивен за Египет и за Турција. Двете земји имаат влијателни улоги во регионалната политика врз основа на нивните стратегиски локации, демографија и културно влијание. Во 2015 година, „Росатом“ потпиша договор со Египет за изградба на нуклеарна централна во близината на Даба на брегот на Средоземно Море со давање руски заем од 25 милијарди долари. Високата цена за Египет, кој веќе се бори со своите надворешни долгови, ја истакнува потребата на Владата во Каиро да ја зајакне позицијата во домашната политика и да бара поддршка надвор од Вашингтон. По посетата на Бајден во Саудиска Арабија во јули, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров отпатува за Каиро, а по неколку дена Египет најави дека „Росатом“ започнал со изградба на првиот нуклеарен реактор во државата, нарекувајќи го „најголемиот проект во руско-египетската соработка“ од 1950-тите години.
Во Турција, исто така во тек е изградба на она што „Росатом“ го нарече „најголемиот проект во историјата на руско-турските односи“. Проектот потекнува од 2010 година, кога Турција склучи договор од 20 милијарди долари со „Росатом“ за изградба на нуклеарна централа, вклучувајќи четири енергетски единици. Напредокот на турската нуклеарна програма може да му помогне на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да ја зацврсти домашна политичка позиција и да ги прошири односите на неговата земја надвор од Вашингтон со други светски играчи како Русија.
Во 2017 година, Мароко исто така потпиша меморандум за соработка со „Росатом“ што ја отвори вратата за повеќе области за билатерална соработка, вклучително, но не ограничувајќи се на помошта на „Росатом“ во развојот на нуклеарна инфраструктура, одржување и испорака на опрема за потребите на националната атомска програма на кралството. Сепак, како во случајот со Јордан, соработката меѓу Мароко и „Росатом“ сè уште не е реализирана. Напредокот исто така беше бавен и во ОАЕ, и покрај тоа што го прифатија регионалното седиште на „Росатом“ во Дубаи и потпишаа меморандум за соработка во 2019 година.
Сепак, Русија е посветена на понатамошна соработка со арапските држави. Развојните потреби, заплеткани со политичката динамика во нестабилниот регион, не ја исклучуваат дополнителната улога за „Росатом“ во идните нуклеарни проекти на Блискиот Исток. За оние што сакаат да ги преиспитаат односите со САД, нуклеарната рака на Путин останува атрактивна опција.