Романија „се бори“ да изведе член на поманското кралско семејство пред лицето на правдата. Имено, 76-годишниот внук на еден од последните романски кралеви, кој е гонет низ Европа поради неговата улога во шема за нелегално враќање на кралското земјиште што му припаѓало на неговиот предок – поранешниот крал на Романија, е осомничен дека основал злосторничко здружување и заговор заедно со „израелски тајкун, со поранешен началник на кабинетот на романскиот премиер, како и со повеќе високи бирократи од романската државна администрација“, кои се осомничени дека земале мито
Романија повторно во центарот на корупциска мегаафера
Малтешката полиција се приближуваше кон нејзината кралска цел. Во облачно априлско попладне на Медитеранот, четворица полицајци во цивил чекореа до влезот на ресортот „Вестин Драгонара“ за да уапсат еден гостин. Принцот Пол од Романија штотуку пристигна до хотелот со пет ѕвезди, неокласична зграда во розова боја со приватна плажа и соби што чинат до 5.000 евра од ноќ и излегуваше од својот автомобил кога полицајците го запреа. Тие спроведуваа европски налог за апсење, како што му рекоа на принцот, велејќи му дека ќе треба да појде со нив. Пол ги убедуваше во својата невиност и побара да оди во својата соба за да земе документи што ќе го докажат тоа, пред да го одведат. Но полицајците одбија да пуштат.
Со апсењето почна последното поглавје во правната сага, која опфаќа период од неколку децении и повеќе европски земји. Во нејзиното средиште е Пол, 76-годишниот внук на еден од последните романски кралеви, кој е гонет низ Европа поради неговата улога во шемата за нелегално враќање на кралското земјиште што му припаѓало на неговиот предок. Меѓу другите инволвирани во заговорот се израелски дијамантски тајкун, поранешен началник на кабинетот на романскиот премиер, кој некогаш бил затворен поради корупција, како и куп бирократи што земале мито.
„Политико“ разговараше исклучиво со принцот, неговата сопруга и неговите адвокати и опфати илјадници страници од правни документи, судски пресуди и транскрипти од прислушувани разговори, за да ја разоткрие сложената и бизарна приказна за наследство и измама во која е вклучен еден од најпознатите матни членови на кралски семејства во Европа.
Принцот се враќа во Романија со падот на комунизмот
Со падот на комунизмот, Пол, кој не бил романски државјанин, иако неговиот британски пасош виден од „Политико“ го наведува неговото полно име како Пол Филип од Романија, веднаш се врати во земјата со која некогаш владееле неговите предци. Тој се вратил во Букурешт во јануари 1990 година, а подоцна и се преселил таму со својата сопруга Лиа, која е родум од Америка.
Но враќањето на прогонетиот принц, трговец со ликовна уметност, кој не зборува романски, не беше популарно меѓу сите. Иако монархијата никогаш не била обновена, Владата ѝ додели церемонијална улога на популарната главна гранка на кралското семејство – предводена прво од вујкото на Пол, кралот Михај Први, а денес од ќерката на кралот, Маргарета, дозволувајќи им да ја користат палатата „Елизабета“ во Букурешт како нивна официјална резиденција. Сепак, Пол е отуѓен од семејството на кралот Михај Први. Но тоа не го спречи да се обиде да создаде улога во романскиот јавен живот. Принцот се кандидираше за претседател на Романија во 2000 година, но освои само 50.000 гласа, или околу 0,5 отсто од излезените. Тој и сопругата Лиа подоцна ја претворија својата петкатна куќа во Букурешт во своевиден неофицијален кралски двор, каде што беа домаќини на достоинственици, амбасадори и познати личности. Кога еден богат бизнисмен со врски со поранешниот романски премиер му пријде на Пол со понуда да му помогне да ги врати старите кралски земји, тоа беше златна можност, тој еднаш засекогаш да ја потврди својата титула.
Штајнмец влегува во приказната
Во 2006 година, Ремус Труица, некогашен шеф на кабинетот на поранешниот премиер Адријан Настасе обвинет за корупција, ги покани Пол и неговата сопруга на неговиот имот крај езерото во близината на шумата Снагов. Во раскошната вила, според судските документи видени од „Политико“, Труица, кој и самиот е моќен бизнисмен и милионер, им понудил договор.
Неговата компанија „Рецифилија“ би можела да помогне во враќањето на оспоруваното земјиште на предците на Пол – шумата Снагов и кралската фарма „Банеаса“, поранешен имот во близината на Букурешт, во име на принцот, и да му плати аванс од четири милиони евра, доколку Пол препише над 50-80 отсто од имотите на „Рецифилија“ за возврат. Земјиштата, за кои има голема побарувачка меѓу градежниците, беа во вкупна вредност од 145 милиони евра, според романските власти. Труица го уверил принцот дека има моќ над локалните функционери и медиуми, како и дека секој политичар што ќе им застане на патот „нема да биде реизбран“, според судските документи. Принцот се согласил на договорот, со што во рок од неколку недели го ставил авансот в џеб.
Проблемите во нивниот однос се појавија кога Пол дозна дека Труица е дел од група со израелскиот милијардер Бењамин Штајнмец и неговата десна рака, Тал Силберштајн, кој понатаму ќе биде политички советник на австрискиот канцелар Кристијан Керн. Всушност, токму Штајнмец, рударски тајкун со богатство првично стекнато со африкански дијаманти, беше вистинскиот финансиер на планот за враќање на старото кралско земјиште, а не Труица, како што беше наведен да верува Пол. „Рецифилија“ беше речиси 90 отсто во сопственост на Штајнмец, а Труица беше помал акционер, според судските документи.
Пол беше исплашен и се обиде да излезе од договорот, но безуспешно. Односот помеѓу принцот, Труица и Штајнмец неповратно се распадна откако Пол ја доби сопственоста на шумата Снагов и кралската фарма „Банеаса“ и ги препиша двата имота на „Рецифилија“, како што беше договорено. Пол рече дека не слушнал речиси ништо од своите партнери по завршувањето на трансферот во 2009 година и не го добил ветениот дел од продажбата на средствата.
За да ја смири загриженоста на принцот, Штајнмец, кој според судските документи бил „ретко присутен во Романија“, претпочитајќи „од сенка“ да ја игра својата улога во заговорот, се сретнал лице в лице со Пол во домот на принцот во Букурешт во 2011 година. Тој побарал од принцот да биде трпелив, бидејќи неговите пари ќе дојдат. Но, како што одминувало време, трпението на Пол го снемало. Загрижен дека е измамен, како што кажа за „Политико“, тој најпосле отиде во полиција во 2015 година за да поднесе пријава.
– Не мислев дека сум направил нешто погрешно. Почувствував дека јас сум тој кому не му ги вратија имотите – рече Пол.
До тој момент, властите веќе го стегаа обрачот околу принцот, Труица, Штајнмец и до групата заговорници, вклучувајќи ги и адвокатите на тројцата мажи и мноштво корумпирани локални службеници вклучени во нелегалната реституција на старите кралски земји.
Долгата рака на законот ги стигна сите заговорници
Во студено декемвриско утро во 2020 година, во тивката станбена улица во Букурешт, полицијата затропала по вратата од домот на Пол. Романскиот највисок суд штотуку ги осуди за корупција, во отсуство, принцот и неговите заговорници, поништувајќи ја претходната ослободителна пресуда, изрекувајќи им затворски казни од три до седум години. Полицајците беа таму за да го приведат. Сопругата на Пол, Лиа, им ја отворила вратата и ги известила дека Пол не е дома. Тој замина на патување во Португалија, рече таа, и не знаеше кога ќе се врати. Набргу потоа, на веб-страницата на Интерпол се појави фотографија од принцот. Тој официјално беше баран човек.
Пресудата на Високиот суд за касација и правда, која е долга на стотици страници и ја доби „Политико“ и на романски и на англиски јазик, ги објаснува матните методи со кои заговорниците на Пол ги користеле своите врски за да ги принудат локалните власти да ја пренесат сопственоста на имотот на принцот.
Транскриптите од прислушуваните телефонски разговори помеѓу Штајнмец и Труица покажуваат дека израелскиот милијардер бил желен да ги заземе романските кралски земји. Улогата на Пол во заговорот беше ограничена, но не помалку важна, според властите. Списокот на лица осудени во врска со заговорот е долг. Ги вклучува Пол, романскиот принц во сенка, корумпираниот поранешен шеф на кабинетот на премиерот, Труица, израелскиот милијардер со дијаманти, Штајнмец и мноштво локални службеници, кои примале мито во замена за пренос на десетици хектари земјиште во сопственост на државата на Пол. Сите тие, како што пресуди највисокиот суд на Романија, биле на различни начини вмешани во софистицирана шема за измама на државата, заради стекнување земјиште што некогаш било во сопственост на романскиот крал. Вкупно 19 лица беа осудени на затворски казни.
Пол беше осуден на три и пол години затвор, Труица на седум години и ставен зад решетки, а Штајнмец беше осуден на пет години. Тој беше уапсен во Грција, а потоа и на Кипар, каде што успешно ги одби романските барања за екстрадиција со образложение дека условите во романските затвори се нехумани, според пресудите на судот во Атина и Никозија, до кои дојде „Политико“.
Полицијата најпосле го фати Пол, не во Португалија, туку во неговата родна Франција, запирајќи го на улица во Париз во јуни 2022 година. Романските власти издадоа европски налог за апсење, што значи дека тој може да биде приведен каде било во ЕУ и екстрадиран кон Романија. Пол и неговите адвокати бараа да се одбие барањето за екстрадиција. Тие ја прикажаа неговата пресуда како политички прогон од страна на премногу ревносни обвинители со предрасуди, комплицирајќи го она што требаше да биде лесен случај. Тој беше неспорно биолошки внук на кралот Карол Втори, тврдеа тие, а со тоа и вистинскиот наследник на земјиштето на починатиот монарх. Тие, исто така, ја искористија процедуралната нерегуларност во случајот: двајца од романските судии што го осудија Пол не положија соодветно заклетва.
Францускиот суд пресуди во корист на Пол и одби да го екстрадира во Романија, откривајќи дека поради тоа што судиите не ја положиле својата заклетва, принцот не можел да добие правично судење. Адвокатскиот тим на принцот, исто така, успешно ја оспорил потерницата на Интерпол, што беше избришана. Засега барем, Пол беше слободен човек.
Адвокатот на Пол, Едвард Грифит, потоа имаше лошо чувство за патување на принцот на Малта, во април годинава. Откако полицијата го уапси таму, тој беше однесен на судско рочиште каде што му беше одбиена кауција, при што судијата утврди дека злосторствата за кои беше осуден во Романија се премногу сериозни за да го остави на слобода. Следните два месеца Пол ги помина зад решетки.
До моментот кога беше пуштен со кауција во јули, црната коса на Пол беше побелена. Не можејќи да ја напушти Малта, тој зеде соба во хотелот „Радисон Блу“ во близината на главниот град Валета, додека неговите адвокати се бореа против романското барање за екстрадиција. Еден месец подоцна, на 12 август, тој ја доби одлуката што ја чекаше: Апелациониот суд на Малта одби да го екстрадира во Романија бидејќи утврди дека условите во романските затвори се несоодветни. И покрај тоа што Букурешт испрати делегација од функционери од своето Министерство за правда и затворската служба, судот на Малта, повторувајќи ја претходната одлука во Франција, како и оние за Штајнмец во Кипар и Грција, не беше задоволен со објаснувањето дека принцот ќе биде безбеден во романски притвор.
Додека стоеше пред судот во Валета со своите адвокати и поддржувачи, принцот ја сподели својата радост во телефонски повик со „Политико“. Со пресудата во Романија и европскиот налог за апсење што сè уште му виси над главата, Пол сепак може да се соочи со апсење во 25 земји членки на ЕУ. По одлуката на Малта, романскиот министер за правда вети дека ќе продолжи да го гони принцот.
Но, Пол, чија приказна е испреплетена со онаа на Романија рече дека нема да се откаже од своето право на старите кралски земјишта и додаде дека е подготвен за следното поглавје.
– Не сум победен, во борбено расположение сум – заклучува Пол.