
Податоците открија дека публиката од 60.415 луѓе генерирала сеизмичка активност по секој гол
Навивачите на Ливерпул што ја славеле историската победа на клубот над Тотенхем хотспур на „Енфилд“ предизвикале серија потреси, открија универзитетските научници.
Екипата на Арне Слот ја обезбеди 20. титула на клубот во Премиерлигата, победувајќи го Тотенхем со 5-1 пред преполниот стадион „Енфилд“ на 27 април.
Најзначајниот потрес беше предизвикан од ударот на Алексис Мекалистер во 24-та минута, кој го донесе Ливерпул во водство од 2-1 и регистрира врвна магнитуда од 1,74 степен според Рихтеровата скала.
Податоците беа снимени од страна на земјолози од Универзитетот во Ливерпул со употреба на опрема што се користи за откривање земјотреси.
Студијата ја спроведоа д-р Антоан Септје, д-р Фарназ Камранзад и професорот Бен Едвардс од Одделот за науки за земјата, океанот и животната средина на Универзитетот во партнерство со клубот.
„Слично како природните сеизмички настани, овие голови предизвикаа експлозии на тресење на земјата, предизвикани од чистата страст на навивачите на Ливерпул“, рече професорот Бен Едвардс. „Нивниот ентузијазам беше буквално доволно моќен за да ја помести земјата“.
Податоците открија дека публиката од 60.415 луѓе генерирала вистинска сеизмичка активност, особено како одговор на головите постигнати за време на натпреварот.
Вториот најголем потрес беше со јачина од 1,60 степен и следуваше по голот на Мо Салах пред Коп во второто полувреме.
Погодокот на Коди Гакпо беше со јачина од 1,03 степен, автоголот на Дестини Удоги беше 1,35, а првично поништениот израмнувачки гол на Луис Дијаз беше 0,64.
Д-р Фарназ Камранзад рече дека иако потресите биле мали и не доволно силни за да се почувствуваат на трибините, тие биле доволно моќни „за да остават јасен и траен белег на ’Енфилд’“.
„Секое навивање, секоја прослава, остава трага под нашите нозе, сеизмички отпечаток од колективна радост, запишан во меморијата на земјата долго по последниот свиреж“, рече таа.
Д-р Антоан Септје рече дека се надева оти експериментот ќе инспирира нова генерација сеизмолози.
„Се надевам дека прикажувањето на овие податоци ќе предизвика иновативни идеи за потенцијални апликации, можеби дури и за подобрување на искуството на стадионот“, рече тој.