Овој робот, висок 1,22 метар, е опремен со напреден хардвер, вклучувајќи и осумјадрен процесор, со „23 степени на слобода“ преку спојниците на активаторот на неговите раце. На рацете има по три прста, кои му овозможуваат да извршува прецизни задачи како што се лемење, манипулирање со чувствителни предмети, па дури и вртење на храната во тава. Дополнително, вградената вештачка интелигенција постојано ќе го учи роботот на нови задачи
Кина почнува масовно производство на хуманоидни роботи
Кинеската компанија „Јунитри роботикс“ се подготвува за масовно производство на својот најнов хуманоиден робот, моделот Г1, чија цена изнесува 16.000 долари, што, како што забележаа светските медиуми, изгледа како разумна цена за робот што изгледа исклучително способно.
Г1 е надградена верзија на хуманоидниот робот Х1 што компанијата го претстави минатата година. Овој робот, висок 1,22 метар, е опремен со напреден хардвер, вклучувајќи и осумјадрен процесор, со „23 степени на слобода“ преку спојниците на активаторот на неговите раце. На рацете има по три прста, кои му овозможуваат да извршува прецизни задачи како што се лемење и ракување со чувствителни предмети. Дополнително, вградената вештачка интелигенција постојано ќе го учи роботот да извршува нови задачи.
Роботот користи и софистициран систем за гледање со камера што му овозможува тридимензионално да го согледа околниот простор. Г1 може да се движи со брзина од 4,4 километри на час, да скока, па дури и да се качува по скали преполни со градежен шут. Роботот може да се преклопи за полесен транспорт и складирање. Сепак, со тежината од 35 килограми и прикачената двочасовна батерија од девет илјади милиампери по час, Г1 дефинитивно не е лесен.
Неверојатна разлика во цената
И покрај неговите импресивни способности, Г1 првенствено е наменет за истражување и учење со имитација, користејќи го комерцијалниот модел УнифоЛМ на „Јунитри“. Иако може да извршува различни задачи, тој не е подготвен веднаш да ги замени човечките работници или да стане личен асистент како роботот Рози од анимираниот детски серијал „Џетсонови“.
Пред да ги претстави хуманоидните роботи, „Јунитри“ беше најпознат по своите четириножни роботи дизајнирани да бидат со слична способност како роботот Спот од „Бостон динамикс“, само значително помали и поевтини. Додека Спот може да се купи за 74.500 долари, почетната цена на моделот Јунитри Го2 е 1.600 долари.
Се очекува Г1 да биде еден од првите прифатливи хуманоидни роботи на пазарот, иако датумот на издавање сè уште не е објавен. Купувачите што ќе се одлучат за Г1 ќе треба да бидат свесни дека на роботот ќе му треба значителна обука пред да стане целосно функционален во секојдневните задачи.
Роботите имаат потенцијал да станат присутни во секое домаќинство
Секако, роботите за помош во домаќинството би можеле да станат производ што ќе го симболизира подемот на Кина во роботиката. Денес, САД или Западот воопшто немаат сличен конкурентен производ. Од „Тесла“ најавија дека ќе направат робот наречен Оптимус, но оваа компанија веќе заостанува најмалку две години зад Кинезите. Сопственикот на „Тесла“, Илон Маск, изјави дека Оптимус ќе влезе во ограничено производство в година, а потоа ќе бидат потребни барем уште една или две години за масовно производство.
Овој тип хуманоид навистина има голем потенцијал, со што се смета дека ваквите технолошки достигнувања ќе станат присутни во секое домаќинство, откако ќе достигнат поповолна цена (од нешто под пет илјади долари) и ќе бидат обучени да ги извршуваат сите домашни работи – готвење, градинарство, чистење и слично.
Иако добар дел од јавноста сѐ уште е скептична за роботите, се смета дека оваа технологија навистина може да биде уште потрансформативна за општеството, отколку појавата на автомобилот или интернетот. И фактот дека Кина води во овој тренд исто така ќе биде значаен или веќе претставува симбол дека сме во сосема нов свет.