Македонскиот амбасадор во НР Кина, Сашко Насев

Кина се издвојува како четврти најголем трговски партнер на Македонија, со вкупна трговска размена од 1,22 милијарда долари. Имајќи ја предвид досегашната економска соработка помеѓу двете држави, македонскиот амбасадор во Кина, Сашко Насев, се осврна на можностите за нејзино проширување во разговор за кинеската државна телевизија „Си-џи-ти-ен“

Интервју на македонскиот амбасадор во НР Кина, Сашко Насев, за кинеската телевизија „Си-џи-ти-ен“

Економската соработка помеѓу Македонија и Кина и можностите за нејзино проширување преку инвестиции и пренесување на знаењата од кинеската индустрија беа главни теми во интервјуто на македонскиот амбасадор во Пекинг, Сашко Насев, за кинеската државна телевизија „Си-џи-ти-ен“. Македонскиот дипломат исто така се осврна и на неговите досегашни средби со кинескиот претседател Си Џинпинг, а ги изнесе и неговите гледишта за односите помеѓу Кина и Европската Унија по повод одбележувањето 50 години од меѓусебните дипломатски врски.

Минатата година вкупната трговска размена помеѓу Кина и Северна Македонија достигна 1,22 милијарда долари, правејќи ја Кина исклучително клучен трговски партнер на Северна Македонија. Што е најважниот аспект од економската соработка помеѓу двете држави?
– Всушност, ние увезовме една милијарда, а извезовме 200 милиони. За мала држава со мала економија како македонската, тоа се навистина добри бројки. Кина е наш четврти најважен трговски партнер и мислам дека како држава работиме на зголемување на соработката. Се надевам дека во претстојниот период од три-четири години ќе имаме и поголеми бројки. Ние да извезуваме малку повеќе во Народна Република Кина и вие да инвестирате малку повеќе во мојата земја.

Вие своевремено рековте дека Кина не е само голем пазар, туку служи и како клучна платформа за инвестирање за големи глобални претпријатија. Како го оценувате неодамнешниот развој на кинеската економија? Дали кинескиот пазар е атрактивен за претпријатијата од С. Македонија?
– Се разбира. Знаете, јас сум од Европа. Ние долго време ѝ припаѓаме на современата европска ситуација, но според моето лично мислење многу држави, илјадници претпријатија и компании се присутни тука во Народна Република Кина. Зошто? Поради брзорастечката економија. Кинеската економија е индустријата во сите полиња, но и модерните производи, како што се вештачката интелигенција, мобилните телефони и компјутерите. Тоа е неверојатно за сите, а особено за така мала економија каква што сме ние. Би сакале да стекнеме знаење од вас. Ние исто така се обидуваме да привлечеме странски инвеститори во нашата земја. Имаме многу фабрики, како на пример во автомобилската и текстилната индустрија. Но, според моето лично мислење, вие првенствено сте вредни луѓе, паметни инженери и лидери на полето на производството и економијата. Веројатно најголемиот и исклучително уникатен пазар е атрактивен за големите економии, а за нас, како мала економија, тој е најатрактивен.
Се сретнавте со претседателот Си Џинпинг трипати. Можете ли да споделите некои забележителни моменти од тие средби?
– Имав можност да ги слушам говорите на претседателот Си. Кога славевте 70 години од темелите на вашата надворешна политика, според кинеските гледишта за современа надворешна политика. Особено ми се допаѓа еден од кинеските принципи според кој за Кина не е важна големината на земјата, туку меѓународното право. Вторпат се сретнавме кога јас и мојата сопруга бевме поканети заедно со дипломатскиот кор на посебен настан, на вечерата посветена на вашиот празник, Први октомври, во Народниот конгрес тука. И третпат, лично се сретнав со претседателот Си кога ги предадов акредитивите. Според моите претходни искуства, можам да кажам дека имавме силен, цврст и убав начин за промоција на дипломатските напори за пријателство, па тоа беше навистина убаво искуство. Се надевам дека ќе продолжиме да ги имаме овие можности и дека ќе имаме можност, како и претходно, за дел од лидерите од мојата држава да дојдат тука, да го посетат Пекинг и да се сретнат со вашите функционери.

Фото: ЦГТН

Годинава се одбележуваат 50 години од дипломатските односи помеѓу Кина и Европската Унија. Знаеме дека С. Македонија цели да стане членка на ЕУ. Како очекувате да се развиваат односите помеѓу Кина и Европа во следните неколку години?
– Се надевам дека соработката ќе се зголеми на многу полиња. Знаете дека нашата соработка со ЕУ е искрена. Имаме стоотстотно иста надворешна политика со ЕУ. Ние најдолго време сме кандидат за членство. Моите очекувања не се реални бидејќи не застапувам земја од ЕУ. Но можам да издвојам одредени мислења на големите европски лидери. Според моите сознанија, сите европски лидери сакаат добри односи со Кина. Да развијат не само економска туку и културна соработка, како и туристички понуди. Исто така, знам дека вашите функционери сакаат да имаат добри односи со државите од ЕУ. А во таа смисла и со нас исто така. Ако не грешам, прочитав некаде во весник дека бројот на туристи од ЕУ што доаѓаат тука е зголемен, што е добро. Исто така, традиционалните врски што ги имате вие со дел од земјите во ЕУ траат можеби повеќе од сто години. Тие се исто така важни бидејќи постои почит помеѓу државите од ЕУ и Кина. Тие имаат почит бидејќи Кина исто така стана многу важна и развиена држава, како оние во Европа, па се надевам дека соработката ќе биде подлабока и поголема, особено во економијата, културата, туризмот, како и на сите други полиња.

Милко Живковиќ, наш известувач од Кина